Достапни линкови

Ципрас сака да ги повлече мерките за штедење во Грција


Лидерот на грчката партија Нова демократија Андонис Самарас синоќа категорично го отфрли условот за состав на коалициската влада на Грција, поставен од лидерот на радикалната левица СИРИЗА, Алексис Ципрас.

Лидерот на СИРИЗА побара од Самарас да ги повлече преземените ангажмани до ЕУ и ММФ за штедење во замена за кредитите. Ципрас му го постави истиот услов и на лидерот на социјалистите Евангелос Венизелос. Ципрас доби мандат од претседателот Каролос Папуљас за состав на коалициска влада, откако лидерот на Нова демократија Самарас не успеа да формира Кабинет. Тој изјави дека посветеноста на Грција на програмата за штедење повеќе не е важна бидејќи таа беше отфрлена од гласачите.

Резултатите од изборите одржани во неделата на кои ниту една партија не освои доволен број гласови за сама да формира влада отвори нови прашања за опстанокот на Грција во еврозоната. Грција идниот месец треба да усвои нови мерки за штедење во висина од милијарда евра со цел да добие нова транша помош. Доколку Ципрас во следните три дена не успее да формира влада, мандатот ќе биде предаден на лидерот на ПАСОК Евангелос Венизелос. Во случај никој да не успее да формира влада, претседателот Каролос Папуљас ќе одржи заеднички состанок и ќе ги повика на формирање влада на национално единство. Во случај да пропадне и тој последен обид тогаш Грција ја чекаат нови избори во јуни.
XS
SM
MD
LG