Достапни линкови

Осомничените за петкратното убиство изведени пред суд


Осомничените за петкратното убиство денеска се изведени пред суд. МВР ги сомничи за тероризам.

Дваесеттемина уапсени во полициската акција „Монструм“ од утрово се однесени во скопскиот Кривичен суд, каде што според упатените се очекува да им биде изречена мерка притвор. Министерството за внатрешни работи информира дека за сите за кои полицијата има докази дека биле дел од масакрот кај Смилковци, се поднесени кривични пријави за сторено кривично дело тероризам.
Остануваме на ставот дека убијците се само убијци со име и презиме независно од нивната етничка и национална припадност, меѓутоа засега може да зборуваме за осомничени за убиство коешто ќе треба да се докаже во судска постапка.

Најголемиот дел од приведените се македонски државјани, следбеници на радикалниот ислам. Министерката Гордана Јанкулоска изјави дека меѓу уапсените има и лица кои се директно вклучени во убиството на петте рибари. Според Јанкулоска, главниот мотив најверојатно е нивната идеја за убивање во радикалниот ислам, а целта е да се создаде чувство на страв кај пошироката јавност.

Засега од политичките партии со реакција се огласи само ДУИ. Бујар Османи од оваа партија изјави дека ДУИ била најзаинтересирана да се реши побрзо случајот, за да се спречи прејудицирањето на етничката припадност на сторителите.

„Остануваме на ставот дека убијците се само убијци со име и презиме независно од нивната етничка и национална припадност, меѓутоа засега може да зборуваме за осомничени за убиство коешто ќе треба да се докаже во судска постапка“, изјави Османи.

Социјалдемократскиот сојуз и Демократската партија на Албанците за подоцна најавија реакции за полициската акција Монструм. Во текот на денот се очекува и писмена реакција од претставниците на Меѓународната заедница во земјава.

Инаку при извршените претреси во 26 објекти, во Арачиново, Шуто Оризари, Чаир и Ченто и во активностите во полициската акција „Mонструм“, пронајдено е поголемо количество оружје, литература која укажува на идеолошката припадност на овие лица и други предмети, кои би можеле да бидат или се користени при извршување кривични дела. Во тек е вештачење дали пронајденото оружје е користено во петкратното убиство. Досегашната истрага потврдила дека жртвите биле случајно избрани и дека не е пронајдена никаква поврзаност со нивните егзекутори.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG