Достапни линкови

Нема причина за првомајско славје


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Едно напред, три назад. На секое подобрување на работничките права, следуваат неколку уназадувања, велат експертите.

Нема причина за славје и задоволство затоа што работничките права во државата од ден на ден се влошуваат, велат експертите за трудово право со кои разговаравме. Професор Здравко Савески вели дека во случај кога има еден успех, како утврдувањето на минималната плата, во серија со неколку неуспеси, нема простор за задоволство. Тој смета дека синдикатите за плашат да повикаат на првомајски протести.
Истиот ден, 23 јануари 2012, кога е донесен Законот за минимална плата, се извршени измени во Законот за вработеност, според кој правата на оние што ќе останат технолошки вишок се намалени.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Инетртноста на синдикатите може да се должи на две работи. Тоа што самите не се способни правилно да ја оценат работата и сакаат да се извлечат од својата одговорност за заштита на работничките права и второ, невербата кај нив дека ако закажат протест, работниците навистина ќе дојдат на протест, а нема да одат по ливади и по скари.“
Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Претседателот на ССМ Живко Митревски вчера изјави дека синдикатот решил да го одбележи празникот во работна атмосфера со конкретни работни средби и работилници за обука за евентуалното донесување на Законот за мобинг. Тој вели дека синдикатот презема конкретни активности за подобрување на правата на работниците и оти нема потреба од првомајски протест.
Не сме обременети со она што значи дали треба да посегнеме повторно по одреден колоритет кој беше специфичен за одредени други времиња кој за жал, барем според анализите на синдикатите, не даваше некој резултат.
Живко Митревски, претседател на ССМ..

„Не сме обременети со она што значи дали треба да посегнеме повторно по одреден колоритет кој беше специфичен за одредени други времиња кој за жал, барем според анализите на синдикатите, не даваше некој резултат“, вели Митревски.

Савески, пак, забележува дека Синдикатот се фали со донесувањето на законот за минимална плата, но премолчува дека истовремено се скратени други права.

„Истиот ден, 23 јануари 2012, кога е донесен Законот за минимална плата, се извршени измени во Законот за вработеност, според кој правата на оние што ќе останат технолошки вишок се намалени“, вели Савески.

Димитар Апасиев од движењето за социјална правда „Ленка“ вели дека тие како движење се против бирократизираните синдикати, но не секогаш вината може да се лоцира во синдикатите, туку и во работниците.

„Единствен начин да се борите за вашите права е да формирате Синдикат и да ги трпите последиците од тоа. Проблемот е што кај нас работниците многу малку се осмелуваат да формираат синдикат, тоа можеби е и поради нивната тешка социјална положба, тие се принудени да ги трпат сите они понижувања за да си ја заработат својата дневница и на крај памет не им доаѓа да формираат синдикат.“

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, пак, вчера изјави дека состојбата во Македонија е подобра отколку во западноевропските земји и затоа во земјава нема масовни штајкови за 1 Мај.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG