Достапни линкови

Вести

Амнести Интернешнел: Муслиманите во Европа дискриминирани

Амнести Интернешнел соопшти дека муслиманите во европските земји честопати одбиваат можности за вработување илиу образование поради раширената културна и религиозна дискриминација против нив. Во извештајот, објавен денеска, се содржани заклучоци од истражувањето за животот на муслиманите во Франција, Белгија, Шпанија и Холандија. Една од констатациите е дека луѓето што носат одредени делови од облека поврзани со исламот, имаат помали можности за вработување и образование, главно поради предрасудите. Амнести интернешнел наведува дека перцепцијата за муслиманите во европските земји е дека тие се добри се додека не се премногу видливи.

види ги сите денешни вести

Макрон предупредува: Постои ризик нашата Европа да умре

Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот за иднината на Европа на Универзитетот Сорбона, 25 април 2024 година.
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот за иднината на Европа на Универзитетот Сорбона, 25 април 2024 година.

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на посилна, поинтегрирана европска одбрана и рече дека континентот не смее да стане „вазал“ на САД, за време на говорот во кој ја истакна неговата визија за посилна Европска Унија на глобалната сцена.

Макрон исто така рече дека однесувањето на Русија е „недозволиво“ и дека веќе не е јасно каде лежат „границите“ на Москва. Тој додаде дека не смее да и се дозволи на Русија да победи во Украина.

Во говорот во амфитеатарот на Универзитетот Сорбона во Париз, Макрон, исто така, рече дека Кина и Русија не ги следат глобалните трговски правила и ја повика Европската Унија да ја промени својата трговска политика.

„Постои ризик нашата Европа да умре. Ние не сме подготвени да се соочиме со ризиците“, рече Макрон во говорот во Париз, предупредувајќи дека воените, економските и другите притисоци може да ја ослабат и поделат Европската Унија.

Остануваат уште три години од неговиот втор и последен мандат по губењето на парламентарното мнозинство во 2022 година, а Макрон сака да им покаже на критичарите дека сè уште има енергија и свежи размислувања кои му помогнаа да стане претседател во 2017 година.

Макрон се врати на истите теми од говорот што го одржа во септември 2017 година, неколку месеци по преземањето на функцијата на истата локација. Сепак, седум години подоцна контекстот е различен и го одбележуваат теми како Брегзит, пандемијата со ковид-19 и руската инвазија на Украина.

Макрон го застапува концептот на европска стратешка автономија во економијата и одбраната, тврдејќи дека Европа мора да се соочи со кризи како руската инвазија на Украина без да се потпира на САД.

Тој ја повика Европа да биде повеќе одговорна за својата судбина, нагласувајќи дека во минатото била премногу зависна од Русија за енергија, а од Вашингтон за безбедност.

„Мораме самите да го изградиме овој стратешки концепт на кредибилна европска одбрана“, рече Макрон, додавајќи дека Европа не може да биде „вазал“ на САД.

Тој рече дека во наредните месеци ќе побара предлози од европските партнери и додаде дека на Европа и требаат сопствени капацитети во сајбер одбраната и сајбер безбедноста.

По Брегзит и заминувањето на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, многумина го гледаат Макрон како главен европски лидер.

Но, популарноста на францускиот претседател е во опаѓање, а неговата централистичка партија заостанува зад екстремно десничарските партии на анкетите пред изборите за Европскиот парламент во јуни.

Зеленски повика на построги санкции против Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќање пред Советот на Украина и НАТО на 19 април, 2024 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќање пред Советот на Украина и НАТО на 19 април, 2024 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на продолжување на меѓународните санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина додека Киев се бори против вооружените сили на Москва.

Зеленски ова го изјави денеска, 25 април, за време на средбата со британскиот министер за финансии Џереми Хант во Киев, со кого разговараше за состојбата во Украина и потребата од порестриктивни мерки против Русија кои ќе биде потешко да се избегнат.

„Посебно внимание посветивме на политиката на санкции. Важно е да се прошират рестриктивните мерки против Русија и да се оневозможи заобиколувањето на санкциите“, напиша Зеленски на платформата Х.

Зеленски, исто така, и се заблагодари на Британија за новиот пакет воена помош што го објави премиерот Риши Сунак претходно оваа недела.

Пакетот вреден 622 милиони долари, најголемиот досега од Британија, Сунак го објави за време на посетата на Полска на 23 април. Со ова вкупниот износ на воена помош што Лондон и ја вети на Украина оваа година се искачи на 3,71 милијарди долари.

Велика Британија, еден од најверните сојузници на Украина, исто така порача дека ќе го испрати досега најголемиот единствен пакет помош со воена опрема за Украина.

„Им благодарам на народот, на Владата, на премиерот и на Парламентот на Обединетото Кралство за нивната поддршка кон Украина уште од почетокот на руската инвазија. Ние навистина многу го цениме партнерството на нашите земји“, напиша Зеленски на X.

Посетата на Хант доаѓа откако американскиот претседател Џо Бајден го потпиша законот за долго одложуваниот пакет воена помош од 61 милијарда долари, кој го усвои Сенатот на 24 април.

Бајден рече дека очајно потребната помош, вклучително и повеќе системи за противвоздушна одбрана, ќе почне повторно да пристигнува во Украина неколку часа по одобрувањето на пакетот помош.

Неколку цивили беа ранети, а инфраструктурата беше оштетена од руското гранатирање на 25 април во неколку украински региони.

Таткото на Вања Ѓорчевска оди во домашен притвор

Таткото на убиената Вања заедно со неговиот адвокат во Врховниот суд на Северна Македонија, 13 март 2024 година.
Таткото на убиената Вања заедно со неговиот адвокат во Врховниот суд на Северна Македонија, 13 март 2024 година.

Врховниот суд денеска, 25 април, ја уважи уважи жалбата на таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, со што ја укина определената мерка притвор и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, соопштија денеска од Врховен.

Денешната седница всушност беше втора јавна седница пред Врховниот суд по мерката притвор на таткото на Вања, откако во март годинава Врховен ја одби како неоснована жалбата против мерката притвор на Ѓорчевски, по решението на Апелациониот суд Скопје.

Таткото на Вања е осомничен за помагање во грабнување на неговата малолетна ќерка Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

За двете убиства, за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје.

По предлог на надлежен обвинител беше укинат притворот на Стефан Димовски, возачот на Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за помагање при неговото бегство. На Димовски му се определени мерки на претпазливост - забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд.

Песков: Испораката на американски ракети со долг дострел за Киев нема да промени ништо во конфликтот

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Испораката на американските ракети ATACMS на Украина нема да промени ништо во конфликтот, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, еден ден по најавата од Вашингтон за испраќање на овие ракети со долг дострел во Киев.

„Соединетите Држави се директно вклучени во овој конфликт, тие тргнаа на патека насочена кон зголемување на опсегот на вооружениот систем“, рече Песков.

Тој додаде дека испраќањето ракети нема да може да го промени „исходот од специјалната воена операција“.

„Украина првпат почна да користи балистички ракети со долг дострел, кои тајно и беа доставени од Соединетите Држави, кога бомбардираше руски воен аеродром на Крим минатата недела и руски сили во друга окупирана област“, објавија вчера американските власти.

ATACMS (кратенка од Армиски тактички ракетен систем) има поголем дострел, до 300 километри од верзијата на оружјето од 165 километри што го обезбедија САД во октомври.

Тие беа дел од пакетот помош за Украина во март, а не оној штотуку одобрен од Конгресот и потпишан од Бајден претходно на 24 април.

Оружјето се испраќа во критично време додека Русија продолжува да напредува на бојното поле во источниот регион Доњецк.

Администрацијата на Бајден одби да ги испрати порано поради загриженост дека ќе ризикува дополнително ескалација на конфликтот. Според новинските извештаи кои цитираат неидентификувани официјални лица, употребата на Русија на балистички ракети со долг дострел испорачани од Северна Кореја против Украина во декември и јануари доведе до промена на мислењето.

„Континуираното руско таргетирање на критичната инфраструктура на Украина исто така беше фактор“, рече официјален претставник на американската администрација.

Предлог-законот за воена помош потпишан од Бајден му го отвора патот на Пентагон да објави пакет помош што вклучува очајно потребна артилерија и противвоздушна муниција.

Шеснаесет земји побараа итно ослободување на заложниците во Газа

илустрација
илустрација

Шеснаесет земји во заедничка изјава повикаа на итно ослободување на заложниците во Газа, нагласувајќи дека тоа ќе придонесе за прекин на огнот и ќе овозможи испорака на хуманитарна помош.

„Ние силно ги поддржуваме тековните посреднички напори за враќање на нашиот народ дома. Го повторуваме нашиот повик до Хамас да ги ослободи заложниците и да ни дозволи да ставиме крај на оваа криза, за да можеме заеднички да ги фокусираме нашите напори за воспоставување мир и стабилност во регионот“, се додава во заедничката изјава на Аргентина, Австрија, Бразил, Бугарија, Канада, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Полска, Португалија, Романија, Србија, Шпанија, Тајланд, Обединетото Кралство и САД.

Во текстот се нагласува дека „договорот за ослободување на заложниците ќе доведе до итен и продолжен прекин на огнот во Газа, што ќе овозможи испорака на дополнителна неопходна хуманитарна помош да се достави низ Газа и да доведе до сигурен крај на непријателствата“ и „жителите на Газа ќе можат да се вратат во своите домови и имоти со претходно направени подготовки за обезбедување засолниште и хуманитарна помош“.

Инаку преговорите меѓу Израел и Хамас (организација која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација) за обезбедување примирје во Газа и размена на заложници се во застој.

Катар, заедно со Соединетите Држави и Египет, е ангажиран во неколкунеделни разговори за да се обезбеди примирје во Газа и ослободување на израелските заложници во замена за палестинските затвореници кои се чуваат во израелските затвори.

Војната во Појасот Газа избувна откако Хамас изврши напади во Израел на 7 октомври минатата година, кога според израелските податоци загинаа 1200 луѓе, а беа земени 253 заложници.

Во Брисел нова средба за употребата на српскиот динар во Косово

илустрација
илустрација

Главните преговарачи на Косово и Србија во дијалогот за нормализација на односите, денеска (25 април) ќе одржат нови средби во Брисел за да продолжат со напорите за изнаоѓање решение за трансфер на финансиски средства во динари од Србија на Косово.

Ова ќе биде петта средба на главните преговарачи на двете земји за прашањето на српскиот динар, чија употреба на Косово беше забранета во февруари.

За оваа тема ќе се сретнат Бесник Бислими од Косово и Петар Петковиќ од Србија со специјалниот пратеник на Европската Унија, Мирослав Лајчак. Можни се и заеднички средби меѓу нив, доколку постои волја на страните за такво нешто.

Со новата регулатива на Централната банка на Косово (ЦБК), еврото од 1 февруари е назначено како единствена валута во Косово за готовински плаќања. Стапувањето на сила на оваа уредба ја налути Србија, која преку државниот буџет им испраќа финансиска помош на Србите кои живеат на Косово.

Меѓународната заедница побара од Косово да ја суспендира оваа регулатива, за да им даде време на граѓаните да се прилагодат на новата практика.

Косовските Срби во потрага по готовина поради забраната на динарот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Сепак, Владата на Косово инсистираше дека тоа е независна одлука на ЦБК, а не политичка одлука.

На претходните состаноци во Брисел за ова прашање беа изнесени повеќе предлози за изнаоѓање решение според кое Србија би можела да ги исплати корисниците на финансиската помош во Косово.

Лајчак во вторникот, два дена пред денешната средба, изјави дека работи на изнаоѓање решение за ова прашање.

ОН: Речиси 282 милиони луѓе ширум светот се соочиле со акутен глад

Појас Газа, 2024 година
Појас Газа, 2024 година

Речиси 282 милиони луѓе во 59 земји се соочија со акутен глад во 2023 година, а појасот Газа беше територијата на која минатата година најмногу луѓе страдаа од глад, се наведува во извештај на Обединетите Нации.

Во извештајот се вели дека во 2023 година бројот на луѓе кои се соочиле со акутен глад се зголемил за 24 милиони во споредба со 2022 година поради наглото влошување во сигурноста на снабдувањето со храна, особено во Појасот Газа и Судан. Исто така, се нагласува дека ОН го зголемиле бројот на земји во кои го следат снабдувањето со храна во однос на 2022 година.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во воведот на извештајот изјави дека тој претставува „прозивка за неуспесите на човештвото“ и оти „во свет на изобилие, деца умираат од глад“ и повика на итен одговор на меѓународната заедница на наодите од извештајот, кој би вклучувал трансформација на глобалниот систем за снабдување со храна и зголемување на помошта за најзагрозените области.

„Конфликтите што избувнаа во последните 12 месеци доведоа до катастрофална глобална ситуација“, нагласи Гутереш.

Главниот економист на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), Максимо Тореро, рече дека 705 000 луѓе во пет земји се во петта фаза, највисоко ниво на скалата на глад утврдена од меѓународни експерти, што е највисока бројка откако се изготвува глобалниот извештај од 2016 година, а минатата година се зголеми за четири пати во споредба со таа почетна година.

Повеќе од 80 отсто од луѓето кои се соочуваат со глад, 577 000 од нив, се во Појасот Газа, рече Тореро. Според него, илјадници луѓе се соочуваат со катастрофален глад во Јужен Судан, Буркина Фасо, Сомалија и Мали.

Според проценките на ОН, околу 1,1 милион луѓе во Појасот Газа и 79 000 во Јужен Судан ќе се соочат со екстремен глад до јули. Исто така, се истакнува дека конфликтот на Хаити ќе продолжи да влијае на несигурноста на храната во таа земја, каде вооружени банди контролираат голем дел од главниот град Порт-о-Пренс.

Сикорски: Рускиот напад врз НАТО би завршил со пораз на Москва

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во денешното обраќање пред Парламентот рече дека евентуалниот руски напад врз НАТО ќе заврши со пораз на Русија и дека Алијансата мора да ги зголеми инвестициите во својата одбрана.

Сикорски ги изложи приоритетите на Владата на премиерот Доналд Туск, која се обидува да покаже лидерство во Европа поради зголемените стравувања дека руската агресија нема да престане во Украина.

Сикорски изјави дека развојот и безбедноста на Полска треба да се заснова на трансатлантска соработка и европска интеграција, а го истакна и значењето на пријателството со Германија.

Тој ја обвини претходната влада на партијата Право и правда, која ја предводеше Полска од 2015 до 2023 година, дека избрала конфронтација со ЕУ.

Папата Франциск за војните во Украина и Газа: Договорен мир е подобар од бескрајна војна

Папата Франциск
Папата Франциск

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск ги повика завојуваните страни во Украина и Газа да преговараат за мир бидејќи „договорениот мир е подобар од бескрајна војна“.

„Ги молам, земјите во војна, сите нив, прекинете ја војната. Барајте преговори, барајте мир“, рече папата во интервју за Си-Би-Ес Њуз.

Папата кажа дека секојдневно е во контакт со свештениците од Газа за да ги праша за нивните искуства и дека може да помогне да се постигне мир само преку молитва.

Зборувајќи за влијанието на војната во Украина врз децата, папата додаде дека „тие деца заборавиле како да се насмевнат“.

„Многу е тешко кога детето ќе заборави да се смее. Тоа е многу сериозно“, додаде првиот човек на римокатоличката црква.

Украина останува цврста да не се ангажира директно со Русија на мировните разговори.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неколку пати рече дека иницијативата во мировните преговори мора да и припадне на земјата која е нападната.

Русија започна целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Русија објави договор за размена на деца со Украина

Руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова
Руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова

На 24 април, руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова објави договор со Украина за размена на речиси 50 деца раселени поради инвазијата на Москва, но украински функционер одби да го потврди договорот.

Марија Лвова-Белова најави дека 29 деца треба да заминат во Украина, а 19 во Русија. Таа рече дека договорот е постигнат во „разговорите со украинската страна“ во Доха.

Меѓутоа, додека руските и украинските официјални лица се сретнаа со катарските посредници, украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец за АФП изјави дека „не може да ја потврди информацијата“.

Украинскиот функционер додаде дека двете земји „немаат директна комуникација за овој случај“.

Според официјалните податоци на украинските власти, до крајот на минатата година од Украина во Русија биле однесени најмалку 19 546 деца. Бројката се однесува само на оние случаи кои се официјално евидентирани, а се верува дека вистинската бројка е значително поголема.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, вратени се само 517 деца.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, минатиот март издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и Марија Лвова-Белова, комесарка на Москва за правата на децата, под обвинение за воени злосторства поврзани со илегалната депортација на украинските деца, заедно со илегалното префрлање луѓе во Русија од Украина од нејзината инвазија во февруари 2022 година.

МКС објави дека Путин и Лвова-Белова се обвинети дека „вршиле дела директно, заедно со други и/или преку други“.

МКС објави дека Путин „не спроведувал соодветна контрола над цивилните и воените подредени кои извршиле дејствија или дозволиле нивно извршување и кои биле под негова ефективна власт и контрола, во согласност со одговорноста на претпоставениот“.

Кремљ ги отфрли обвинувањата за присилна депортација. Руските власти тврдат дека ги „спасиле децата“ од воените дејствија и се подготвени да ги вратат оние што ги бараат нивните родители и старатели.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG