Достапни линкови

logo-print

Европа се уште треба да прави Европејци


„Ја направивме Италија. Сега мора да правиме Италијанци“. Ова го изјави Масимо д’Азелио, италијански интелектуалец по обединувањето на земјата во 1861 година, пишува Фајненшал тајмс, додавајќи: „Сегашните политичари во Европската унија се соочуваат со модерна верзија на оваа дилема. Тие ја направија Европската унија. Сега мора да прават Европјани.

За создавањето колективен идентитет се потребни многу генерации. Но, европските политичари веќе го немаат луксузот во време. Односно, се додека не ги убедат 500 милиони граѓани на Европската унија да се чувствуваат повеќе приврзани кон Европа, отколку кон нивните земји тие нема да бидат во можност да ги преземат неопходните чекори за да го спасат еврото.

Европскиот идентитет, потребен за да профункционира Европа, не е доволно силeн. Но, без тоа Европската унија изгледа како зграда со плитки темели која ја тресат политички и економски земјотреси.
Повеќето аналитичари сметаат дека за да опстане, еврото треба да биде поддржано од многу поголем европски федерален буџет, од заеднички долг или еврообврзница и од помоќна централна влада. Овие работи нема да се постигнат ведаш, но насоката кон нив треба да биде воспоставена што е можно поскоро. Како и да е, јавната поддршка за ваквите чекори засега ја нема никаде. Германските даночни обврзници се против идејата за поголем трансфер на пари кон јужна Европа. Грчките и шпанските гласачи пак, не изгледаат подготвени нивните буџети да се прават во Брисел.

EУ - зграда со плитки темели?

Европскиот идентитет, потребен за да профункционира Европа, не е доволно силeн. Но, без тоа Европската унија изгледа како зграда со плитки темели која ја тресат политички и економски земјотреси. Тешкотијата на правање Италијанци е предупредувачка приказна за оние што се борат да прават Европјани. И над 150 години по обединувањето, Северната лига, моќната опозициска партија, настојува да ја претвори Италија во лабава федерација. Нејзиниот лидер Умберто Боси беше принуден да поднесе оставка, но тензиите останаа. Јужна Италија и натаму е посиромашна од северна. Како и Италија, и Европа страда од поделеноста север-југ. Политичарите треба да ги убедат двете страни да ги надминат разликите со тоа што треба да мислат како Европјани.

Како да се „направат“ Европјани?

Но, правењето Европјани ќе биде многу потешко од правењето Италијанци, бидејќи станува збор за многу поголема територија со многу различни јазици и култури. Познато е дека заедничкиот јазик е клучен елемент во креирањето на една нација. Во 1861 само еден од 40 Италијанци зборуваше италијански. Тоа беше коригирано преку едукација. Но денешната едукација останува цврсто во рацете на 27 членки на Унијата и не постои заедничка наставна програма. Групните идентитети може да бидат фабрикувани во моменти на кризи и војни. Меѓутоа, оваа сегашна криза ги охрабрува граѓаните на Европската унија да им се вратат на старите, повкоренети национални идентитети, се наведува во коментарот објавен во весникот Фајненшал тајмс.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG