Достапни линкови

Саркози или Оланд, ќе решат гласачите на десницата


На вчерашниот прв круг од претседателските избори во Франција победи кандидатот на социјалистите Франсоа Оланд пред актуелниот претседател Никола Саркози. Двајцата се надеваат дека до 6 мај за кога е закажан вториот круг, ќе ги убедат гласачите на другите кандидати да се изјаснат за нив.

Франсоа Оланд доби 28,6 насто од гласовите, додека Никола Саркози 27 проценти. На кандидатите им требаше 50 насто за да победат во првиот круг.

Претседателските избори се за избирање на некој кој ќе биде одговорен за нашата земја и кој ќе го заштити францускиот народ во наредните пет години. Во изминативе пет години го остварив тоа и верувајте ми, јас знам како да го правам тоа.
Никола Саркози, актуелен претседател на Франција во борба за втор мандат.
Вчерашната победа на Оланд покажа дека за прв пат актуелниот претседател не успева да победи во првиот круг од претседателските избори откако е формирана француската Петта Република во 1958 година.

Кандидатот на крајната десница Марин Ле Пен го освои третото место со 18 насто од гласовите што е рекорден број за Националниот фронт, партија основана од нејзиниот татко Жан Мари Ле Пен.

Кандидатот на крајната левица Жан Лик Мелансон доби нешто над 10, додека центристот Франсоа Бајру 9 проценти од гласовите.

Одѕивот на вчерашното гласање беше над 80 отсто со што не се покажаа за точни предвидувањата за апатичност на гласачите.

Вториот голем факт што произлегува од ова гласање несомнено е дека вториот круг ќе претставува казна за мандатот кој завршува и отфрлање на сегашниот претседател чии говори во изминативе месеци беа премногу десничарски.
Франсоа Оланд, социјалистички кандидат за претседател на Франција.
Доколку Саркози загуби на претстојниот втор круг тоа ќе биде за прв пат во изминативе 30 години некој претседател да не добие втор мандат.

Тоа за Оланд ќе значи дека станува прв социјалистички претседател откако во 1995 година од таа функција замина Франсоа Митеран.

Говорејќи пред своите приврзаници по гласањето, Саркози изјави дека предизборните предвидувања биле погрешни и оти добро ја препознал загриженоста на гласачите за работните места и имиграцијата.

„Претседателските избори се за избирање на некој кој ќе биде одговорен за нашата земја и кој ќе го заштити францускиот народ во наредните пет години. Во изминативе пет години го остварив тоа и верувајте ми, јас знам како да го правам тоа.“

Саркози наведе дека до вториот круг би сакал со Оланд да одржи три дебати, за економијата, за социјалната политика и за меѓународните прашања.

Оланд, пак, по првичните резултати изјави дека вториот круг ќе биде казна за Саркози и за неговата политика.

„Вториот голем факт што произлегува од ова гласање несомнено е дека вториот круг ќе претставува казна за мандатот кој завршува и отфрлање на сегашниот претседател чии говори во изминативе месеци беа премногу десничарски.“

Оланд изрази загриженост поради успехот на Марин Ле Пен, додавајќи дека Националниот фронт никогаш до сега не освоил толку голем број гласови.

Задоволство од постигнатиот резултат изрази кандидатот на оваа партија Марин Ле Пен која оцени дека тоа претставува огромна победа за партијата.

„Француската борба штотуку почнува. Драги пријатели, француски народе, ништо веќе нема да биде исто, бидејќи се спротивставивме на целиот систем полн со лаги и фалисфикувани анкети и заедно го разбивме монополот на двете партии на банките и на финансиите.“

Повеќето аналитичари сметаат дека токму нејзините гласови би можело да одиграат клучна улога во изборот на новиот француски претседател.

За во јуни во Франција се најавени и избори за Националното собрание кое во моментов е под контрола на конзервативците на Никола Саркози.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG