Достапни линкови

Десетина приведени и пет повредени по протестите


Насилни протести во Скопје по петкратното убиство во Смиљковци.

Насилни протести во Скопје по петкратното убиство во Смиљковци.

МВР работи на идентификацијата на сите кои учествувале во синоќешните насилствата во центарот на Скопје. По синоќешните протести, денеска е мирно во главниот град.

По синоќешните протести на поголема група млади луѓе кои бараа брзо расчистување на петкратното убиство кај Смиљковци, денеска е мирно во главниот град. Двајца полицајци биле полесно повредени, а три други лица пријавиле дека биле физички нападнати во вчерашниот протест, во кој биле оштетени и повеќе објекти.

Се уште се работи на идентификацијата на сите кои учествувале во насилствата, па многу веројатно е дека во текот на денот ќе се менува и бројот на приведените.
Министерството за внатрешни работи информира дека се приведени десетина лица, меѓу кои пет деца. Се уште се работи на идентификацијата на сите кои учествувале во насилствата, па многу веројатно е дека во текот на денот ќе се менува и бројот на приведените, вели портпаролот Иво Котевски.

По целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени и соодветни пријави. Од полицијата соопштија дека вчерашниот протест започнал околу 17 часот без претходна најава, при што кон Владата биле фрлани камења и тврди предмети. Групата се упатила во правец кон Бит Пазар, а од страна на повеќе лица било оштетено патничко возило во сопственост на МВР. Од страна на полицијата, со употреба на средства за присилба, на групата не и било дозволено да се движи во насока кон Бит Пазар, по што групата се упатила кон мостот Гоце Делчев, а оттаму кон Камениот Мост и плоштадот Македонија, за на крај да стигнат до Собранието, од каде во помали групи се движеле низ централното градско подрачје. Во текот на движењето своето незадоволство го искажувале со викање и фрлање камења и тврди предмети.

Во меѓувреме, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вчера изјави дека истрагата оди во добра насока и оти поголемиот дел од податоците кои се собрани се обработени. Таа повика на трпение до целосното расчистување на случајот. Притоа упати апел до граѓаните кои сакаат да дадат поддршка на јавните собири во знак на револт за убиството, тоа да го направат на мирен начин.

Инаку, oд досегашната истрага на убиствата, полицијата потврди дека е изработен профил на убијците, но се уште не се знае нивниот идентитет. Потврдено е и дека автомобилот марка Опел омега со темноцрвена боја бил на местото на иизвршување на кривичното дело. Министерката потврди дека многу е веројатно дека возилото било користено во контекст на извршување на злосторството. Сепак полицијата се уште со точност не може да утврди колкумина напаѓачи биле иако извештајот од судска медицина потврди дека е стрелано од најмалку три вида оружје. Јанкулоска изјави дека досега МВР нема повратна информација од службите на соседните земји, кои како што рече се спремни за соработка во расчистување на петкратното убиство.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG