Достапни линкови

Домашните интелектуалци молчат за битни прашања - некои од страв и несигурност, а некои немаат простор да се изразат.

Молкот на интелектуалната критичка јавност, дел од домашните аналитичари го толкуваат како чувство на страв и несигурност, но и како недостиг од простор за слободно изразување. Впечатокот дека се помалку интелектуалци ги коментираат појавите од општ интерес или пак се спротиставуваат кога не мислат како другите е реален, вели политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети.
Јавниот дискурс се претвора во залагање за или против некаква тема, но немаме интелектуално дискутурање за одредени теми без страв дека ќе бидете стигматизирани како поддржувач на една или друга опција.

„Јавниот дискурс се претвора во залагање за или против некаква тема, но немаме интелектуално дискутурање за одредени теми без страв дека ќе бидете стигматизирани како поддржувач на една или друга опција.“

Тоа што луѓето се плашат отворено да зборуваат за она што не им се допаѓа, а што резултира со немањето доволна критичка маса во земјава е затоа што нивното дејствување не дава резултати, вели режисерот Александар Поповски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Голем дел од граѓанските организации, пак, од друга страна се во некои нелојални односи со различни политичките партии коишто, според мене, се во спротивност со нивната мисија и со нивните цели на работа.
Според политикологот Владимир Мисев, пак, здравата критичка маса во земјава може да се формира само преку взаемна соработка меѓу граѓанското општество, медиумите и интелектуалците. Тоа што некои не се плашат, туку се воздржуваат од коментари на појавите што не им се допаѓаат е резултат на влијанието на политиката врз граѓанскиот сектор, посочува Мисев.

„Голем дел од граѓанските организации, пак, од друга страна се во некои нелојални односи со различни политичките партии коишто, според мене, се во спротивност со нивната мисија и со нивните цели на работа.“

Секоја власт има тенденција да ги придобие сите на своја страна, вели Мехмети, но негов став е и дека секоја мудра и демократска власт ги поддржува токму тие кои ги критикуваат нејзините политики. Спротивното би можело да има негативни последици за развојот на едно демократско општество, заклучува Мехмети.

„Не може да се очекува дека владата е таа која ги има сите одговори и мислам дека тоа е штетно за земјата. Прашање е колку тоа се сфаќа во овој амбиент што е сега создаден, значи амбиент на за или против одредени прашања.“

Експертите предупредуваат да се ослободи јавноста од партиските и политички притисоци, за да може реално да ги согледа појавите околу нас. Дури тогаш кога сите ќе реагираме како една сериозна индивидуа, ќе може да кажеме дека имаме зрело демократско општество, велат тие.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG