Достапни линкови

Димовски сонува олимписка виза


Илустрација: Бокс.
Илустрација: Бокс.

Нашиот најуспешен боксер во последните години, Примислав Димовски, од 14-ти до 22-ри април во Трабзон ќе се обиде да избори олимписка виза.

Без најави за исполнување на олимписката норма, но и без намера лесно да се откаже од визата за Лондон, нашиот најуспешен боксер во последните неколку години, Примислав Димовски, го очекува квалификацискиот турнир во турскиот Трабзон. Таму, од 14-ти до 22-ри април ќе се води последната битка за боксерските олимписки визи, од кои во категоријата над 91 килограм останаа само уште две.
Да беше се во најдобар ред и да имавме најдобри подготовки и да бев јас најдобро спремен досега во кариерата и се да беше како што треба, ќе беше ужасно тешко, затоа што има многу малку места, а голема конкуренција.
Примислав Димовски, боксер.

​Тоа најавува жестока битка, во која нашиот тешкаш влегува со само едномесечни подготовки во Велс и во Хрватска, но и без ниту еден меч од октомври минатата година, односно од операцијата на рамото поради скршеницата добиена на Светското првенство во Азербејџан. Сево ова не остава голем простор за оптимизам, за што е свесен и популарниот Примо.

Церемонија на отворање на Светското првенство во Бокс во Баку, Азербејџан на 25 септември 2011 година.
Церемонија на отворање на Светското првенство во Бокс во Баку, Азербејџан на 25 септември 2011 година.
Јас мислам дека сум доволно спремен за овој турнир. Секако, нели надежта последна умира и потајно се надевам на некој сплет на околности во кој јас би се нашол во финалето.
Примислав Димовски, боксер.
„Да беше се во најдобар ред и да имавме најдобри подготовки и да бев јас најдобро спремен досега во кариерата и се да беше како што треба, ќе беше ужасно тешко, затоа што има многу малку места, а голема конкуренција. Најверојатно ќе има таму 30 и неколку боксери пријавени во мојата категорија, а само двајца, односно само финалистите обезбедуваат норма за Лондон. Значи и во тие услови ќе беше пеколно тешко, а сега вака и со малку специфична ситуација со повредата и недоволни подготовки на тоа ниво што треба, малку ми е отежнато. Меѓутоа, јас само можам да кажам дека ќе дадам се од себе“, изјави Димовски, кај кого, и покрај се, е присутна надежта дека досегашната успешна кариера ќе ја круниса и со настап на летните Олимписки игри.

За секој спортист тоа е врвот, а неговото достигнување, според самиот Примислав, ќе зависи и од саботната ждребка.

„Како и да е, јас мислам дека сум доволно спремен за овој турнир. Секако, нели надежта последна умира и потајно се надевам на некој сплет на околности во кој јас би се нашол во финалето. Меѓутоа да оставиме да видиме прво ждребката и да почне турнирот воопшто, па како ќе се одвиваат работите“, додаде петтиот тешкаш во светот од Мундијалот во Милано, пред 2,5 години.

Инаку, во Трабзон, за пат во Лондон ќе се бори и Фатлум Жута. Тој за олимписка виза во категоријата до 75 килограми, треба да го освои најмалку третото место. Од друга страна, олимпискиот сон и дефинитивно остана неостварен за Вели Мумин (до 55 килограми), кој поради повреда нема да настапи на последните боксерски квалификации за најголемиот спортски настан во светот.
XS
SM
MD
LG