Достапни линкови

Се уште има неевидентирани Ромчиња во Прилеп


Архивска фотографија: Деца во руралната ромска населба Три Багреми во Прилеп.
Архивска фотографија: Деца во руралната ромска населба Три Багреми во Прилеп.

Иако има голем број неевидентирани ромски деца во Прилеп, локалните власти велат дека секоја година се зголемува бројот на Ромчиња во образовниот процес.

Голем број ромски деца од прилепските населби Тризла и Три Багреми се уште не се евидентирани, немаат документи за идентификација, а според тоа не се вклучени во образовниот систем. Но, сепак, како што истакнуваат од општинскиот сектор за образование, секоја година се зголемува бројот на децата од ромска националност кои се вклучени во редовна настава. Па, според евиденцијата, од вкупно 7.000 основци, околу 1000 се Роми, а од 4.100 средношколци, околу 150 ученици припаѓаат на оваа националност.
Досега сме немале никакви проблеми, образованието се одвива на едно високо ниво, без некои посебни недоразбирања. Јас овој проект повеќе го сфаќам како превенција, односно превентино делување да се заштитиме од идни несакани некои дејствија кои би се случиле во иднина, а исто со тоа ќе го подобриме и самиот квалитет на образованието, ќе ја подобриме и комуникацијата меѓу различните етникуми.
Марјан Матракоски, советник за образование во општина Прилеп.

Освен нив во прилепските училишта настава посетуваат и 150 Турци. Но, меѓуетничките разлики досега не биле проблем, ниту за учениците од македонска, ниту за оние од друга националност. На етничка или верска основа не се регистирани никакви инциденти. А, со реализација на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието треба да се поттикне уште попозитивна атмосфера за работа, учење и дружење меѓу учениците кои доаѓаат од различни етнички заедници, традиции и култури.
Руралната ромска населба Три Багреми во Прилеп.
Руралната ромска населба Три Багреми во Прилеп.

„Досега сме немале никакви проблеми, образованието се одвива на едно високо ниво, без некои посебни недоразбирања. Јас овој проект повеќе го сфаќам како превенција, односно превентино делување да се заштитиме од идни несакани некои дејствија кои би се случиле во иднина, а исто со тоа ќе го подобриме и самиот квалитет на образованието, ќе ја подобриме и комуникацијата меѓу различните етникуми“, истакнува Марјан Матракоски, советник за образование во локалната самоуправа.

Овој тукушто промовиран проект во прилепските училишта ќе се реализира во наредните 4 години но, не само во градот, туку на територијата на целата држава. Проектот ќе помогне да се подобри ситуацијата и релациите меѓу учениците од разни етникуми, иако координаторот на проектот, финансиран од УСАИД, потенцира дека спроведувањето на сите активности се планирани една година пред воопшто да се случат последните инциденти во училиштата во некои градови.

„Целта на проектот е да се подигне важноста, свесноста на луѓето за меѓуетничка интеграција во образованието, преку создавање на квалитетен систем на образование во Македонија и преку интергирање на сите етникуми во рамки на тој систем. Сето тоа ќе го направиме заеднички со сите училишта во Македонија, општини, во кои што имаме голем број планирани активности од аспект на обуки кои ќе се извршуваат во рамки на училиштата, во рамки на средината каде што се наоѓаат училиштата“, вели Небојша Мојсовски, координатор на проектот.

Тој додава дека ќе се користат и разменуваат искуства меѓу училиштата, ќе бидат вклучени и родителите за да се создадат услови овој систем да го прифатат сите релевантни фактори во образовниот процес, кои се темел на стабилноста и виталноста на државата.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG