Достапни линкови

logo-print

Ивановски - Нема да има отпуштања во администрацијата


Административиците нема да бидат избркани од работа, дури и да се суфицит во некоја институција, вели министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Ивановски, што точно ќе биде опфатено во претпристапниот дијалог на Владата со Европската унија од аспект на реформи во јавната администрација?

Од аспект на администрацијата имаме неколку теми, пред се анализа на постоечката легислатива, Законот за државни службеници, Законот за јавни службеници, за функционалност на тоа и потребата на измена на тие легислативи или посебно од донесување на нов закон.

Втора тема на која се дискутира е Законот за општа управна постапка. СИГМА на неколку состаноци инсистира да се направи анализа на овој Закон, да види дали е потребна измена, дали е потребно донесување на нов закон и донесовме одлука на Влада дека ќе се оди со нов закон за општа управна постапка, каде што во наредните неколку недели ќе формираме работна група, која првин ќе направи акционен план, а во тој акционен план ќе бидат поканети и локални експерти и странски експерти за да креираме нов квалитетен Закон.

Како трета тема која ќе виде опфатена е вработувањата по капит програмата, по Рамковен договор и вработувањата од аспект на работни места по заслуги, тие се неколку теми кои се опфатени во високиот дијалог од поглавјето на администрацијата.

Кои се вашите очекувања, колку од овие работи ќе можат да се завршат до септември и да се презентираат резултатите пред ЕУ?

Ние кога дискутиравме што до сега сме направиле, веќе се гледа од нивна страна на задоволство, дека ние го имаме ова направено и пред ЕК да го препорача до нас, го правиме за доброто за граѓаните на Република Македонија, ги согледуваме на некој начин и слабостите на постоечките легислативи и тоа е доблеста на оваа Влада која кога ќе видиме дека некаде имаме слабости, веднаш предлагаме нови измени, нови конкретни мерки. И покрај тоа што опозицијата знае постојано да критикува зошто постојано се менуваат некои закони, ние не се срамиме од тоа што предлагаме нова измена затоа што очекуваме таа да биде подобра за граѓаните на Република Македонија.

Од аспект на администрацијата, веќе работиме на нов Закон за администрација, каде Законот за државни службеници и Законот за јавни службеници ќе бидат опфатени во еден закон, да се знае, бидејќи сепак во општеството постојат некои нејаснотии за тоа кои се опфатени со јавни службеници, кои со државни службеници. Овој закон ние го почнавме уште во септември минатата година, сега ни се приклучи и експерт од ЕК, тоа е опфатено со проект кој е со подршка на ЕК за ИПА фондови.

По однос на новиот систем за вработување, веќе имаме направено сериозен напредок со последните измени што ги направивме со тестирањата, а се трудиме да се најде и соодветен систем каде според К5 програмата ќе се надминат оние забелешки кои се во извештаите на ЕК.

Тоа е од аспект на легислативата. Една од мерките која треба да се спроведе до септември е подобрување на управувањето со човекови ресурси во администрацијата. Според последните информации објавени во медиумите, во некои од државните институции веќе е забележан вишок на вработени. Што ќе се прави со тој вишок на вработени?

Ние донесовме и измени на законите за државни службеници и за јавни службеници каде што се овозможува мобилност. Доколку во некои институции се утврди суфицит, поголем број на вработени од што е потребно во тој момент, тогаш да можат двата функционери да склучат договор институција во која има дефицит да може да преземе од вработените.

Се прават такви анализи за проверка на лицата коишто се на некој начин определени од институцијата како суфицит и лица кои треба да преминат во друга институција, за да им се овозможи пред се на нив да имаат работа, да се чуствуваат корисни во институцијата. На таа институција која има дефицит да им се помогне со институцијата која има суфицит. Таа институција што идентификувала дека некое работно место е суфицит, нема да има можност да го пополни тоа, да не испадне дека ова е систем направен за да има некакво чистење, напротив , тој што ќе каже дека ова место е отповеќе, тоа место никогаш повеќе нема да се пополни, барем не во периодот којшто доаѓа. И да се балансира бројот на вработени по институциите. Сепак постојат институции кои се новоформирани, институции кои имаа повеќе ингеренции, а од друга страна има институции на кои им се намалени ингеренциите и не им е потребен целиот персонал кој го имаат. А за да им се излезе во пресрет на тие вработени да им се даде нова можност во друга институција.

Спомнавте, за да нема можност за чистење. Каква е опасноста од злоупотреба на оваа мерка - чистење на условно речено неподобните кадри.

Тоа „чистење“ е многу лош термин, да не испадне дека идејата беше тоа. За еден да биде преместен од една во друга институцијуа, ако се оди без негова согласност, тогаш треба менаџерот на таа институција да се нафати, значи тој ќе му направи интервју, ако тој процени дека тој не е погоден нема да го презеде во неговата институција. Не е задолжително, не мора, ова е опција, за да се воведе и модерен систем на мобилност во државата. Не е пропишано со закон дека кога ќе се идентификува некои лице како суфицит задолжително да оди во друга институција, не, ќе му се дадат повеќе опции.

Ако на пример не може да се прекфалификува за друга работа, што ќе се случи со него?

Ќе си остане каде што е, нема никогаш да биде избркан.

Без разлика што е вишок?

Апсолутно. Во моментов не се планира да се избрка со овој закон или да биде отпуштен од работа.

Тоа значи дека тие и понатака ќе бидат вишок и ќе бидат на товар на буџетот?!

Значи да појасниме една работа, тоа што во таа институција е идентификувано лицето или работното место како вишок, тоа значи дека ние сега се трудиме да најдеме соодветно место. Можеби во овој момент нема да се најде соодветно место, но ќе излезе друга иституција која ќе бара таков персонал и ќе го предложиме тој персонал.

Какви се резултатите од процесот на пребројување на администрацијата?

Тука имавме проблеми што уставен суд донесе неколку одлуки, каде што првин беше здравството, па културата, па јавни претпријатија формирани од општините, јавни претпријатија формирани од градот Скопје, дека треба да се избришат од регистарот за јавни службеници. За потсетување ние регистарот го направивме уште во јуни, но требаше институциите само да пополнуваат податоци за вработените, тоа одеше малку потешко. И покрај тоа што дел од медиумите постојано шпекулираа дека министерството не го има подготвено регистарот, има два термини кои треба да се раздвојат, еден е регистарот којшто беше готов, вториот е извештајот.

Во државна администрација работат 14.800 вработени. А во јавна администрација откако Уставен суд ги укина тие гранки кои ги спомнав, останаа мал број, околу 10.700 вработени. Инаку за воља на вистината значи целата бројка на вработени во администрацијата е 118 илјади. Но да појаснам бидејќи законот за јавни службеници сега опфаќа мал број на институции, од 903 сега опфаќа само 161, останатите Уставен ги укина со одлуките што ги донесе. За тие 161 институција јас имам законска обврска да издадам детална статистика, како што е објавено на порталот на Министерството за информатичко општество и администрација, за останатите немам законска обврска и не ни можам да кажам детално која е застапеноста.

Значи може да се заклучи дека вкупно административци се 118 илјади?

Да.

Зошто се појавија контроверзни изјави од вашите колеги, како на пример министерот за одбрана Фатмир Бесими кој изјави дека 180 илјади, а вицепремиерот Ставрески излезе со бројка помала од 100 илјади.

За тоа што го кажа министерот Фатмир Бесими треба да го прашате него, јас не знам кое прашање му беше поставено, само го слушнав одговорот. Прашањето за вицепремиерот Ставрески беше колку се платени до државниот буџет и тој точно го одговори тоа, но медиумите ја свртеа прикаската.

Во последиот, а и во сите претходни извештаи на ЕК за Македонија, најчесто забелешките се однесуваат на јавната администрација од типот дека има политизација, се злоупотребува мерката привремено вработување, законските решенија не нудат стратешки решенија, како ќе успеете до септември кога ќе заврши нели прегледот на ЕК, да ја подобрите целата ова слика.

Со измените кои ги предлагаме на високиот дијалог на работната група, измените во законот за администрација, за општо управна постапка, начинот на вработување мислам дека тоа ќе биде доволен доказ до ЕК дека сериозно работиме на оваа тема, затоа што и ние цениме дека има недостатоци во системот и како што во минатот сме реагирале, така и сега реагираме, тоа да се подобри за добробитот на граѓаните на Република Македонија.

Се отворија нови високообразовни ИТ институции, има унивезитет за информатички технологии во Охрид, дисперзирани факултети по информатика...Со ова хиперпродукција на кадри, кои реално недостасуваат на пазарот во Македонија, колкав е ризокот од намален квалитет на сметка на квантитетот кој ќе се произведе?

Зборот хиперпродукција се користи, но ние сме една декада далеку од хиперпродукција на кадар. Имајќи во предвид дека бројот на лица во Македонија коишто се водат како неписмени, необразовани според заводот за статистика, за да се направи хиперпродукција потребно е да поминат десет години.

Воведувањето и отварањето на овие нови факултети е направено поради потребата на пазарот во Република Македонија. Се уште има најмал број на невработени од тие струки, информатичари, програмери, комуникации.

На кој начин може да се помогне за да се развие подобор е-трговијата, купувањето на интернет на македонски производи, освен проектот 100 електронски продавници.

Ние за подобрување на електронската трговија работиме многу одамна, не само со овие 100 електронски продавници за кои 36 веќе имаме избрано на првиот конкурс кој беше за 50, се пријавија само 36 кандидати. Веќе банките ги надградија своите системи, имаше претходно проблеми со банките каде што дел од нив не користеа ситем каде може да се купи со нивната платежна картичка преку интернет, сега и тоа не проблем. Останува реално до приватниот сектор да инвестираат во електронска продавница за да можат да ги нудат своите продукти не само во Македонија туку и во целит свет, секаде каде што има интернет. Ние се трудиме колку што можеме тоа да го направиме, но мора и од другата страна да има некој ангажман за да има развиено електронско тргување во Република Македонија.

Каков е моменталниот статус со Пејпал? Последната информација беше дека треба да биде вклучена Македонија во нивниот систем во првиот квартал од оваа година.

Ние со Пејпал сме во постојана комуникација, се уште останува на тоа дека Македонија е на приоритетната листа, сега ќе видиме кога точно ќе биде затоа што во изминатиот период имаа промена на извршниот директор за југоисточна Европа. Веќе имавме некои комункации и да очекуваме дека што е можно побргу тоа ќе се направи. Од аспект на наша страна легислативата е потполно изменета, Народна банка ги измени своите правилници кои требаше да ги измени и очекуваме додека одлучи Пејпал утре да влезе, утре може да функционира во Македонија.

Кој е вашиот став за меѓународниот договор АКТА?

Ние го следиме она што се случува во светот за АКТА. Регулативата којашто е 95-46, всушност тоа е директива за заштита на лични податоци, до крајот на наредната година, Дирекцијата за заштита на лични податоци во Македонија заедно со уште некои институции ќе ја направат во регулатива, значи се доби една посериозна алатка. Исто тука е конвенцијата за заштита на поединци, тоа е 108, се надеваме дека во периодот што следи ќе се вклучат активно сите чинители во јавната расправа, којашто ќе биде отворена за сите граѓани да се дискутира.

АКТА како што може да видиме има и предности има и слабости, но тоа ние го следиме и се надеваме дека нашата регулатива која ќе биде донесена на крајот на наредната година ќе биде подобра од оние другите.

Доколку се донесе во ЕУ и стане регулатива која и Македонија треба да ја подржи, тоа ќе значи дека ние бланко ќе го подржиме таков каков ќе го донесат?

Ние и досега не сме ги подржале сите регулативи бланко. Се додека не влеземе во ЕУ постојат регулативи кои ние сме ги донеле во интерес на граѓаните, како што одговараат за нас, а кога ќе влеземе во големото семејство ќе ги прилагодиме и нашите легислативи според она што го бара ЕУ.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG