Достапни линкови

Изгор скап бензин, велосипед му е мајката


Трговците со велосипеди велат дека продажбата е зголемена за 20 до 30 отсто во однос на март минатата година.

Цените на горивата на небо, велосипедите на улица. Трговците со велосипеди тријат раце. Велат дека поради рекордно високите цени на горивата, граѓаните се повеќе бараат поевтини начини за превоз. Драган Тодоровски од Скопје, кој се занимава со продажба и сервисирање на велосипеди, вели дека овој месец продажбата е зголемена за 20 до 30 отсто во однос на март минатата година.
Реакцијата на граѓаните е зголемена со оглед на тоа дека цената на горивото е драстично зголемена во однос на лани или пред две години. За првиот месец од оваа сезона, односно за месец март, драстично е зголемена продажбата за 20 до 30 отсто во однос на март минатата година, што е над сите очекувања на локалните дистрибутери или продавачи на велосипеди.
Драган Тодоровски, трговец со велосипеди.

„Слободно може да се каже дека реакцијата на граѓаните е зголемена со оглед на тоа дека цената на горивото е драстично зголемена во однос на лани или пред две години. Исто така можам слободно да кажам дека за првиот месец од оваа сезона, односно за месец март, драстично е зголемена продажбата за 20 до 30 отсто во однос на март минатата година, што е над сите очекувања на локалните дистрибутери или продавачи на велосипеди, како и над прогнозите на сите аналитичари за велосипедизам или за продажба на велосипеди во Македонија“, вели Тодоровски.

Од ноќеска на полноќ, горивата повторно поскапуваат. Регулаторната комисија одлучи, бензините да поскапат за 1,5 денари, а дизелот за половина денар за литар. Со тоа, ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава за 87,5, денари, ЕУРОСУПЕР БС-98 по рекордни 89 денари, а дизелот по 75,5 денари за литар. Мазутот поевтинува.

Причина за поскапувањето се цените на нафтата на светските берзи и курсот на доларот во однос на денарот.
Потпретседателот на опозицискиот СДСМ Зоран Јовановски побара владата да интервенира да ја намали цената на горивата „пред да експлодираат сите цени и да имаме цунами од поскапувања“.
Знаеме дека на Владата многу и одговара бензинот да биде скап и постојано да поскапува зашто така таа си добива повеќе пари во државниот буџет.
Зоран Јовановски, потпретседател на опозицискиот СДСМ.

„Знаеме дека на Владата многу и одговара бензинот да биде скап и постојано да поскапува зашто така таа си добива повеќе пари во државниот буџет“, рече Јовановски.

Премиерот Никола Груевски пред неколку дена изјави дека засега нема да има мерки за намалување на цените на горивата. Вели дека ниските даноци се доволно олеснување.

„Она што ние можеме да го имаме како една предност во целата оваа потешкотија што го зафати целиот свет е тоа што Македонија во моментов има најниски даноци и цврсто држиме до тоа да не ги зголемиме, иако, како што забележувате, речиси цела Европа ги зголеми даноците и ние остануваме една од малкуте земји којашто успеа во овие тешки времиња на глобална криза, во овие тешки времиња на европска должничка криза, да издржиме со ниски даноци, дури имавме дополнителни намалувања на даноците во овој период“, рече Груевски.

Минатата година пред изборите, иако бензинот беше за седум денари поевтин од сега, владата ја намали акцизата, со што бензинот поевтине за 4,5 денари.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG