Достапни линкови

Беџети - Законите се спроведуваат


Интервју - Блерим Беџети
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:24 0:00
Директен линк

Интервју - Блерим Беџети

За модерно, ефективно и независно судство треба време, но очекуваме граѓаните да ги препознаат реформите што ги правиме, вели министерот за правда Блерим Беџети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Беџети, и покрај сите направени реформи коишто се однесуваат на судството, и во насока на зголемена ефикасност, независност и модернизација, се уште судството има лош имиџ и мала доверба кај граѓаните. Каде вие ги лоцирате суштинските проблеми и веројатно во зависност од тоа може да очекуваме кои мерки ќе ги преземате?

Факт е дека се донесени голем број закони чија основна цел е реформирање на судството. Исто така сакам да ве информирам дека и од аспект на модернизација, односно подобрување на условите се преземени и се преземаат конкретни активности или вложувања во оваа насока. Сите овие работи имаат иста заедничка цел, тој систем, односно судството, да биде модерно, ефективно и секако независно. Коректен пристап треба да се има и сите да констатираат дека тоа е процес за кој е потребно време. Во судот се одлучува во постапки во кои секогаш има две страни. Честопати велам дека едната страна нема да биде задоволна и перцепцијата продолжува можеби да биде таква, но сведоци сме дека реформите никогаш не треба да застанат и затоа очекуваме и таа перцепција, како што се менува пополека, да продолжи како што продолжуваат реформите, инвестициите во судството и перцепцијата да се движи во позитивна насока, кај што имаме и показатели дека перцепцијата се движи кон подобро.

На почетокот од дијалогот на високо ниво што започнува меѓу ЕУ и Македонија, што очекувате дека ќе се решава од оваа област? Гледате ли на овој дијалог како на еден зголемен притисок или веќе и зголемена нервоза кај ЕУ, што се однесува на една област којашто се повторува во забелешките веќе повеќе години наназад?

Во овој дијалог, секако поглавјето за судството и основните права ќе заземе клучно место во дијалогот меѓу Македонија и Комисијата. Тоа беа наши очекувања и се веќе на маса, но тоа не подразбира дека ги сфаќаме погрешно. Напротив ќе се разговара за сите прашања што се однесуваат на судството и основните права. Во рамките на дијалогот секако ќе се анализира постигнатото, ќе се образложи и нашата заложба согласно програмата на Министерството за правда, на сите други институции, се разбира и на владата и ова ние го разбираме како партнерски дијалог во кој двете страни се залагаат за иста цел, тука мислам и на владата и на Европската комисија. Веќе констатиравме дека дијалогот го разбираме како партнерски однос, дијалогот веќе подолго време се одржува во континуитет и во никој случај не треба да се сфаќа како притисок од ЕК, туку напротив како иста заложба и на Комисијата и на владата.

Меѓутоа вие сте свесен дека еден од најголемите проблеми е имплементацијата на законите, нивното различно толкување, непочитувањето на законите... Како во таа една атмосфера може да се работи на обезбедување на владеење на правото?

Законот е закон и не може да има неколку толкувања. Законските решанија се тие и тие само треба да се спроведат и се спроведуваат. Министерството за правда е надлежно за следење на примената на законите, а кога зборуваме за судската власт, имаме Судски совет на Република Македонија кој меѓудругото врши и оценување на работата на судиите, следи, исто така и Советот на обвинители и затоа сметам дека треба многу внимателно да се следат сите овие работи и повторно ќе се навратам, потребна е афирмација, односно кампањи кои влијаат позитивно.

Меѓутоа како ќе ја тргнете раката на политиката и на извршната власт од правосудството? Јас би тргнала од таа општо прашање, иако има и поконкретни констатации. Вие како партија баравте бадентерово мнозинство при донесување на одлуките во Уставниот суд, како и при изборот на судии во Судскиот совет, значи и тоа е политика. Како вие ќе ја тргнете раката на политиката и на извршната власт од судството?

Со самиот факт што улогата на министерот за правда веќе е сменета од парламентарното мнозинство во Собранието, каде што веќе министерот за правда не е член на Советот на обвинители, истовремено е член, но без право на глас, тука се испраќа една јасна и недвосмислена порака дека е спротивно од ова што го рековте, дека нити и кон таа перцепција не сакаме да дадеме придонес за политизирање во оваа исклучително важна област. Кога велите за бадентеровиот принцип, факт е дека доаѓам од ДУИ и ставовите на ДУИ се јасни, транспарентни и јавни. Се разбира тоа е ставот, само сакам да напоменам дека и сега, судии и јавни обвинители во судовите и во јавните обвинителства каде што живеат припадници над 20 отсто, се бираат според бадентеровиот принцип и тоа е уставно начело за немајоризација и тука нема ништо спорно, туку напротив се потврдува дека добро функционира и зошто да не се спроведе и во другите институции во кои треба. Значи и понатаму останува како определба на ДУИ тој принцип.

Ќе го актуелизирате?

Сепак, ДУИ има свои органи, тела и кога ќе се оцени дека треба, тоа останува и понатаму како наша заложба.

Објавивте дека се приближени ставовите меѓу претставниците на владата и Здружението на новинарите на Македонија во дијалогот што требаше да води кон декриминализација на клеветата. Кои се новите информации во врска со ова, затоа што од објавувањето на таа информација нема ништо ново и очекувате ли овој договор да добие поддршка во Собранието?

За идејата за декриминализација на клевета се работи. Сметам дека за да се спроведе една таква идеја има потреба од сериозен пристап во правните формулации и законите кои го третираат тоа прашање и затоа е потребно време. Се работи за постапка која е посложена и како што и самите споменавте, уште од самиот почеток е вклучено и ЗНМ, во Министерството за правда има работна група. Се разбира доминантна улога ќе имаат и искуствата од други земји, а не само кај нас, а очигледно дека искуствата се различни и се надевам дека ако се најде решение, ќе има поддршка и во Собранието. Битно е да се наведе дека волјата на владата постои. Со самиот факт што претставниците на владата, неколку министри и заменик премиер на владата веќе разговараа со ЗНМ, од кои разговори произлезе и констатацијата да оформиме работна група кај што ќе бидат директно вклучени и се вклучени, со тоа сметам дека владата има волја, само треба да се најде усогласеност во законско решение.

Кога може да се очекува исходот?

Како што реков овој процес не е едноставен и не би било добро да се брза до таа мера да се згреши таа постапка во чекор. Сепак, напоменав дека ќе ги разгледаме и другите искуства. Освен Уставот и Законите на Македонија, и меѓународни конвенции и договори се дел од нашето законодавство и треба да бидеме внимателни.

Станува ли збор за искрена волја да се овозможи слобода на изразување со оглед на тоа што уште едно законско решение, односно измени, предизвикаа бранување во новинарската фела, тоа е новиот предлог-закон кој се однесува на странските дописници. Не е ли тоа уште еден обид да се интервенира во слободата на изразување?

Напротив, се регулира една материја која е пропис од поранешна СФРЈ и владата, Министерството за правда го достави предлогот до владата, ама никаква интенција немаше и нема во таа област. Разговаравме со многу пратеници кои доставија и амандмани, се обративме и со писма до експерти кои ќе се вклучат во понатамошните фази и буквално нема ништо од тоа што го споменавте. Јас се трудам и ги разбирам и опозиционите пристапи кои не ги квалификувам како деструктивни. Напротив, внимателно ги сослушуваме и нивните предлози, но таква интенција, таква намера воопшто не постои. Позитивно е што се уредува како материја.

Пред извесно време ги слушнавме и забелешките на претседателот на Уставниот суд, коишто опфатија и забелешка во однос на повторното донесување на законите во Собранието што ги поништил Уставниот суд. Што ќе направите вие за зголемување на авторитетот на таа установа, вклучувајќи ги тука и подобрувањата на условите за работа?

Јас нема да се впуштам во коментирање на изјаснувањата, бидејќи принципиелно досега го држам ставот дека не сакам да ги коментирам и одлуките и изјаснувањата на Уставниот суд и се трудам многу внимателно да се задржам до овој принцип. Секако, ние се залагаме за подобрување на условите за работа во Уставниот суд и во иднина уште повеќе ќе се залагаме, бидејќи секоја година ние имаме повеќе можности за залагања. Секако, најдобар аргумент мислам дека не е потребен, со самиот факт што се гради посебна зграда за Уставниот суд, значи се инвестира и во таа институција и во авторитетот на таа институција.
XS
SM
MD
LG