Достапни линкови

Селективна „Пајажина“ или вистинска борба против корупцијата


Пресуда за поранешниот сопственик на А1 телевизија Велија Рамковски во Судот во Скопје.
Пресуда за поранешниот сопственик на А1 телевизија Велија Рамковски во Судот во Скопје.

Експертската јавност со поделени ставови за тоа дали случајот Пајажина е борба против корупцијата или селективна правда против критичарите на власта.

Адвокатите на обвинетите од судскиот процес „Пајажина“ најавија дека правдате ќе ја бараат на повисоките судски инстанци, откако вчера 19 луѓе беа казнети со вкупно 109 години затвор. Судот одлучи целиот имот кој обвинетите во Пајажината го прибавиле на незаконски начин да им биде конфискуван, а ги задолжи и солидарно да им ја исплатат штетата на 3 компании во висина од околу 300 илјади евра.
Секоја друга оценка излегува надвор од контекстот од залагањето за непристрасно и независно судство. Идеално непристрасно и независно судство ниту имало, ниту ќе има, не само кај нас, туку ниту во една држава.
Миодраг Лабовиќ, професор.

Адвокатите, допрва ќе треба да се обидуваат во повисоките судски инстанци да докажат дека се направени суштински повреди во постапката.

За многумина, па и за самите обвинети, пресудата со која поранешниот сопственик на А1 Телевизија Велија Рамковски беше осуден на 13 години затвор е очекувана. Тој тврди дека е жртва на политички монтиран процес.
Новинарите на А1 ги емитуваа вечерните вести од пред владата во знак на протест против блокирањето на сметката на телевизијата. Новинарите на А1 сметаат дека одлуката на судот да го замрзне имотот на телевизијата е обид на власта за замолчување на медиумот. 27 јануари 2011 година.
Новинарите на А1 ги емитуваа вечерните вести од пред владата во знак на протест против блокирањето на сметката на телевизијата. Новинарите на А1 сметаат дека одлуката на судот да го замрзне имотот на телевизијата е обид на власта за замолчување на медиумот. 27 јануари 2011 година.

Ова е еден од ретките судски случаи кои Европската комисија го разгледуваше во минатогодишниот извештај за напредокот на Македонија, каде што се наведува дека „истрагата за обвинувањата во однос за затајување данок, како и подоцнежно затварање на телевизискиот канал А1 и весниците Шпиц, **** е ре и Време, кои се однесуваа критички кон владината политика доведе до загриженост за пропорционалноста и селективноста на постапката.“
За жал се повеќе и повеќе е присутно мислењето дека политиката ги меша своите прсти во независноста и непристрасноста во судството. Тоа е нешто што е многу голем товар, не само за државата, туку и за самите судии, кои што треба навистина да докажат дека тоа не е така.
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд во Стразбур.

Професорот по кривично право и поранешен директор на финансиската полиција Миодраг Лабовиќ вели дека ова е вистинска борба против корупцијата.

„Секоја друга оценка излегува надвор од контекстот од залагањето за непристрасно и независно судство. Идеално непристрасно и независно судство ниту имало, ниту ќе има, не само кај нас, туку ниту во една држава.“

Тој додава дека сомневање за селективност во постапката секогаш ќе постои поради основната максима затоа што не постои ништо совршено. Но од формално – правен аспект земјава е отидена најдалеку во судските реформи, а за тоа не постои компаративен репер во светот кој што би можел да укаже поинаку, вели Лабовиќ.

Поранешната судијка во Европскиот суд во Стразбур, која е и претседател на Советот за политички систем на опозицискиот СДСМ, Маргарита Цаца Николовска вели дека има многу основи за сомнеж за селективност при постапката која се водела за Пајажина.

„За жал се повеќе и повеќе е присутно мислењето дека политиката ги меша своите прсти во независноста и непристрасноста во судството. Тоа е нешто што е многу голем товар, не само за државата, туку и за самите судии, кои што треба навистина да докажат дека тоа не е така.“

Таа додава дека со постапката се отворени многу прашања, како што се разликите во искажувањата по однос на износите на УЈП и обвинителството за затаениот данок, последователните акции и реакции по затварењето на медиумите укажуваат на околноста дека времето не беше на страна на примена на принципите и стандардите за фер постапување. Но, за да се види дали навистина има селективност потребно е да се почека објавата на целосната пресуда во која треба да бидат објаснети сите детали.

По пресудата, опозицискиот СДСМ реагира дека со оваа пресуда се покажува дека премиерот испраќа брутална заканувачка порака до сите политички неистомисленици, затоа што овој случај немал врска со вистинската борба против корупцијата и криминалот. Тие сметаат дека без независно судство во 21 век Македонија станува земја на политички затвореници, потсетувајќи на, како што велат, експресната пресуда од 7 години за Љубе Бошкоски и нерешениот случај со 750 илјади евра во шише.

На ова следуваше експресен одговор од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во кој се наведува дека опозициската партија се држи до старите принципи, односно се меша во работата на судството, штити криминал и со самото тоа не се залага за владеење на правото и за борба против организираниот криминал и корупцијата.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG