Достапни линкови

Кој се плаши од Вирџинија Вулф? во МНТ


Плакат за претставата Кој се плаши од Вирџинија Вулф? во МНТ.
Плакат за претставата Кој се плаши од Вирџинија Вулф? во МНТ.

„Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“, култниот текст на Едвард Олби од 1960-те, во сабота од 20 часот, премиерно ќе биде изведен на сцената на Македонскиот народен театар. Во претставата играат Весна Петрушевска, Сенко Велинов, Игор Стојчевски и Јелена Јованова, режисер е Синиша Ефтимов, а станува збор за копродукциски проект помеѓу нашата национална установа и продукцијата „Вртелешка“.

Во МНТ тргнаа напред кон класиката. По Бродвеј во 60-те години од минатиот век и филмот на Мајкл Николс со Елизабет Тејлор и Ричард Бартон во главните улоги, култниот текст „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ на Едвард Олби ќе заживее и на сцената на нашата национална установа. Станува збор, како што ќе забележи режисерот Синиша Ефтимов, за еден од најтешките текстови во светската драматургија и еден од најкомплексните со кои се соочил досега на сцената. Од таму, како што вели, текстот на Олби претставува стапица за кој било режисер што ќе се нафати да го работи, но дека самиот притоа созреал како автор.
Сите ние сме обични луѓе, жители на планетата Земја, небитно дали се наоѓаме во Македонија или во САД, за каде што е пишуван текстот. Сите живееме во компромиси, во приспособувања, флексибилност, конформизам, а доколку некако успееме да се ослободиме од сето тоа, мислам дека ќе живееме во еден посреќен свет.
Синиша Ефтимов, режисер.

„Сите ние сме обични луѓе, жители на планетата Земја, небитно дали се наоѓаме во Македонија или во САД, за каде што е пишуван текстот. Сите живееме во компромиси, во приспособувања, флексибилност, конформизам, а доколку некако успееме да се ослободиме од сето тоа, мислам дека ќе живееме во еден посреќен свет“, вели Ефтимов.
Режисерот Синиша Ефтимов и актерката Весна Петрушевска.
Режисерот Синиша Ефтимов и актерката Весна Петрушевска.

Тој дополнува дека во нивната поставка на „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, актерката Весна Петрушевска бравурозно ја толкува улогата на Марта, притоа наоѓајќи идеален партнер во Сенко Велинов кој е задолжен за отелотворување на Џорџ и дека во нивната бесконечна битка во која секој се обидува да победи, колатерална штета се уште два лика – Ник и Хани толкувани од Игор Стојчевски и Јелена Јованова.
Да ги научиме спонзорите коишто ќе влезат да им е драго да бидат мецени на уметноста, значи тоа е нашата задача како продукција и затоа сме влезени.
Весна Петрушевска, актерка и копродуцент на претставата.

Од своја страна, Петрушевска преку својата продукција „Вртелешка“ по вторпат по „Госпоѓа министерка“ се јавува како копродуцент на еден проект во МНТ и за ваквиот потег вели дека го прави, не од финансиска корист, туку да се култивираат спонзорите да бидат помагатели и мецени на уметноста.

„Да ги научиме спонзорите коишто ќе влезат да им е драго да бидат мецени на уметноста, значи тоа е нашата задача како продукција и затоа сме влезени“, вели Петрушевска.

Инаку, ексклузивноста на скопската премиера, како што ќе забележи Дејан Лилиќ – директорот на МНТ, е во несекојдневниот дизајн и малиот број на гледачи (120) што ќе можат да ја видат претставата во предвидените два часа и на 20 метри квадратни. За ова, Синиша Ефтимов, кој е автор и на сценографијата која се смета за досега најскапа во овој театар, со објаснување:

„Секој човек којшто ќе ја гледа претставата ќе има свој ракурс на она што се случува меѓу четирите лика во оваа претстава. Се работи за емоционален канибализам којшто нема крај“, вели Ефтимов.

Кон ова само уште информацијата дека костимограф е Александар Ношпал, автор на плакатот Срѓан Јанаќиевиќ, а интересно е и што во МНТ паралелно се работат уште три претстави. Владо Цветановски ја подготвува „Животот е сон“, Александар Поповски ја привршува „Одмазда на светците“, а Владимир Милчин се подготвува за поставување на „Подемот и падот на кабарето“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG