Достапни линкови

Изгор цени на горивата


Бензинот повторно поскапува за два денари. Владата молчи дали ќе преземе мерки, иако лани пред изборите, кога бензинот беше поевтин од сега, привремено ги намали акцизите.

Цените на горивата уриваат рекорди, а владата молчи, иако пред изборите, кога бензинот беше 5 денари поевтин, реши да ја намали акцизата за горивата да поевтинат по 4,5 денари.
Проекциите на Народна банка на пример се дека инфлацијата ќе биде прилично стабилна, но тоа сега да не е залажува од аспект на нашиот животен стандард, бидејќи инфлацијата е мерило на просечното движење на цените на мало, а она што сите сигурно ќе го почуствуваме, всушност и со самото покачување на цената на бензинот го чувствуваме бидејќи сите се возиме, дефинитивно ќе има одреден одраз врз животниот стандард којшто јас би рекол дека ќе биде и повисок од инфлацијата од 2,3 или 4 проценти. Сите ние ќе го почувствуваме многу повеќе отколку што ќе покаже инфлацијата.
Сашо Арсов, универзитетски професор.

Од ноќеска на полноќ бензините поскапуваат за два денари, а дизелот за половина денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика. Од полноќ, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по 86, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 87,5, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), по 75 денари за литар. Поскапуваат и Екстра лесното масло за домаќинство и мазутот.

Како причина за поскапувањата, регулаторите го посочуваат зголемувањето на цените на суровата нафта на светските берзи и понискиот курс на доларот во однос на денарот во изминатите 14 дена.

Со ова ново поскапување, за само две недели бензините поскапеа за вкупно пет денари, а дизелот за 3,5 денари.

Иако, цените на бензините ги уриваат рекордите, од Министерството за финансии засега молчат дали планираат да интервенираат. Останаа без одговор на нашето прашање дали Министерството планира да ги намали акцизите на горивата.

Пред две недели, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека засега не се размислува за намалување на акцизите.

Во малопродажната цена на горивата влегуваат рафинериската цена, надоместокот за финансирање на активностите во областа на животната средина, надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, транспортните трошоци, маржата на трговците, акцизата и данокот на додадена вредност. За илустрација, од 86 денари, колку што чини еден литар Супер 95, владата зема околу 36 денари.

Гориво Рафинер. цена Надоместок за животна средина Задолж. резерви Транспорт. трошоци Маржа Акциза ДДВ вкупно

СУПЕР БС-95

46,323 0,08 0,89 0,5 3,2 21,888 13,12 86

СУПЕР БС-98

47,709 0,08 0,89 0,5 3,2 21,774 13,35 87,5

ДИЗЕЛ

47,232 0,03 0,3 0,5 3,2 12,297 11,44 75

Во април минатата година, пред изборите, владата одлучи да ја намали акцизата за бензините за 4 денари, а за дизелот за два денари за литар. Надоместокот за задолжителни резерви се намали за 0,5 денари кај бензините и за 0,2 денари кај дизелот. Со тоа, цената на бензинот се намали за 4,5 денари, а на дизелот за 2,2 денари за литар. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески тогаш соопшти дека мерката ќе трае 4 месеци и со тоа државата се откажува од 10 милиони евра буџетски приходи во интерес на граѓаните. Кога владата ја донесе оваа одлука, горивата беа поевтини отколку сега. Пред таа мерка, ЕУРОСУПЕР БС-95 се продаваше по 80,5 денари, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 82 денари за литар, а дизелот беше 71 денари за литар.

Економистите предупредуваат дека поскапувањето на горивата може да се одрази и на останатите производи. Професор Сашо Арсов вели дека поскапувањето на горивата можеби нема многу да се одрази на инфлацијата, но сигурно е дека ќе се одрази на животниот стандард.

„Од она што го знам од проекциите на Народна банка на пример, не се очекува големо влијание и големо покачување. Значи, проекциите се дека инфлацијата ќе биде прилично стабилна, но тоа сега да не е залажува од аспект на нашиот животен стандард, бидејќи инфлацијата е мерило на просечното движење на цените на мало, а она што сите сигурно ќе го почуствуваме, всушност и со самото покачување на цената на бензинот го чувствуваме бидејќи сите се возиме, дефинитивно ќе има одреден одраз врз животниот стандард којшто јас би рекол дека ќе биде и повисок од инфлацијата од 2,3 или 4 проценти. Сите ние ќе го почувствуваме многу повеќе отколку што ќе покаже инфлацијата“, вели Арсов.

Опозицијата пред две недели побара привремено намалување на акцизите на горивата.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG