Достапни линкови

А што ако не беа невладините?


Марјан Забрчанец

Марјан Забрчанец

Перачи на пари, странски платеници, кодоши, наркомани и предавници се дел од секојдневните епитети кои граѓанските активисти мораат да ги апсолвираат, пишува за РСЕ Марјан Забрчанец, граѓански активист и Извршен директор на Младински образовен форум

Се изнаслушавме и изначитавме етикетирања, плукања и сатанизирања врз невладините организации. Перачи на пари, странски платеници, кодоши, педери, наркомани и предавници се дел од секојдневните епитети кои граѓанските активисти мораат да ги апсолвираат, без разлика дали се формално или неформално здружени, без разлика на нивната возрасна, етничка, географска или друга позадина. А оние, критичарите, лепачите на етикети (и плакати), хејтерите, апатичните и монополистите никогаш не објаснија што ќе беше со оваа држава ако не беа невладините и ако не беа домашните и странските поддржувачи на невладините.

Навистина, што ако не беа невладините во 90-тите?

Тазе држава, неука, непризнаена, задоена со режимски политики и пракси, а од друга страна жедна за слобода и демократија. Не, нема да аргументирам дека невладините ја донеле слободата и демократијата во Македонија. Овие процеси и денес, 20 години подоцна, се и тоа како загрозени. Само ќе потсетам дека во таа деценија невладините имаа сизифовска задача да се носат со инертноста на државниот апарат и со отпорот кој “старата” генерација го пружаше кон се што беше слободарско, неконвенционално и се што нудеше повеќе права за индивидуата, а помалку привилегии за фотелјата.
Додека државата кроеше устав, градеше армија и ловеше низ транзициската магла, некој мораше да работи со граѓаните. Да, граѓанските активисти преку невладините, а со поддршка на странците, работеа со граѓаните. Учевме што е демократија, како се гласа на избори, како се носат закони и како се штитат човековите права кои по традиција се кршеа во изминатите 50 години.
Додека државата кроеше устав, градеше армија и ловеше низ транзициската магла, некој мораше да работи со граѓаните.


И не само тоа, невладините работеа со граѓаните, но работеа и со институциите. Огромна е помошта која институциите и државната администрација ја добија од невладините, преку обука, опрема и стручна помош. Невладините носеа нови професионални и демократски стандарди на работа и несебично ги пренесуваа кон граѓаните и кон институциите. Некои тоа го нарекуваат странско влијание или перење мозоци, но пред да ги дадат ваквите квалификации нека се запрашаат која беше другата опција. Да се изолираме уште непроодени? Или да останеме заглавени со еден дневен весник и една национална телевизија? Невладините и странците го помогнаа плурализмот во време кога постоеше ризик од ново закотвување на постоечките монополи.

А, што ако не постоеа невладините после 2001-ва?

Осиромашена држава, распослано оружје, разнишани меѓуетнички односи, а од другата страна граѓани кои сакаат мир и напредок. Да, почитувани хејтери, и тогаш невладините и активистите, заедно со странците, се растрчаа на теренот да го помогнат мирољубието, толеранцијата и антидиксриминацијата. Токму тие, невладините, беа првите кои јавно говореа за неопходноста од почитување на туѓите ставови и за потребата да се слушаме пред да се убиеме. Не помислувам да тврдам дека невладините ја спасиле Македонија од војна, но сигурен сум дека невладините и тоа како и помогнаа на државата побрзо да ги консолидира своите редови, а влијаеше и врз граѓаните повеќе да го ценат мирот и соживотот.
Токму тие, невладините, беа првите кои јавно говореа за неопходноста од почитување на туѓите ставови и за потребата да се слушаме пред да се убиеме



Притоа, никогаш не си дозволувајте да ги перцепирате и претставувате невладините како фантомски друштва кои се истоварени од некоја странска мисија. Не, невладините се граѓаните. Вашите соседи, роднини и пријатели. Во невладините членуваат граѓани од Македонија кои избрале да останат тука и да се активираат, иако имале шанса да заминат засекогаш од оваа проблематична држава.

И пред крај, прашувам што ќе беше ако денес ги немавме невладините? Кој ќе нудеше обуки за работни вештини на сите млади кои излегуваат осакатени од образовниот процес? Кој ќе реагираше на обидите за уште една контрола врз младите олицетворена преку Предлог-законот за млади?
Невладините беа и на протестите против полициска бруталност. Иако никаде не се појавија имиња на здруженија, најмалку половина од оние илјадници млади кои “секој ден во шест” се собираа зад Мајка Тереза се членови и активисти во невладини организации. И токму нивните искуства и капацитети стекнати во невладините им помогнаа на протестите да издржат онолку колку што издржаа.

Почитувани хејтери, пред повторно да посегнете по вашите етикети, размислете уште еднаш. Како ќе ја видевме Европа ако не беа студентските размени во организација на АЕГЕЕ, АИЕСЕК, ИАЕСТЕ и другите меѓународни организации? Кој ќе проговореше во јавност за корумпираноста на општеството ако неа беа безкомпромисните активисти од невладините? Како локалните самоуправи ќе проработеа на компјутер ако не беше странската помош и обуките од невладините? Колку олово ќе имаше во велешката почва ако не беа невладините да ги поведат граѓаните во организирани акции против Топилницата? Како ќе се чувствуваа сите маргинализирани заедници ако не се здружеа во невладини организации за да обезбедат минимум достоинство и заштита на сопствените права?

За крај, сакам да направам јасна дистинкција помеѓу сите субјекти кои во Македонија се нарекуваат невладини организации и сите здруженија на граѓани кои се регистрирани во Централен регистар. Здружение може да регистрира било која група на граѓани, но бидете сигурни дека тој статус не значи и невладина организација. Денес многу од здруженијата се владини, партиски, нечии. Овој текст во никој случај не се однесува на владините и партиските, уште помалку на оние кои се создадени преку ноќ за да излегуваат на монтирани пресови или за да се појавуваат на тендери на државни институции. Овој текст се однесува на невладините, на граѓанските.

Впрочем, можете да продолжите да ги сатанизирате невладините, но тоа е исто како да плукате врз себе, врз своите пријатели и соседи, врз граѓанството, исто како да го нарекувате сопствениот народ “шутрачки”, исто како да повикувате на борба против себеси.

Марјан Забрчанец
Граѓански активист и Извршен директор на Младински образовен форум

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG