Достапни линкови

Новиот амбасадор на ЕУ во Македонија на средба со министерот Попоски


Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новиот шеф на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Аиво Орав.
Посакувајќи му добредојде, Попоски изрази очекување дека со оглед на неговата богата дипломатска кариера, непосредното искуство од пристапниот процес на земјата од која потекнува (Естонија), како и одличните познавања за Македонија, ќе овозможат да даде личен придонес за натамошното динамизирање на евро-интеграцијата на земјата и интензивирање на односите и соработката со ЕУ.
Беше поздравена и претстојната посета на комесарот за проширување Штефан Филе на Македонија и отпочнувањето на пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Владата и Европската комисија на 15 март годинава во Скопје.
Попоски се осврна на спорот за името и вчерашната средба на премиерите Груевски и Пападимос во Брисел, истакнувајќи дека Македонија останува конструктивно ангажирана во разговорите што се водат под покровителство на ОН и е заинтересирана што поскоро да се дојде до заемно прифатливо решение и за поинтензивна комуникација и контакти со Грција на сите нивоа.
Амбасадорот Орав, искажувајќи задоволство од преземањето на новата должност во Република Македонија, подвлече дека е од особена важност перспективата за членство во ЕУ да се одржува силна.
- Мојот мандат тука е да го застапувам и бранам интересот на Европската унија, а интересот на Унијата е земјата-кандидат што поскоро да стане членка на ЕУ, истакна Орав.
Тој се осврна на важноста на реформите што Македонија ги спроведува за натамошно унапредување на степенот на исполнување на европските критериуми и стандарди, особено оние од сегментот владеење на правото, јавната администрација, економијата, како и на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор.
Амбасадорот изрази надеж за што поскоро изнаоѓање решение на спорот за името со Грција. Соговорниците разменија мислења и за состојбите во Унијата и во регионот на Балканот, при што го поздравија доделувањето на кандидатскиот статус на Србија како позитивен чекор за европската перспектива на целиот регион.
XS
SM
MD
LG