Достапни линкови

Сарачини - И дома штедам струја


Мора да сфатиме дека струјата ќе станува се поскапа и да се научиме да штедиме, вели министерот за економија Ваљон Сарачини во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Сарачини, неодамна владата донесе мерки за штедење на електричната енергија за да се надмине енергетската криза, која поради ниските температури, го зафати целиот регион. Какви се досега ефектите од мерките што ги донесе владата?

Сега засега имаме стабилен и ефикасен енергетски систем. Мрежите се оптоварени, но можат да не снабдат со електрична енергија. Првата фаза беше ограничување на уличното осветлување до минималниот степен на сигурност. Тука предвидовме и исклучување на сите светлечки реклами. Искрено, тука немаме баш доволно добра соработка со компаниите, што не е случај со градоначалниците каде имаме над 95 насто одлична соработка. Значи тие го слушнаа нашиот апел и пристапија кон ограничување на уличното осветлување. Потоа одлуката исто така содржи и забрана за извоз на електрична енергија, да не бидеме погрешно сфатени, зашто ние сме увозно зависна земја од електрична енергија, а сега забрануваме извоз, но тоа се работи за независните производители кои извезуваат надвор од Република Македонија. Така што, мислам дека овие мерки не беа толку ригорозни, но колку толку придонесоа да ја зачуваме енергетската состојба во моментот во Република Македонија.

Споменавте дека голем дел од градоначалниците ве послушале за редуцирање на уличното осветлување. Дел од скопските улици се веќе темни, дел од нив се делумно осветлени, но плоштадот, Камениот Мост, објектите од Скопје 2014 се осветлени и тоа во неколку бои. Зошто селективно се спроведуваат мерките на владата?
​За жал не се работи за селективно спроведување на мерките на владата. Постои план, кој го направи ЕВН и го достави до комисијата, кои објекти е потребно да се исклучат во оваа фаза. Додека беше потребно, односно ситуацијата ескалираше и имавме навистина кризна состојба во енергетскиот сектор, во тој случај ние би преминале на втората фаза, односно вториот план, каде се планира да се исклучат повеќе објекти. Така што, првата фаза, еве и според сегашните временски услови, мислам дека ќе биде доволна за да ја надминеме оваа криза и се надевам дека на една од наредните седници на владата ќе ја укинеме оваа одлука за постоење на енергетска криза.

Ако добро ве разбрав, нема потреба од гаснење на светилките на објектите на плоштадот?

Во оваа фаза, кажав веќе, ние имаме план, тој план го направи ЕВН, врз основа на тој план пристапуваме кон исклучување. Доколку утре од ЕВН ни кажат дека има потреба за исклучување на други објекти кои на некој начин и штетат на енергетската мрежа, во тој случај би преминале кон втората фаза.

Неодамна изјавивте дека струјата нема да поевтини, па им порачавте на граѓаните да научат да штедат. Може ли да го споделите вашиот пример, како вие дома штедите електрична енергија?

Мора да сфатиме дека цената на електричната енергија тешко дека ќе се намали, ќе се соочуваме со повисока и повисока цена на електрична енергија. Македонија има една од најевтините цени на електрична енергија во регионот и во иднина ќе се соочиме со навистина скапа цена. Поради тоа, неколку пати сум апелирал до граѓаните дека треба да се насочиме кон енергетски ефикасни начини на користење на електричната енергија или пак на некој друг начин за помалку да трошиме електрична енергија. Ние и во однос на законската регулатива направивме доста промени, имајќи ги предвид Законот за градна, потоа Законот за енергетика има посебни одредби каде што се предвидува енергетска ефикасност.

Но, како вие и вашето семејство штедите струја, зашто за поголем дел од граѓаните тоа е значителна инвестиција, изолација, нови поскапи светилки...

Па не е така, значи доколку рационално ги користите средствата, мислам дека може долгорочно да ви се вратат. Еве ќе кажам еден логичен пример, до пред некое време не се грижев толку за овој дел, односно да бидам енергетски ефикасен во мојот дом зашто целата обврска им беше препуштена на моите родители и сега се сеќавам кога тие дома апелираа до сите членови на семејството дека треба да штедиме електрична енергија, но веќе со тек на времето почнувам и јас да ги применувам тие принципи и веќе на некој начин ме фаќа паника кога гледам дека во друга соба свети сијалица или машината за перење е вклучена за две парчиња гардероба и слични работи или купување на некој уред за домаќинство кој троши многу електрична енергија, а е поевтин од да кажеме другите и долгорочно ни се враќа инвестицијата.

Енергетска ефикасност е тема што во секоја политичка платформа зазема значително место и сите политичари зборуваат дека треба да се користат обновливите извори на енергија кои во Македонија ги има во изобилство. Имаме потенцијал за тоа, но досега граѓаните не видоа исполнување на една таква страгегија. Зошто?

Веќе кажав, во Министертвото за економија постои стратегија и постои национална програма за енергетска ефикансност до 2020 година. Таа веќе почнавме да ја спроведуваме, имаме акциски план каде што се предвидуваат точни мерки, активности и планови како ние да ја спроведеме, односно да ја подигнеме свесноста на граѓаните за енергетска ефикасност. Во моментов работиме и на нова програма за енергетска ефикасност, во соработка со Светската банка, во делот на јавните згради. Тука планираме сериозни активности во однос на јавните згради, и како што споменав, согласно законските одредби кои се направени во Законот за градба и Законот за енергетика и ние планираме да станеме лидери во однос на тоа колку нашите згради ќе бидат во иднина енергетски ефикасни. Така да имаме стратегија за енергетска ефикасност, имаме национална програма за енергетска ефикасност до 2020 година и ја имаме последната програма во соработка со Светската банка за да можеме нели да пристапиме кон поенергетски ефикансни мерки и активности во нашата работа. Тука морам да го спомнам и ГЕФ проектот, исто во соработка со Светската Банка, кој е во неколку фази, а вкупната вредноста на овој проект е 5,5 милиони долари. Во првата фаза беа опфатени вкупно 6 општини, каде што ние со 100-процентно финансирање, во соработка со Светската банка, направивме реконтрукција на 18 училишта, беа заменети целосно покривите, прозорците, пристапивме кон ефикасна изолација на тие училишта. Сега почнуваме со втората фаза каде што се предвидени 5 општини, каде што ќе се реконструираат 4 училишта. Третата фаза ќе опфати други објекти, така да сите овие се мерки кои ние ги преземаме за подигнување на свеста кај граѓаните.

Кога ги споменавте јавните објекти, колку владата размислува за енергетска ефикасност на пример во проектот Скопје 2014, затоа што тоа се огромни мермерни згради кои што тешко би се загреале, а сметките за струја ќе одат од данокот од граѓаните?

Врз основа на нашите размислувања и нашите обврски кон европската легислатива направени се некои законски одредби во Законот за градба и во Законот за енергетика, така да претпоставувам дека кога е направен и проектот за Скопје 2014 предвидени се енергетски ефикасни начини на изградба на тие објекти.

Проектите Чебрен и Галиште се проекти кои сите ваши претходници ветуваа дека ќе бидат реализирани во нивниот мандат, но ништо од тоа не се случи. Во што е проблемот, зошто по толку пати се поништуваат тендерите? Еве и за последниот тендер, владата побара дополнителни информации. Во што е проблемот?

Овој проект, верувале или не, постои веќе 40-45 години, не сум сигурен. Оваа влада направи многу за да ги олесни условите и направи добра тендерска документација за да привлече многу повеќе потенцијални инвеститори, да кажеме. Во консултации со компаниите ние го продолживме рокот до 15 декември, по нивно барање за да може да достават понуди. Тоа време не зафати и кризата во еврозоната. Искрен да бидам, очекувавме една понуда, што немаше да биде услов за добивање на тој тендер да кажеме, но до 15 декември, до кога беше рокот, ние добовме две сериозни понуди, од страна на грчката ПБС компанија и од страна на кинеската компанија. И двете понуди беа навистина квалитетни. Морам да споменам дека главен и единствен услов беше процентот кој ќе го понуди компанијата за учество на ЕЛЕМ во конзорциумот, но имаше и други предуслови кои исто така се битни за комисијата да направи сериозна и квалитетна евалуација на понудите. Ние отворивме широка дебата на седница на влада, после добивањето на евалуациите, но владата одлучи да почекаме уште некое време додека комисијата не обезбеди уште некои други стручни анализи за понудите. Имајќи предвид дека се работи за навистина комплексен и сериозен проект, проект кој ќе значи иднина за енергетската состојба во Република Македонија и затоа мислиме дека подобро е да почекаме уште некое време, но сериозно да ја анализираме ситуацијата за да на крај одлучиме, се надевам позитивно, да се изгради фамозниот проект Чебрен и Галиште, кој ќе значи многу за економската и за енергетската состојба во Република Македонија.

Велите дека конечно треба да се направи сериозна анализа. Дали досега не била направена сериозна анализа за да успеат овие проекти после толку поништени тендери?

Се работи за две нови понуди, значи досега сме имале други понуди, сега се работи за две понуди, комисијата е со различни членови, така што не би сакал во ниедно време ние да вршиме притисок врз комисијата дека имаат рок до тогаш да одлучат, зашто ќе одлучат за иднината на еден голем енергетски објект. Затоа оставивме дополнителен рок да ни достават други стручни податоци кои ги бараат чинителите на владата на Република Македонија за да може да ги елаборираме на посигурен начин.

Најавивте субвенции за занаетчии до 5 илјади евра, а притоа за ова се издвоени 20 илјади евра од буџетот. Кој од шесте илјади регистрирани занаетчии во земјава ќе ги добијат тие субвенции и по кој критериум?

Тука можеме да кажеме дека се работи за навистина мала сума, 20 илјади евра, но при конципирањето на буџетотот за 2012 година ние видовме колку занаетчии аплицирале во 2011 за оваа намена. Видовме дека бројот на апликанти е многу мал, односно аплицирале само двајца занаетчии и тоа за некои програми до 300 евра. Имавме сериозни консултации со колегите, дури и со министерот за финансии, кој објективно кажа дека средставата за минатата година не се потрошени, зошто оваа година сметаме дека би биле потрошени. Така што договорот беше ние да го објавиме јавниот повик, да видиме колкава е заинтересираноста, да видиме дали навистина има заинтересирани кои би работеле во насока на креирање на конкурентен производ. Тоа не значи дека мора да биде до 5.000 евра, може да биде 1.000 евра, со тоа што 20 занаетчии ќе бидат задоволни или може да бидат по 500 евра, тогаш 40 занаетчии ќе бидат задоволни. Значи ние ќе ја следиме оваа динамика на апликации. Доколку пред ребалансот видиме дека има навистина многу апликанти, тогаш ќе побараме да се зголемат средствата или во рамките на буџетот на Министерството за економија да се направи пренамена на средства. Така што мислам дека е битно да ја подигнеме свеста на занаетчиите дека во Министерството за економија има вакви средства и може да ги користат, да достават квалитетни проекти. Не е целта само да се подигнат средствата. Целта е да може да аплицираат и да направат добри проекти со кои ќе може да произведат конкурентни прозиводи.

На социјалните мрежи се појавија слики и шеги за вашата физичка сличност со Брејк. Во медиумите беа објавени вести дека сте биле дел од грчки филм во улога на бизнисмен. Како гледате на сето тоа?

На почеток, да бидам искрен, дел од тие вести ме вознемируваа, но со текот на времето веќе ми стана секојдневие и почнав да сфаќам дека тоа е дел од оваа професија.

Што ви остави најголем впечаток?

Последната шега, каде што се појавија неколку вицови на интернет, и пишуваат дека Сарачини и Пешевски биле најромантични министри во владата зашто ја оставиле цела Македонија на свеќи. Ова ми остана последно за паметење.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG