Достапни линкови

Нимиц во Атина се сретна со Пападимос и со Димас


Специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за прашањето за името Метју Нимиц вчера попладнето во Атина имаше одвоени средби со премиерот Лукас Пападимос и со шефот на грчката дипломатија Ставрос Димас.
Нимиц, како што пренесе грчката државна телевизија ЕРТ, по средбата со Димас изјавил дека добил уверување оти Владата на Грција има искрена желба за решавање на спорот за името. Димас го охрабрил и да ги продолжи напорите за изнаоѓање заедничко прифатливо решение во рамките на процесот што се води под покровителство на ОН. Прашан дали економската криза во Грција и претстојните избори ќе влијаат на процесот, Нимиц истакнал дека ги разбира тешкотиите со кои се соочува Атина и се надева оти ќе бидат надминати, но дека земјата и сега има функционална Влада која може да се справува со проблемите како што е прашањето за името.
Во меѓувреме, Јоргос Караџаферис, лидерот на ултрадесничарската партија ЛАОС која партиципира во Привремената влада, во писмо упатено до Димас бара за евентуалното решение за името да се изјаснат грчките граѓани на референдум.
XS
SM
MD
LG