Достапни линкови

Османи - Политичарите кокетираат со меѓуетничките тензии


Во Македонија има традиција на меѓусебно разбирање и почитување меѓу различните ентички заедници. Таа традиција што ја практикува народот, ние политичарите треба само да ја примениме во пракса. Ако политичарите не кокетираат во негативна смисла со разгорување на тие страсти, народот може спокојно да живее, вели лидерот на НДП и градоначалник на Гостивар, Руфи Османи во неделното интервју на РСЕ.

Господине Османи, како политичка партија покажавте дека сте отворени за соработка, вашата соработка којашто започна со партијата на Тачи сепак не продолжи. Дали може да се каже дека ова беше тестирање на силите колку гласови можете да освоите заедно и дека можеби повторно можеме да ве видиме заедно на претстојните локални избори?

Нашата цел беше да дојдеме до една квалитетна соработка во целата албанска опозиција. Освен НДП и ДПА кои зaедно имаат некаде околу 90 и нешто илјади гласови, заедно со другите вонпарламентарни албански политички партии сите заедно доаѓаме до бројка која е поголема за над 15 илјaди гласови во однос на ДУИ. Ние пристапивме коректно кон оваа иницијатива која беше од страна на ДПА, понудивме соработка на повеќе нивоа, на локално ниво, на политичко ниво, на парламентарно ниво и едноставно од ДПА без некој аргумент укажаа дека не се веќе заинтересирани за таквата соработка, земaјќи ја како предтекст мојата средба со господинот Заев, а пред тоа неинформирајќи ја јавноста дека токму господинот Заев бил во посета на општина Тетово.

Претходната година градоначалникот на општина Тетово ја возвратил таа посета, истовремено господинот Аце Коцевски, висок функционер на СДСМ повеќе години, бил советник на господинот Беџети и мислам дека таквата постапка е во спротивност на целите на опозицијата да се здружат сите сили, опозициониот блок да стане појак во однос на ДУИ и така значи да има реални шанси да ја победи ДУИ на наредните локални избори. Независно од овој момент, ние остануваме отворени за соработка и во перспектива, не само со ДПА, туку и со другите опозициски партии кои не успеаа да добијат мандати на претходните избори.

Се ближат локалните избори, размислувате, претпоставувам, да бидете прагматичен во наредниот период. Размислувате ли за тоа да најдете и друг партнер во албанскиот политички блок, во смисла на партнерство со ДУИ?

Нашите размислувања одат во насока да се окрупни опозициониот блок, од програмска и од политичка гледна точка, бидејќи во целина ние не се согласуваме со политиките за кои ДУИ дава виза како дел од актуелната власт, како на локално така и на централно ниво. Нашите двајца пратеници се доста гласни во Собранието. Од стратегиска гледна точка, ние не се согласуваме и со фактот што ДУИ дефакто ја копира политиката на ВМРО во смисла на процесот на интегрирање на земјата. Но од оваа гледна точка мислам дека е рано да се даде еден суд кои би биле можните комбинаторики, коалиции, пред изборите, во вториот циклус во текот на изборите. Ние ќе чекаме Нова демократија да се консолидира како политичка партија, откако ќе се консолидира ќе понудиме соработка со неа, додека алтернативата за соработка со ДУИ од оваа гледна точка ми се чини дека е далечна, или тешко да се реализира, гледано од позициите кои актуелно ги имаме на политичката сцена во Македонија.

Имавте средба со Зоран Заев, планирате ли понатамошна соработка со СДСМ и колку според вас е важно да се најде консензус за формирање опозициски фронт?

Јас како градоначалник на општина Гостивар сум имал доста средби со градоначалниците од сите политички партии, од ВМРО, од ДУИ , од СДСМ и од ДПА и таа соработка и таа комуникација ја сфаќам како еден нормален пристап, во едно нормално општество каде постои култура на комуницирање, со единствена цел да ги споделиме заедничките искуства, предности и визии, да учиме едни од други и од таа гледна точка јас таквата алтернатива ја искористив во општина Гостивар, настрана од тоа што сите поголеми опозициони партии ми се во опозиција, значи во Советот ВМРО, СДСМ, ДУИ имаме една нормална соработка. Мислам дека од оваа гледна точка опозициијата, како македонска, така и албанска, ќе треба да има заеднички став во смисла на решавање на проблемот со името на државата, што го имаме со Грција, како еден предуслов и голема пречка да овој процес оди напред.

Од друга гледна точка мислам дека е рано да се каже дали може да се дојде до тој таканаречен опозиционен блок, бидејќи едноставно нема некои битни информации, гледишта, согледувања, кои се позициите на СДСМ, особено во однос на албанското прашање и кои се позициите на албанските партии од гледна точка на интегрирање и дали овие значи политички определби од временска гледна точка може да се усогласат. Лично мислам дека опозицијата и во наредниот период ќе делува паралелно, одвоено, за цели кои се прагматични.

Се споменуваше дека се разговарало за заедничка платформа на таа средба со Заев. Дали имавте во меѓувреме некаква конкретна понуда од СДСМ?

На единствената средба што сум ја имал со господинот Заев, ние разговаравме исклучиво за локални теми, не сум имал прилика да разговарам со званичниците на СДСМ за крупната, односно за националната политика и од таа гледна точка не сакам да прејудицирам. И јас слушнав како вас дека има понуда од СДСМ до ДПА, баш сум куриозен да видам значи кои се нивните соработки, заеднички гледишта за реализација на овие цели. Едноставно, нити сме имале досега понуда од СДСМ, ниту сме побарале од СДСМ да се установат тие заеднички точки на идна активност.

Сакате ли да кажете дека приоритетно за вас е окрупнувањето на албанскиот политички блок? Во последно време албанските политички партии многу се раситнија и делуваат како немоќен политички фактор, наспроти ДУИ која во неколку изборни циклуси освојува победи. Имате ли идеја што понатаму?

Нашата идеја на партијата беше дека после изборите од претходната година ќе треба да се дојде до еден поширок консензус на целиот албански политички блок, независно дали е во парламентот или надвор од парламентот, но овој пристап од страна на ДПА беше отфрлен. Мислам дека ако сите овие политички субјекти, согласно политичката релевантност, односно гласовите и гласачкото тело, дојдат до еден функционален компромис, мислам дека може да се направи еден политички блок, кој политички блок со адекватни кадри како носители на листи и со адекватни ставови по однос на стратешките прашања, може значи без некој проблем да реализира убедлива победа на наредните локални избори. Но, како стојат сега работите, мислам дека тешко ќе се дојде до тоа обединување во активност, не до создавање на една политичка партија од страна на албанската опозиција. Ние сме отворени за дијалог, ние и понатаму ќе нудиме можност да дискутираме, да соработуваме и во перспектива да се дојде до една платформа на заедничко делување.

Главни настани последните неколку недели беа случувањата во Струга и во околината, како вие го оценувате соживотот во Гостивар?

Би сакал да кажам дека ние успеавме во Гостивар да сочуваме квалитетен мир. Гостивар е познат во Македонија како град на голема меѓуетничка, меѓукултурна и меѓуверска толеранција. Некои политички сили, особено од актуелната власт настојуваа да ги реплицираат негативните епизоди од Струга, од Вевчани во Гостивар, но јас како градоначалник, заедно со Советот, не дозволивме да се реплицираат овие работи. Мислам дека во Гостивар има чуство за меѓусебно разбирање, почитување и дека таа традиција што ја практикува народот, ние политичарите треба само да ја примениме во пракса. Ако политичарите не кокетираат во негативна смисла со разгорување на тие страсти, народот, општеството, општината и сите што живеат во Гостивар, во Македонија, можат спокојно да живеат, мирно да живеат и сите големи грижи што ги имаат заедно да ги споделат.

Какви се вашите прогнози за иднината на меѓуетничките односи.

Лично мислам дека ако се вратиме малку наназад ќе сфатиме дека секогаш во текот на изборна година или предизборна година, ние имаме тензии на меѓунационален план. Така беше и пред парламентарните избори, се сеќаваме на таканаречените чудни и нелогични случувања на Кале. Ако се вратиме наназад на случувањата во Вевчани и Струга, се работи за двајца градоначалници едниот од ВМРО, а другиот од ДУИ, мислам дека се работи за сценарио. Прво се настојува Македонија да се прогласи за нестабилна држава, како држава која има потреба да влезе во НАТО и вториот момент од актуелната власт е оваа ситуација да се разгори пред наредните локални избори со цел да рехабилитираат одредени политичари кои политички се конзумирани и со тоа тие да добијат нови мандати. Објективно мислам дека на народот не му е до разгорување на овие меѓуетнички односи, едноставно проблемите од економска, социјална, образовна сфера се толку големи што луѓето бараат од власта, не да создава нови тензии, туку да ги реши постоечките и да створи перспектива. Ако заклучиме, ќе кажеме дека актуелната влада никогаш не ги најде виновниците за сите овие негативни случувања иако има служби кои се доста платени да се грижат за мирен живот на сите граѓани.

На последните избори се виде дека идеите кои поддржуваат нов договор меѓу Албанците и Македонците во Македонија не поминуваат најдобро. Се виде колку гласови освои вашата партија, колку гласови освои партијата на Тачи. Дали сметате дека е време за некаква нова понуда, нова програма, кога веќе спомнувате во вашите програми дека приоритет се НАТО и европските интеграции. И во таа смисла колку ви е блиска идејата за граѓански партии, кои нема да се обраќаат на Албанците, туку генерално на граѓаните.

Јас како одговор би дал една зебелешка, мислам дека ако албанската опозиција беше заедно таа ќе имаше повеќе мандати во однос на ДУИ, значи проблемот лежи во расцепканоста на опозицијата и во политичкиот донтов систем, кој ги дискриминира помалите партии. Од таа гледна точка независно од победите на ДУИ, има потреба од таа ревизија, таа потреба ќе треба да се направи со заеднички договор помеѓу македонските и албанските политчки партии во чекор со процесите на интегрирање на земјата во НАТО и ЕУ. Откако ќе атерираме во НАТО, откако ќе бидеме блиски до ЕУ или членка на ЕУ, луѓето во таа нова ситуација ќе бараат да бидат дел од политички партии кои ќе имаат граѓанска опција, но се додека сме поделени во овие колективни, национални прашања, мислам дека ќе продолжи функционирањето на политичките партии на етничка основа. И, ако се елиминираат тие етнички разлики, објективно сите граѓани и припадници на сите народи имаат исти стремежи, подобар живот, подобра перспектива, поголема сигурност и од таа гледна точка мислам дека во суштина сите политички програми на политчките партии соодвествуваат со овие цели.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG