Достапни линкови

logo-print

Неделен печат - Ем субвенции, ем увоз на храна


670 милиони долари за увоз на храна се пораз за Македонија!, објавува Капитал. Фокус ја анализира средбата на Груевски со Меркел, а Глобус пишува дека „Гоцевата раса е најслична со соседите“.

Капитал - 670 милиони долари за увоз на храна се пораз за Македонија!

Македонците имаат најголема генетичка сличност со Србите и со Бугарите и ова може да го расипе денот на многумина „аналитичари“, кои сметаат дека ние сме можеби постар народ и од амебите.
„670 милиони долари за увоз на храна се пораз за Македонија!“ - извикува уводничарот во најновиот Капитал, за да продолжи дека статистиката покажува дека македонската политика во земјоделството и во агро-секторот е промашена и не ги дава резултатите што по секоја логика би требало да ги дава. Иако лани растел и извозот на храна од Македонија, сепак трговскиот дефицит на земјава во трговијата со прехранбени производи достигна фрапантни речиси 300 милиони долари, наведува Капитал. Неделникот го пофалува зголемувањето на субвенциите во земјоделството за нови 12 отсто, но ја прашува Владата што сака да постигне со нив? Резултатите на терен покажуваат дека нема зголемување на производството на земјоделски производи, ниту намалување на увозот на храна. Субвенционираме евтин зеленчук и овошје на кои отпаѓа речиси половина од вкупниот македонски извоз на храна. Истите земји што го купуваат свежото овошје и зеленчук ни продаваат скапи и брендирани преработки, заклучува Капитал во својот уводник.

Фокус - Меркел го урна митот дека Груевски е човек на Германија

Фокус оди со политика: „Меркел го урна митот“ - е насловен уводникот на неделникот во кој, покрај другото се потсетува дека германска фондација ги обучуваше „преродените“ вмровци - Милошоски беше долго време по наука во Германија, богами и Протоѓер е германски „школарец“, а тука е и Керим, прочуениот „германски“ човек во ново портокалово руво. Сето тоа беа мирудии за чорбата на спин-мајсторите дека зад Груевски стои Берлин. Неговата средба со Меркел го урна тој мит. И Меркел инсистира на фамозниот компромис, по Вашингтон, дури и Анкара, несомнениот грчки противник, па и Москва. Час поскоро треба да сфатиме дека одамна имаме проблем со сите оние што го диктираат планетарното темпо, а не само со Грција. А никој не може да им помогне на оние што имаат проблем самите со себе, заклучува уводничарот на Фокус.

Глобус - Гоцевата раса најслична со соседите

Најновото онлајн издание на Глобус објавува интересен напис под наслов „Гоцевата раса најслична со соседите“, за резултатите од една ДНК-генетичка анализа на балканските народи работена 6 години во Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. Неодамна обелоденетите нејзини резултати покажале дека Македонците имаат најголема генетичка сличност со Србите и со Бугарите и ова може да го расипе денот на многумина „аналитичари“, кои сметаат дека ние сме можеби постар народ и од амебите, саркастично забележува Глобус. Според истата анализа, најблиски до Хрватите, според генезата, се сите народи што живеат во Босна и Херцеговина. Албанците кои живеат на Косово немаат ниту една заедничка допирна точка со преостанатите народи што биле предмет на ова истражување. Глобус во исто време потсетува и на неодамнешното истражување на швајцарскиот институт Игенеа според кое над 30 отсто од гените на денешните жители на Македонија се од античките Македонци, додека само 15 отсто се словенски. Генерално, според Швајцарците, сите балкански народи имаат одреден дел словенско потекло, но само кај Македонците доминираат корените од античка Македонија.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG