Достапни линкови

Грција навредена од Европа


Жртвите на грчкиот народ се неподносливи. Нема да дозволиме да не омаловажуваат, изјави деновиве шефот на државата Каролос Папуљас, откако некои европски политичари изразија сомневање дека Грција ќе ги исполни ветувањата за реформи за намалување на државните трошоци за да го добие новиот пакет помош од 130 милијарди евра.

Многумина во Грција сметаат дека постојаното инсистирање на меѓународните кредитори на дополнителни услови што треба да бидат исполнети претставува вистинско понижување за земјата која веќе пет години е во рецесија.

Откако владата на Грција во минатиот викенд се соочи со насилни нереди, но сепак успеа да го протне во парламентот строгиот план за штедење, министрите од еврозоната наметнаа нови услови, меѓу другото и тоа политичарите писмено да се обврзат дека ќе го спроведат договореното.
Нашите партнери мора да знаат дека грчкиот народ е целосно исцрпен и оти ние треба да донесеме некои мерки кои ќе бидат одговор на проблемот со денешната рецесија. Јас не верувам дека некој во Европа ќе биде среќен, гледајќи десет милиони луѓе целосно без надеж.

„Од нивна страна тие сакаат да знаат дека имаат работа со цела земја на која може да и се верува, а не со една или со друга партија, една или друга влада. Тоа јасно им го кажавме. Лидерите на партиите испратија писма, а парламентот со две третини го усвои договореното. Тоа е јасен одговор за сомнежите во Европа за нашата способност“, изјави грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос.

Грците најмногу ги разгневи германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, кој побара одлагање на изборите планирани за април, за да и се даде време на технократската влада да ги спроведе реформите.

„Можеме да помогнеме, но не можеме да истураме во бунар без дно“, изјавил Шојбле, на што веднаш реагираше грчкиот претседател Каролос Папуљас, наведувајќи дека нема да дозволи понижување на Грција.

„Кој е господин Шојбле да ја омаловажува Грција? Секогаш бевме горди што ја браниме не само нашата слобода, туку и слободата на Европа“, изјавил Папуљас.

Ова негово мислење го делат и други политичари во Атина кои сметаат дека премногу жртвувале.

„Нашите партнери мора да знаат дека грчкиот народ е целосно исцрпен и оти ние треба да донесеме некои мерки кои ќе бидат одговор на проблемот со денешната рецесија. Јас не верувам дека некој во Европа ќе биде среќен, гледајќи десет милиони луѓе целосно без надеж“, изјави лидерот на Демократската алијанса Дора Бакојани.

„Секое ново барање од нашите партнери ќе значи исмејување на нашата земја“, смета грчкиот министер за заштита на граѓаните Христо Папуцис, кој оценува дека станува збор за директна навреда не само на политичкиот систем во Грција, туку и на достоинството на грчкиот народ.

Веднаш потоа следуваа помирливи изјави од Брисел. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо изрази надеж дека членките на Европската унија ќе ги прифатат грчките обврзувачки ветувања, а генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен изрази надеж дека и покрај економските тешкотии, Грција ќе ја задржи нејзината активна улога во Алијансата и ќе помогне во евроатлантските интеграции на земјите од Западен Балкан.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG