Достапни линкови

Обама: Кина мора да игра според правилата


Американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон разговараше со кинескиот потпретседател Кси Џинпинг за кој се верува дека ќе биде идниот шеф на кинеската држава. Неговата посета на Соединетите Држави доаѓа во момент кога постојат остри разлики меѓу Вашингтон и Пекинг за Сирија и Иран, но и за некои економски прашања.

Американскиот претседател Барак Обама му порачал на кинескиот потпретседател Кси Џинпинг дека Кина мора да игра според глобалните економски правила и оти Вашингтон и натаму е загрижен за почитувањето на човековите права во Кина.
Американскиот претседател Барак Обама со кинескиот потпретседател Кси Џинпинг.

Американскиот претседател Барак Обама со кинескиот потпретседател Кси Џинпинг.


„Со проширена моќ и просперитет исто така доаѓа и зголемување на одговорностите. Затоа сакаме да работиме со Кина за да се осигураме дека секој работи според истите правила кога станува збор за светскиот економски систем. Тоа вклучува избалансиран трговски проток не само меѓу Соединетите Држави и Кина, туку и во целиот свет“, изјави Обама по разговорите со 580годишниот Кси Џинпинг, за кој се предвидува дека идната година ќе стане претседател на Кина.
Со проширена моќ и просперитет исто така доаѓа и зголемување на одговорностите. Затоа сакаме да работиме со Кина за да се осигураме дека секој работи според истите правила кога станува збор за светскиот економски систем. Тоа вклучува избалансиран трговски проток не само меѓу Соединетите Држави и Кина, туку и во целиот свет.

Затоа, неговата посета на Вашингтон се гледа како на шанса за двајцата лидери меѓусебно да се оценат и како на обид на администрацијата на Обама да ја олесни идната соработка со таа земја.

Според Обама, таа соработка е од интерес и на целиот свет. И покрај силните финансиски врски со Кина, Соединeтите Држави изразија загриженост поради тоа што Пекинг ги крши трговските правила, не ја почитува интелектуалната сопственост и на своја рака ја одредува вредноста на националната валута.

Вашингтон смета дека јуанот е потценет со цел да се одржува кинескиот извозен бум. Кинескиот потпретседател Кси Џинпинг, по средбата со неговиот американски колега Џо Бајден, изјави дека Кина ќе работи со Вашингтон за намалување на разликите.

„Претседателот Обама, потпретседателот Бајден и јас во поголемиот дел на нашите разговори сме посветени на економските и трговските прашања. Го делиме мислењето дека меѓународната економска и финансиска ситуација останува тешка и оти треба да ги продолжиме напорите за надминување на разликите.“
Протибетански протести во Вашингтон

Протибетански протести во Вашингтон


Односите меѓу двете земји се затегнати и поради несогласувањето околу човековите права во Кина. Вашингтон го критикува Пекинг за ограничување на граѓанските права, но и на правата на малцинствата како на Тибетанците и на Ујгурите.

Тука се несогласувањата и во врска со решавањето на ситуацијата во Сирија и со натамошните притисоци врз Иран со цел да се откаже од контроверзната нуклеарна програма.

„Отсекогаш сум нагласувал дека ние го поздравуваме мирниот кинески развој, бидејќи ние веруваме дека силна и просперитетна Кина може да помогне за стабилноста на регионот и во светот“, изјави американскиот претседател Барак Обама по разговорите со кинескиот потпретседател Кси Џинпинг.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG