Достапни линкови

Цртежи на Таки М.Павловски


Дело на Таки Павловски.

Дело на Таки Павловски.

Ретро 3 е насловена големата ретроспективна изложба на македонскиот уметник Таки М. Павловски што ќе биде отворена утревечер во Музеј на град Скопје. Во пресрет на оваа постановка ќе биде промовирана и монографијата за овој ликовен творец чиј автор е Емил Алексиев.

Таки М.Павловски, според своите творечки преокупации, ликовната синтакса што ја користи и според естетската позиција што ја брани, му припаѓа на поколението од уметници кои влегоа во судир со проблемите на своето време, во судир со стварноста што ги опкружува. Неговиот творечки опус е одговор на визуелната агресија на опкружувањето трансмутирана во ликовната лабораторија на уметникот во длабоко, полно со чувство, дело.
Цртежот е суштината на творењето, во цртежот се нафрлаат тие првични информации кои се доживуваат секојдневно, тоа се импулси од кои подоцна настанува слика.

Ова ќе го забележи Емил Алексиев, историчар на уметност и автор на монографијата Таки М.Павловски – Цртежи, чија промоција ќе се обистини заедно со големата ретроспективна изложба на овој наш познат творец.
Дело на Таки Павловски.

Дело на Таки Павловски.


За Цртеж – Ретро 3, Павловски забележува дека ова е негово трето последователно комплексно тематско навраќање на она што го работи во изминативе пет децении, откако најнапред на публиката и ги претставил сликите, потем сценографиите и сега на ред дошол цртежот.
Овие цртежи што сега се овде изложени, тие се и заокружени како цело авторско дело, не е тоа само цртеж како повод, туку цртеж како завршна нафрлена мисла.

„Цртежот е суштината на творењето, во цртежот се нафрлаат тие првични информации кои се доживуваат секојдневно, тоа се импулси од кои подоцна настанува слика.“

На постановката се претставени над 100-на цртежи селектирани од творештвото на уметникот, а тој вели дека преку нив јавноста може да види што е она што него како автор го преокупирало и кои се тие автохтони елементи што ја чинат неговата поетика.

„Овие цртежи што сега се овде изложени, тие се и заокружени како цело авторско дело, не е тоа само цртеж како повод, туку цртеж како завршна нафрлена мисла.“

Таки М. Павловски е роден 1939 година во село Желин, Костурско. Дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград, оддел сценографија, а член е на ДЛУМ од 1967 година. Доцент е на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Тој својата ликовна поетика ја создава од самиот почеток на своето уметничко делување изразувајќи се, како во цртежот и сликата, така и преку концептуалната практика и инсталацијата. Воедно, Павловски повеќе од четири децении ги облагородуваше програмите на македонската телевизија со своите ликовни идеи и применети креации, а неговите цртежи, несомнено, денес претсавуваат дел од антологиските цртачки остварувања на македонското ликовно творештво.

Инаку, Павловски кој многупати излагал во странство се надева дека наскоро повторно ќе има средба со тамошната јавност оти како што вели тоа би бил еден благороден напор на светот да му предочиме што е она што се истражува и запишува во Македонија. Згора на тоа, тој навестува дека наскоро ќе го понуди она што сеуште не го извадил пред пошироката јавност и дополнува дека:

„Најдрагата слика е таа што ќе ја насликам допрва.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG