Достапни линкови

Ласт експедишн се враќа на сцена


Архивска фотографија: Концерт на Ласт експедишн.
Архивска фотографија: Концерт на Ласт експедишн.

Ласт експедишн, една од најзначајните групи во историјата на македонскиот рокенрол, по долга пауза се враќа на сцената. Нивното реобединување формално ќе се случи на вториот по ред „Скрим мјузик фестивал“ закажан за 11 февруари во арената „Метрополис“ во Скопје.

Она што мнозина љубители на нивната музика поодамна го пожелуваа, конечно и формално ќе биде заокружено. Енис Хаџиќ - Енко, Сеад Хаџиќ - Сецко, Димитар Петров, Влатко Јаневски и Огнен Мангаровски или заедно ЛАСТ ЕКСПЕДИШН, по пауза од нецели седум години од последниот концертен настап на бендот, в сабота ќе го сторат своето големо враќање на сцената во арената „Метрополис“ во рамките на престојниот „Скрим мјузик фестивал 2012“.
Искрено речено 15 години ние фактички не функционираме нели со албуми, со нов материјал и малку ми е жал што го потрошивме тоа време така и ќе пробаме нешто да извадиме за колку толку да пробаме да се вратиме, ама ќе си каже самиот настап сега на Скрим фестивал дали има смисла ние да се вратиме или не. Значи, се зависи од публиката, каков фидбек ќе добиеме.
Енис Хаџиќ - Енко, пејач на Ласт експедишн.

„Претпоставувам дека е вистинското време да се вратиме, поготово со албумот 4 јули на Мугер Фугер, каде што се раскажува целото тоа искуство со кое што јас сум почнал на таа улица со првите проби со Ласт Експедишн“, вели гитаристот Сеад Хаџиќ – Сецко, инаку предводник и на МУГЕР ФУГЕР – составот во кој се и поголемиот дел од музичарите со кој тој свирел во изминативе децении.
Ласт експедишн.
Ласт експедишн.

ЛАСТ ЕКСПЕДИШН последен пат официјално настапуваше на фестивалот „Неограничен мир“ во 2004 година, а малку подоцна тие беа дел од концертот за нивниот починат пријател, новинарот Даниел Михајловски. Сепак, според пејачот Енис Хаџиќ Енко тие всушност на сцена не биле заедно од неформалната свирка во МКЦ во 2005 година со што го испратиле својот тогашен гитарист Кире Најдовски за Америка.

Над се огромна одговорност затоа што сме бенд кој позади себе има публика која е жедна за наши нови песни и тоа мора да го сториме за нив. Ќе гледаме да не менуваме многу за да се задржи баш мирисот на тоа време.
Сеад Хаџиќ - Сецко, гитарист на Ласт експедишн.
„Искрено речено 15 години ние фактички не функционираме нели со албуми, со нов материјал и малку ми е жал што го потрошивме тоа време така и ќе пробаме нешто да извадиме за колку толку да пробаме да се вратиме, ама ќе си каже самиот настап сега на Скрим фестивал дали има смисла ние да се вратиме или не. Значи, се зависи од публиката, каков фидбек ќе добиеме.“

На овој начин Енко открива и дел од плановите на ЛАСТ ЕКСПЕДИШН за во иднина, а неговиот брат Сецко е дури поконкретен во однос на планираната дискографска објава.

„Над се огромна одговорност затоа што сме бенд кој позади себе има публика која е жедна за наши нови песни и тоа мора да го сториме за нив. Ќе гледаме да не менуваме многу за да се задржи баш мирисот на тоа време“, вели Сецко.

На престојниот концерт ЛАСТ ЕКСПЕДИШН ќе бидат засилени со гитаристот и мултиинструменталист Ади Имери, а се шпекулира дека на сцена би можел да им се придружи и Идриз Амети – водачот на групата БЛА БЛА БЛА и дел од легендата за бендот од улицата 4 јули во скопската населба Ѓорче Петров, а договорено е за хитот „Ќељав дабар“ подршка да имаат од момците од хип-хоп составот ЧИСТА ОКОЛИНА.

ЛАСТ ЕКСПЕДИШН е формиран во средината на 1980-те и зад себе има четири дискографски објави - албумите „Интро“, „Изгубени ликови“, „Бокс“ и „Live in А1“, а публиката ги помни по песните како „Без мене“, „Далеку“, „Тину-нину песна“, „Двобој“, „Интервју од скитникот“, нивната преработка на „Bandiera rossa“ и особено по високо-енергетската бунтовничка химна „Шефе“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG