Достапни линкови

Попоски - Македонија има направено многу отстапки во однос на Грција


Министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Македонија треба да стане членка на НАТО час поскоро, но Самитот во Чикаго не е фокусиран на проширувањето, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски, во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик. По средбата со американскиот заменик-државен секретар Вилијам Барнс, Попоски вели дека САД остануваат посветени во поддршката Македонија да влезе во НАТО.

На прашањето дали Македонија планира да оди на прием со кратенката БЈРМ на Самитот во Чикаго, Попоски наведува дека тоа е нешто што е предвидено со Времената спогодба.

Тој повтори дека Македонија е целосно посветена да најде решение што ќе и овозможи да стане членка на НАТО, но смета дека земјава има направено доволно отстапки во однос на Грција.

„Македонија има направено толку многу отстапки, во редица, што е навистина апсурдно да говориме за било каква отстапка од страна на Република Грција, кога ние во старт сме се откажале од работи како – менување на Устав, знаме, јасно изразување на никакво немање на територијални претензии, што е, повторувам, оној темел на таа грчка теза, со тоа што сме ги отстраниле сите оние ризици кои од нивна страна биле причина за да се аргументира тоа попречување. Од тој аспект, не би можел да видам никава логика во тоа дека Република Грција со ваква изјава направила некаква отстапка, а ние не сме направиле. Мислам дека ако ги ставите на една терезија отстапките од една и друга страна, дисбалансот е радикален“, вели Попоски.
XS
SM
MD
LG