Достапни линкови

Георгиев - Не правете поделби на народот


Меѓуетничките инциденти многу удираат на емоциите на граѓаните на двете страни, на религиозните и етничките чуства. Играњето со шкорчиња и играњето со меѓуетничките односи во Македонија на кое било ниво е премногу опасно за да може да биде интерпретирано дека е некаков вовед во локални избори, вели потпретседателот на СДСМ, Гордан Гeоргиев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Меѓуетнички тензии и провокации во струшко, па во тетовско. Кому му одговара сето ова? Кој би можел да стои зад овие настани?
Поделбите за жал нема јас што да мислам, тие се направени, тие се направени не по наша волја бидејќи ужасно понижувачко чуство е некој да те нарекува дека си предавник, а себе си се нарекува патриот. Како се вели, патриотизмот е последното прибежиште на криминалците. Јас не ги сакам тие поделби, мислам дека се нездрави за македонското ткиво, сега зборувам за македонското етничко ткиво и мислам дека нужно повторно се прелеваат на меѓуетничкиот кампус. Точниот автор на овие поделби се вика ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Груевски без сомнение, тука да не правиме нивелација дека сите се исти, се знае кој го правеше тоа и кој сака да владее по принципот подели па владеј.

Јас се надевам дека тензиите ќе спласнат, ќе се смират, дека сите политички актери ќе бидат на нивото на задачата да се смират тензиите, ќе покажат голема одговорност, ако сакате и храброст, да се лоцираат одговорните лица кои ги прават овие инциденти и притоа мислам дека овде е важна улогата на сите политичари, на сите политички партии.

СДСМ апелираше и најостро ги осуди овие инциденти од двете страни, но крајната одговорност за разрешавање на овие случаи ја лоцираме во владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ. Ако се сеќавате пред точно година дена беше инцидентот на Калето, каде главни актери беа ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, кадешто, според нас, предоцна се реагираше. Еве, година дена потоа се случува инцидент во Вевчани, се случуваат крајно сериозни инциденти во Струга, со палењето, каде што повторно актери се владејачки општини на ВМРО и на ДУИ, Вевчани и Струга. Мислам дека одговорноста нивна е многу голема и тие треба сега и веднаш да ги лоцираат одговорните, да ги казнат тие што ги направиле овие инциденти за да може да се смири тензијата, инаку е најлесно во ваква фрагилнa, мултиетничка демократија некој да долева бензин на огнот.

Зошто сметате дека владејачката коалиција има интерес од ваквиот развој на настаните?

Не, јас не мислам дека е нормално во оваа наша Македонија било кој граѓанин да има интерес од ваков развој на настаните, тоа би било катастрофално и тоа би било детски начин на водење на политика и крајно неодговорен. Затоа без да преудицираме, без да обвиниме никого, затоа што не сакаме, пак, ние да долеваме масло во оганот, апелираме сега да се решат проблемите, да не се ставаат под тепих, сега да се лоцираат одговорните и сега да излезат главните актери и на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, заеднички, бидејќи се дел од коалицијата која е владеачка и на локално и на централо ниво, и да ги осудат и да ги казнат виновниците.

Што прави СДСМ да ги спречи и да ги намали тензиите, освен апелите за смирување?

Па, СДСМ нема институционални механизми да ги спречи, бидејќи на местата каде се случуват инцидентите нити сме власт, ниту пак на централно ниво сме власт. Нашата улога, ако сакате, е помалку значајна во овој сегмент, но значајна од аспект што СДСМ е партија која има покажано во кратката историја на независна Македонија дека знае како да се однесува и како да ги менаџира меѓуетничките односи и затоа ние веднаш излеговме со апел уште пред една недела и повторно со уште еден апел, ако треба уште повеќе ќе се заложиме за тоа, за да укажеме колку е потенцијално драматична состојбата. Доколку побараат од нас некаков вид на менаџирање ние сме тука да помогнеме, но не гледам начин како би го направиле тоа кога власта е во рацета на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, затоа велам без да се амнестираме од било што, одговорноста да се лоцира кај главните политички актери во државата.

Во дел од медиумите ситуацијата во струшко се толкува како подготовка за битка за локални избори. Кој е вашиот став за ваквите тези?

Па јас мислам дека и струшко и Вевчани и било која општина во Република Македонија е премала, премногу небитна за да вакви инциденти се прават во функција на некаква победа или пораз на локални избори. Овие инциденти на симболичко ниво се многу значајни во негативна смисла, многу удираат на емоциите на граѓаните на двете страни, на религиозните и етничките чуства, и затоа доколку е така, тоа е катастрофално сценарио за Македонија, но повторно политичките актери, особено оние од власта, доколу е тоа така, тоа треба да го лоцираат и веднаш да ги зауздаат, би рекол, своите јаничари во националистичка смисла и затоа велам играњето со шкорчиња и играњето и со меѓуетничките односи во Република Македонија на било кое ниво е премногу опасно за да може да биде интерпретирано дека е некаков вовед во локални избори.

Дали ваквите ситуации и меѓуетничките тензии во основа можат да ја разнишаат коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и дали размислувата да дојдете на власт коалицирајќи со ДУИ во таква една состојба?

Апсолутно не се поставува тоа, тоа не е прашање што треба сега да се постави на дневен ред, ние сега треба како држава, ако сакате како нација, да ги решиме овие проблеми сега и веднаш затоа е толку ургентно. Јас мислам дека задоцнетите реакции и од страна на ДУИ и од страна на ВМРО-ДМПНЕ се симптоматични, тие укажуваат на тоа дека тие или не знаат или не сакаат, двата клучни политички актери во владата да ја препознаат важноста на овие меѓуетнички тензии. И притоа треба да знаат и граѓаните и вие медиумите, мислам дека не е фер на граѓаните да им се долеваат дози на национализам, а притоа и Груевски и Ахмети да бидат метафорично во топли прегратки и да делат тендери и да ги занемаруваа сите крупни проблеми во оваа држава, само и само за да останат на власт, тоа е премногу мала причина за да ги жртвуваат сите меѓуетничките односи во Република Македонија.

Вашата колумна за навивачката еуфорија предизвика многу реакции во јавноста. Што е она што од навивачката еуфорија вам ви пречеше?

Мене ништо не ми пречеше од навивачката еуфорија и мојата колумна предизвика реакции не заради содржината, тие што ја прочитале знаат дека воопшто не е спорна, туку заради начинот на којшто медумските касапски кучиња се обидоа да ја спинуваат и повторно, по не знам кој пат, да се се обидат да го поделат народот на патриоти и предавници. Она што мене ми пречеше е она што сега се случува постфестум откако заврши ракометната еуфорија, а тоа е дека понатамошните настани, оние скандалите со навивачите пред возовите кога обвинија дека СДСМ го прави тоа, списоците на навивачите кои патуваа за Белград, каде што беа сите до еден луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, кадешто, извинете ама немаше ни еден од каолициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, или било која партија или од било која граѓанска фела и затоа мислам дека таа поделба којашто веќе шест години ни се наметнува на нас граѓаните на Република Македонија и по етничка основа,и по партиотско-предавничка основа и по разни други основи е штетна за Македонија и за жал на крајот се сведува на меѓуетнички конфликти и тензии. За жал тоа ни се случува денеска. Јас не велам дека тоа е заради скандирањата на навивачите против Албанците што е секако деликатна тема, но воопшто атмосферата на недоверба на поделби потоа генерира други тензии, кои, како што е секогаш во Македонија, пукаат секогаш таму каде што е најтенко, а тоа се меѓуетничите односи.

Какви се вашите очекувања од Самитот на НАТО во Чикаго?

Ние во опозиција можеме да имаме какви сакаме очекувања, ние сакаме да веруваме дека Македонија има шанси да влезе во НАТО до мај, но ако го гледаме оној што е најповикан да каже какви се нашите очекувања или шанси, а тоа е премиерот, кој неодамна во интервју, а потоа и во изјави, безмалку кажа дека не треба да очекуваме дека ќе влеземе во НАТО, многу дефетистички, би рекол многу кукавички, дури ако сакате, јас не очекувам од мојот премиер, којшто е премиер на сите граѓани да каже дека го спуштаме „оружјето“ политичко и дипломатско и дека ние немаме шанси да влеземе во НАТО. Ние повикуваме како партија да каже премиерот Груевски дали Македонија има друг пат, бидејќи патот без НАТО е многу трнлив, многу тежок и во ваква геополитичка положба во која се наоѓа Македонија, со ваква фрагилна мултиетничка демократија, тој може да биде вовед во нови тензии, политички и етнички.

Од една страна, премиерот изјави дека не треба многу да се очекува од Самитот, од друга страна преговарачот Јолевски и министерот Попоски изјавија дека одат во офанзива, односно дека ќе ги интензивираат лобирањата во Вашингтон. Како ги толкувате овие измешани сигнали што ги испраќа власта?

Тие измешани сигнали не се случајни, тие се намерно измешани и тоа го прави власта во последните 6 години, да немаме никакви дилеми и околу нашите перспективи во ЕУ, и околу нашите перспективи во НАТО, па ако сакате и на полето на решавање на спорот за името, којшто очигледно е некаков клучен предизвик за нас за влегување во НАТО и во ЕУ. Ако се сеќавате колку беше оцрнувана формулата БЈРМ и колку грди зборови и црни кампањи се фрлија врз СДСМ, да сега безмалку премиерот Груевски се крсти во таа привремена референца и моли Македонија да влезе под таа референца, тоа е една политика на мимикрија, едно класично лажење на сопствениот народ, бидејќи сите знаеме дека Македонија нема да влезе во НАТО во мај, сега да пуштате вие емисари од типот на амбасадорот Јолевски или министерот Попоски, а притоа вие како премиер клучен во државата да велите дека нема шанси да влеземе во НАТО, тоа е груба лага и груба манипулација со сопствениот народ и давање лажни надежи кои на крај ќе пукнат како меур од сапуница.

Како се подготвува СДСМ за новата кампања?

СДСМ веќе интензивно работи на терен и претседателот Црвенковски и раководството на СДСМ секојдневно сме на терен со нашите граѓани, ја заштрафуваме што се вели инфраструктурата на партијата, се обидуваме во голема мерка да го компензираме недостатокот од медиуми или од критички медиуми, којшто е евидентен, којшто е страшен и кој не е потврден само од нас, туку и од сите релевантни претставници, се обидуваме да одиме од човек до човек, од семејство до семјество, од куќа на куќа да им објасниме на луѓето дека не е се така како што гледаат на „розевите“ телевизии, блиски до власта, а такви се повеќе во државата. Да им објасниме дека нема потреба повеќе да се плашат од притисоците на власта бидејќи сплотени во сиромаштијата, во тагата, сплотени во очајот, или во мизеријата што се случува во Македонија во овие 6 години а притоа немаме никакви бенифити на економски и социјален план, не прави посилни и тоа ќе биде една од нашите главни адути заедно со нашата политичка програма за локалните избори.

Велите дека главниот адут ќе ви биде контактот човек со човек и одење од врата на врата. Зошто таков метод да не се примени и во намалување или спречување на меѓуетничките тензии?

Па јас не велам дека ние тоа не го правиме, ние веќе дадовме и партиски инструкции и до нашите локални ограноци во етнички мешаните средини да помогнат да се смират тензиите, да разговараме со луѓето да покажеме дека нема потреба да се гледаме низ нишан, дека овие инциденти се плод на индивидуалци коишто се политички инструирани секако од некаков центар или политички манипулирани.

Во една телевизиска емисија фигуративно се изразивте дека сте во фаза на пипкање со Демократската партија на Албанците. Па ако може и јас фигуративно да се изразам, до каде е таа љубовна приказна?

Не се работи за љубовна приказна, тоа е политичко пипкање и тоа не беше насочено само кон ДПА, туку кон сите опозициони сили во Република Македонија. Како што гледате ситуацијата во земјата се разжестува на некој начин. Политичката битка сакале нејќеле на некој начин ќе се разгори до локалните избори, ќе се разгори на ниво на социјална битка затоа што 2012-та по сите параметри ќе биде многу тешка економски година, и затоа ние сме на ставот дека сме спремни да соработуваме со секоја политичка партија се со цел да се победи ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција.

Кога веќе имате изморен премиер, кој веќе нема здив да работи, којшто нема идеја и се се сведува на корупција и тендерски зделки за мир во коалицијата, тогаш веќе знаете дека Република Македонија е на лош пат. Тоа нема да биде коалиција, тоа може да биде некаков лабав блок кадешто на една или две точки ќе се согласиме дека сме заедно, притоа имајќи го за почит сите разлики а ги има прилично, кои ги имаме и со албанските опозиски партии и со македонските други опозициони партнери во десничарскиот блок или од центристичкиот блок.

Веќе подолго време зборувате дека сте подготвени за една широка опозициска коалиција. Но нема ни трага ни глас, освен разговорите и договорот за соработка со Руфи Османи.

Па нема таков договор ни со Руфи Османи, јас разбирам дека можеби медиумите се нестрпливи за такво нешто, притоа не велам дека до тоа ќе дојде нужно, тоа не доаѓа брзо, имаме ние година дена пред локални избори, кадешто се уште разговараме и се уште ги вагаме работите, аргументите, јас не мислам дека тоа треба да биде некаков голем бунт, туку треба да биде едно спонтано здружување на опозиционите сили, мислам дека и граѓаните без разлика дали се согласуваат целосно или делумно со политиките на СДСМ и на друга опозициона партија, треба да сфатат дека во Република Македонија не се живее добро и затоа ние ќе бараме и од самите граѓани, еден граѓански блок, ако сакате и од невладините организации, интелектуалците, професорите на универзитет, мислам дека тие имаат многу голема одговорност како и медиумите да ги покажат на вистински начин проблемите во Република Македонија.

Мислите ли дека тоа може да доведе до поголеми поделби на предавници и патриоти отколку што е сега?

Поделбите за жал нема јас што да мислам, тие се направени, тие се направени не по наша волја бидејќи ужасно понижувачко чуство е некој да те нарекува дека си предавник, а себе си се нарекува патриот. Како се вели, патриотизмот е последното прибежиште на криминалците. Јас не ги сакам тие поделби, мислам дека се нездрави за македонското ткиво, сега зборувам за македонското етничко ткиво и мислам дека нужно повторно се прелеваат на меѓуетничкиот кампус. Точниот автор на овие поделби се вика ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Груевски без сомнение, тука да не правиме нивелација дека сите се исти, се знае кој го правеше тоа и кој сака да владее по принципот подели па владеј.

Аферата Телеком. Јавноста е сведок на политичките препукувања околу аферата, за тоа кој е виновен и како, а јавниот обвинител упорно тврди дека нема докази за било какво кривично гонење. Каде лежи проблемот за расчистување на оваа афера?

Па сигурно проблемот нема да се реши, за жал, преку јавниот обвинител, кој што покажа во повеќе наврати, како оној пат со фамозното пластично шише со 700 илјади евра кај возачот на Срѓан Керим, покажа дека тој е комплетно партиски инстументализиран и дека тој кога нема да му се даде сигнал од највисоките ешалони на власта, тој нема да реагира.

ВМРО-ДПМНЕ само во функција да сее магла во јавноста се обиде тоа да го наметне дека е безлично препукување меѓу партиите. Ние кажавме јасно и гласно, нека се реши криминалот во Телеком, тоа го должиме на нашите граѓани, тоа го должиме на нашите партнери од меѓународната заедница и тоа го должиме на угледот на нашата заедница, затоа ние немаме никаков комплекс, а тие што имаат комплекс и цело време се обидуваат да ја замајуваат јавноста, прво нека им служи на чест, а второ нека знааат дека тој проблем кога тогаш ќе се реши.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG