Достапни линкови

Монодрама на 85-годишна актерка во МНТ


Актерката Добрила Чабриќ и режисерката Виолета Џолева.

Актерката Добрила Чабриќ и режисерката Виолета Џолева.

„Методот на Мис Маргарида“ е насловена монодрамата со која доајенката, 85-годишната актерка Добрила Чабриќ, по цели 55 години се враќа во МНТ. Режисерка е Виолета Џолева, а премиерата на проектот е закажана за сабота, на 4 февруари на Малата сцена на МНТ.

Добрила Чабриќ е вистински феномен. И тоа во светски рамки. Таа на својата 85-годишна возраст, неверојатно витална, со темперамент и енергија на која што можат да и позавидат многу помлади, се враќа на штиците што значат живот и тоа со монодрама – една од најтешките и најсуптилни форми.
И благодарам на режисерката Виолета Џолева што ме пронајде, ископа, закопана од времето, бидејќи живеам во Дојран од 1980 година и најде монодрама, донесе од Америка и вели само тебе те гледам во оваа монодрама, дали ќе можеш. Јас ја прочитав монодрамата и реков да, тоа е прекрасно и почнавме да работиме.

На сцената на Македонскиот народен театар, каде што била членка на ансамблот од 1945 до 1957 година, по пауза од цели 55 години, г-ѓа Добрила е подготвена да го отелотвори ликот на Мис Маргарида. Се работи за интерактивна претстава, за трагикомичен монолог на една учителка, инаку жестока жена, напишан од бразилскиот писател Роберто Атајаде.
Актерката Добрила Чабриќ и уметничкиот директор на МНТ Дејан Пројковски.

Актерката Добрила Чабриќ и уметничкиот директор на МНТ Дејан Пројковски.


„И благодарам на режисерката Виолета Џолева што ме пронајде, ископа, закопана од времето, бидејќи живеам во Дојран од 1980 година и најде монодрама, донесе од Америка и вели само тебе те гледам во оваа монодрама, дали ќе можеш. Јас ја прочитав монодрамата и реков да, тоа е прекрасно и почнавме да работиме“, вели актерката од која блика огромната љубов кон театарот и сцената.
Оваа претстава ќе и помогне нејзе да го почуствува уште еднаш театарот и својата младост, но исто така ќе ни помогне на сите нас, кои сме заборавиле дека имаме уште вредности.

Инаку, таа по одработените 10 сезони во белградскиот театар Теразије имала и извонредно успешна естрадна кариера. Била ѕвезда во Русија, Грузија, Бугарија и во останатите источни земји. Снимила многу плочи, настапувала во САД и во Западна Европа, во Париз им пеела на Оназис и легендарната Марија Калас, а денес ги развеселува комшиите во Дојран.

Виолета Џолева, која своето режисерско деби го имаше со претставата „Димна Јуда“ токму на Малата сцена на МНТ во 1973 година(проект со кој една година подоцна ја освои наградата Златен венец на Фестивалот на мали и експериментални сцени во Сараево) и која овде се враќа по пауза од девет години, за текстот на Атајаде, кој како монодрама промотивно е изведен во Њујорк во 2010 година каде што сега живее и работи авторот, истакнува дека го добила од Тања Џамбазова и дека е извонредно инспиративен за актерката бидејќи и овозможува палета на чувства и различни емотивни состојби.

„Оваа претстава ќе и помогне нејзе да го почуствува уште еднаш театарот и својата младост, но исто така ќе ни помогне на сите нас, кои сме заборавиле дека имаме уште вредности, дека градењето на театарот, стар, нов, не е само градење на една зграда, туку е обновување на сите оние вредености кои тој простор, тоа време ги оставило и ги продолжило и се пренеле, се реинкарнирале во сите овие млади луѓе“, вели режисерката Џолева.

Освен во МНТ, претставата ќе се игра и во Гевгелија и во Дојран, а Дејан Пројковски, уметничкиот директор на театарот, вели дека на овој начин тие во пресрет на вселувањето во новата зграда прават вистинска посвета на она што низ годините се работело во нашата национална установа.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG