Достапни линкови

Се отвора Театар Комедија во Скопје


Со идеја за жанровско профилирање на театрите во Македонија, во Скопје, како седми по ред професионален ансамбл, промовиран е новосоздадениот ТЕАТАР КОМЕДИЈА. Во оваа нова национална установа ќе работат девет актери, а во 2012 година ќе бидат подготвени три проекти кои ќе се играат на сцената на Драмски театар.

Крсте Јовановски – до неодамна во театарот „Антон Панов“ од Струмица, Жаклина Стефковска од МНТ, Едмонд Сотир и Роберт Вељанов од Велешкиот театар, Ердоган Максут од Турскиот театар и младите Зорица Стојановска, Валентин Костадинов, Атанас Атанасовски и Нина Дејан Гачиќ се деветте професионално вработени актери во новопромовираната национална институција од областа на културата ТЕАТАР КОМЕДИЈА.
Да се оформи една нова национална институција и да се позиционираме на пазарот, јас не верувам дека ќе биде лесно, меѓутоа исто така верувам дека ќе дадеме се од себе.
Јелена Жугиќ, директорка на Театар Комедија.

„Ова е ансамблот со кој тргнавме во театарско освојување на Македонија, на Скопје, што е голем предизивик. Да се оформи една нова национална институција и да се позиционираме на пазарот, јас не верувам дека ќе биде лесно, меѓутоа исто така верувам дека ќе дадеме се од себе“, вели Јелена Жугиќ, директорката на Театар Комедија.
Актерката Јелена Жугиќ, директорка на Театар Комедија.
Актерката Јелена Жугиќ, директорка на Театар Комедија.

Јас сум од Велес, како номад отидов во Струмица, отидов ѓоамити малку да поседам, ама останав безмалку 30 години, одиграв преку 100 улоги и во сите жанрови сум се пробал.
Крсте Јовановски, актер.
Таа дополнува дека во текот на 2012 година, со силна логистичка подршка од Драмски театар, каде првично ќе делува оваа институција, тие ќе потпишат три проекта. Почетокот ќе биде означен со премиерата на бардот на овој жанр во земјава, актерот и режисер Коле Ангеловски, и неговиот проект „Турска приказна: Ах, љубов моја неверна“, потем ќе следува црната комедија „За секого има по една“ на Венко Андоновски во режија на гостинот од Бугарија – Владлен Александров и за крај гогољевата „Женидба“ што ќе ја потпише Дејан Пројковски.

„Коле Ангеловски е режисер со кој јас имам повеќе од 5 престави сработено во мојот живот, успешни, а Владлен Алкесандров е режисер со кој беше мојата последна соработка минатата година, така да се одлучив буквално, како што би рекле ние во нашиот жаргон - проверени режисери, бидејќи половина од ансамблот се млади, пола од нив се трансфери, допрва треба да се запознаваме, значи важно ми беше да се тоа режисери со кои сметам дека многу добро, како што јас сум поминала низ нивни раце, така и ансамблот на театар Комедија да помине низ рацете на тие двајца режисери“, вели Жугиќ.

Таа не се сомнева дека тие успешно ќе ја спроведат зацртаната програма и дека ќе се оди на карта повеќе, бидејќи се работи за жанр што го преферира и одлично поминува кај публиката, а актерите секој со своја приказна за одлуката да се определат иднината да ја побараат во оваа наша нова национална установа.

„Јас сум од Велес, како номад отидов во Струмица, отидов ѓоамити малку да поседам, ама останав безмалку 30 години, одиграв преку 100 улоги и во сите жанрови сум се пробал“, забележува актерот Крсте Јовановски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG