Достапни линкови

Смирете ги меѓуетничките страсти, повикаа странците


Архивска фотографија: Протести на албански невладини организации, Скопје, 2010.

Архивска фотографија: Протести на албански невладини организации, Скопје, 2010.

Странските амбасадори, ОБСЕ и Канцеларијата на ЕУ повикаа властите да ги смират меѓуетничките превирања.

Американската амбасада во Македонија соопшти дека е загрижена за зголемувањето на меѓуетничките тензии и протестите во Струга. Според соопштението, актите на неколку лица или групи кои се со цел да бидат повредени останатите етнички или религиозни групи се неодговорни и се закана за стабилноста, толеранцијата и мирот во општеството.

Амбасадата ги поддржува напорите на македонските власти и Парламентот за смирување на страстите и ќе продолжи да ги повикува сите страни во дух на добра волја да ги решаваат прашањата врз основа на меѓусебно разбирање и во хармонија на меѓусебните етнички и религиозни односи.

Од Канцеларијата на Европската унија во Скопје побараа властите да ги расчистат последните инциденти во Струга и да ги изнесат виновниците пред лицето на правдата. Оттаму изјавија дека добрите меѓуетнички односи се апсолутно неопходни во секоја држава, вклучувајќи ја и земјава во духот на Охридскиот рамковен договор.

Властите да ги расчистат последните инциденти во Струга и да ги изнесат виновниците пред лицето на правдата. Добрите меѓуетнички односи се апсолутно неопходни во секоја држава, вклучувајќи ја и земјава во духот на Охридскиот рамковен договор.
Во меѓувреме и британскиот амбасадор во земјава Кристофер Ивон изрази надеж дека повиците од политичките лидери за смирување на состојбата ќе се почитуваат од сите страни.

Словенечката амбасада, во писмената изјава за Радио Слободна Европа наведува дека со загриженост го следи развојот на настаните во Струга, но исто така и останатите настани кои во последно време за жал придонесоа кон ескалација на тензијата во меѓуетничките и меѓуверските односи во Република Македонија.

„Се надеваме дека надлежните органи ќе успеат што поскоро да ги истражат инцидентите и дека сторителите ќе ги казнат во согласност со законот“, се вели во изјавата.

Истовремено ја поздравуваат закажаната седница на парламентарниот Комитет за односи меѓу заедниците.

Македонија со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор разви успешен модел на меѓуетнички соживот и претставува пример за регионот на Западен Балкан и пошироко. Во тој дух и во светло на приближувањето на Македонија кон евро-атлантските интеграции се надеваме на смирување на моменталните тензии. Повикуваме кон продолжување на меѓуетничкиот дијалог како и меѓусебното разбирање и почит, се вели во изјавата потпишана од амбасадорот на Словенија во Македонија, Ален Бергант.

Екипи на ОБСЕ внимателно ги следат последните случувања во Струга. Набљудувачите биле на терен, информираат од мисијата на оваа организација и апелираат за смирување на ситуацијата.

По неодамнешните инциденти во Струга и околината, домашните аналитичари повикуваат на воздржување од несакани активности кои ги разгоруваат меѓуетничките и меѓуверските тензии. Во овој момент потребно е сите политички актери во земјава да ги осудат ваквите настани и да ​не дозволиме да бидеме заложници на поединци, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

„Значи сите треба малку да ги смират страстите, ако некој некого навредил, или некој се однесувал вон законот или некоректно, треба да се идентификуваат личностите, а не да се генерализираат работитите. Значи ние сме влезени во фаза на генерализација, а таа според искуствата на Балканот кои сме ги имале последните 20 години, секогаш води кон нерешавање на проблемите, а не кон решавање.“

Во ситуација кога работите добиваат поширок размер и се чини дека излегуваат од контрола, потребно е одговорните да ги смират страстите, смета професор Здравко Савески. Тоа, вели тој, значи оставање на суетата настрана и нудење извинување кога некој од вас тоа го бара, со цел да се намалат тензиите и да не се дојде до натамошно разгорување на страстите.

„Секој што може со своето извинување или со својата осуда на некој националиситички акт да даде придонес за смирување на страстите, треба тоа да го направат. Во ваква ситуација многу полесно е за некои евтини политички поени, самиот политичар да изигра во насока на зголемување на тензиите.“

Во овој момент институциите треба неутрално и коректно да реагираат и да ги најдат виновниците од двтете страни. Само на тој начин, експертите велат дека состојбата ќе се стави под контрола и оти ќе се смират страстите.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG