Достапни линкови

logo-print

Британскиот принц Мајкл од Кент во посета на Македонија


Принцот Мајкл од Кент, член на британското кралско семејство, придружуван од висока бизнис делегација од денеска до 1 февруари ќе престојува во работна посета на Република Македонија на покана од премиерот Никола Груевски.
Предвидено е тој да оствари средби со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Груевски и со министрите за надворешни работи и за култура Никола Попоски и Елизабета Канческа Милевска.
Британската бизнис-група во Македонија соопшти дека во рамки на петдневниот престој во Македонија принцот Мајкл и британските бизнисмени ќе имаат средби со стопанственици од областа на земјоделството, рударството, од фармацевтската и од автомобилската индустрија. На агендата се и средби со локални бизнис-лидери, а во насока на разгледување на можностите за воспоставување деловна соработка и нови британски инвестиции.
Според британскиот амбасадор Кристофер Ивон, посетата се случува во 2012 година како посебно важна година кога Велика Британија ќе одбележи два големи јубилеја - 60 години од владеење на кралицата Елизабета Втора и одржувањето на Летните олимписки игри во Лондон. Престојот на роднината на британската кралица ќе придонесе и кон зајакнување на односите помеѓу Велика Британија и Македонија.
XS
SM
MD
LG