Достапни линкови

logo-print

Фридом хаус - Македонија делумно слободна земја


Делумно слободна. И годинава Македонија се најде во оваа група земји во Индексот на слободата во светот што денеска го објави организацијата за човекови права Фридом хаус со седиште во Соединетите Држави. Во прегледот се констатира дека народните востанија во Арапскиот свет во минатата година ги инспирираа луѓето кои живеат во угнетувачки општества.

Македонија, што се однесува до двата критериума на Фридом хаус, граѓанските слободи и политичките права, ја доби средната оценка тројка со што и натаму е во групата земји во светот со делумна слобода.

Во оваа група се наоѓаат 60 држави, или 31 насто од оние што се вклучени во прегледот. Во нив, како што се наведува, живеат скоро милијарда ипол луѓе или 22 процента од светската популација.

Во делумно слободни, меѓу другите, се и Босна и Херцеговина, Косово, Украина, Молдавија, Пакистан, Ерменија, Киргизстан и Грузија.

Постојат многу проблеми во светот, нема промена во авторитарните предности од пред неколку години, во многу делови на светот останува антипатијата кон демократијата, а авторитарните режими имаат развиено многу софистицирани начини кои им овозможуваат да ја задржат власта.
Во слободни земји од регионот се Србија, Црна Гора и Хрватска, додека Грција бележи пад во политичките права, поради инсталацијата на технократ за премиер и тоа без избори, а Унгарија во граѓанските слободи поради контроверзните уставни промени што го поткопуваат правосудниот систем во земјата.

Пад бележи и Албанија. Бројот на земјите за кои Фридом хаус смета дека не се слободни изнесува 48 и во нив живее 35 насто од популацијата во светот, повеќето од половината, во Кина.

Што се однесува до слободните земји, нивниот број е непроменет, односно 87 земји со над три милијарди жители.

Еден од главните заклучоци на Фридом хаус е дека народните востанија во Арапскиот свет биле најголемиот предизвик за авторитарните режими по распадот на комунизмот.

„Во еден регион во светот, Блискиот Исток, кој беше имун на демократскиот бран со кој беше зафатен светот во 70, 80 и 90-тите години, демократијата сега е можна. Настаните се случуваат, луѓето веќе не се волни да го прифаќаат стариот деспотски начин на владеење и затоа на 2011 гледаме како на оптимистичка година“, вели потпретседателот на Фридом хаус, Арч Падингтон.

Тој, сепак, предупредува дека се уште е многу тешко да се сменат авторитарните влади кои долго време се на власт.

„Постојат многу проблеми во светот, нема промена во авторитарните предности од пред неколку години, во многу делови на светот останува антипатијата кон демократијата, а авторитарните режими имаат развиено многу софистицирани начини кои им овозможуваат да ја задржат власта“, наведува Падингтон.

Фридом хаус почна да го објавува индексот на слободата во светот во 1972 година во кој се истражува способноста на луѓето да ги изразуваат нивните политички и граѓански права во 195 земји и 14 територии.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG