Достапни линкови

Нимиц оптимист, а процесот се враќа назад


Медијаторот Метју Нимиц за време на неговата посета на Македонија во 2010 година.
Медијаторот Метју Нимиц за време на неговата посета на Македонија во 2010 година.

По дводневните преговори во Њујорк, медијаторот Нимиц излезе со соопштение дека средбите биле корисни и фокусирани на оптимална можност за придвижување на процесот напред. Од македонското МНР, пак, изразија жалење што немало конкретно придвижување.

Новата рунда преговори што изминатите два дена се одржа во Њујорк донесе различни видувања на учесниците во процесот. И додека посредникот Метју Нимиц изрази задоволство од, како што соопшти, конструктивните дискусии и уверувањето од двете страни дека се искрени во процесот за изнаоѓање решение, од македонското Министерство за надворешни работи соопштија дека жалат што разговорите не резултирале со конкретно придвижување кон решение.
Немаме намера да го демантираме соопштението на медијаторот Нимиц, но сметаме дека од средбата можеше многу повеќе да се извлече.
МНР.

Зошто двете соопштенија до јавноста не се совпаѓаат? Од МНР велат дека нивното соопштение е отворено и искрено и пренесува што навистина се разговарало во Њујорк. Немаме намера да го демантираме соопштението на медијаторот Нимиц, но сметаме дека од средбата можеше многу повеќе да се извлече, велат кратко од МНР.

Во својата писмена изјава до
Средба на премиерот Никола Груевски со медијаторот Метју Нимиц, Скопје, 2010
Средба на премиерот Никола Груевски со медијаторот Метју Нимиц, Скопје, 2010
јавноста, Нимиц вели дека разговорите биле корисни и фокусирани на оптимална можност за придвижување на процесот напред. Нимиц вели дека добил цврсти уверувања дека секоја Влада е искрена во нејзиниот интерес за изнаоѓање решение и дека тие целосно го почитуваат процесот под покровителство на Обединетите Нации.

Дури ни двајцата амбасадори не успеале да седнат на заедничка маса. Тоа е, ми се чини, сега ставот на Грција да ги заладува односите по хашката одлука и да се обиде врз Македонија да изврши притисок нашата дипломатија да се доближи до нивните црвени линии.
Денко Малески, професор и поранешен дипломат.
МНР жали што воопшто не дошло до заедничка средба меѓу посредникот и двајцата преговарачи, што беше редовна пракса на поранешните средби.

Токму тоа е сигнал дека преговарачкиот процес не оди во нагорна линија, смета и професорот по меѓународна политика Денко Малески. Нимиц мора да биде оптимист, затоа што таква е неговата задача во процесот, а сите останати сигнали укажуваат на тоа дека процесот се враќа назад, вели Малески.

„Дури ни двајцата амбасадори не успеале да седнат на заедничка маса. Тоа е, ми се чини, сега ставот на Грција да ги заладува односите по хашката одлука и да се обиде врз Македонија да изврши притисок нашата дипломатија да се доближи до нивните црвени линии.“

Според аналитичарот Алберт Муслиу, тоа што грчкиот преговарач не прифатил заедничка средба е очекуван, оти Грција реагира емотивно по хашката пресуда во корист на Македонија. И Муслиу се согласува дека Нимиц мора да има настап кој ќе демонстрира охрабрување за двете страни дека процесот се движи напред.

„Нашите потреби и очекувања се сигурно поголеми од неговите така да и темпото кое ние го претпочитаме е сигурно побрзо. Затоа можеби тоа е причината што реакцијата од нашата страна е дека резултатите не се толку добри колку што ние би посакувале.“

Од македонското Министерство за надворешни работи повторуваат дека Македонија останува цврсто посветена за максимално динамизирање на дијалогот на сите можни нивоа и изнаоѓање на решение за овој билатерален спор.

Грчкиот преговарач Василакис, по средбата во Њујорк, изјави дека Грција учествува во процесот со конструктивни позициии и оти истото го очекува од Владата во Скопје.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG