Достапни линкови

logo-print

МНР - Нема конкретно придвижување кон решение по средбата со Нимиц


Последната рунда на разговори меѓу медијаторот Нимиц со претставници на Македонија и на Грција не покажа конкретно придвижување кон решение, соопштува вечерва Министерството за надворешни работи.

„Во тој контекст жалиме што не дојде ниту до заедничка средба меѓу двете страни. Посакуваме да надвладее духот на конструктивен дијалог и соработка како единствен начин на надминување на разликата. Република Македонија останува цврсто посветена за максимално динамизирање на дијалогот на сите можни нивоа и изнаоѓање на решение за овој билатерален спор“, се наведува во соопштението од МНР.

Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц, вечера и денеска во Њујорк имаше одделни средби со претставниците на Македонија и на Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис. По средбите, Нимиц во писмена изјава информира дека дискусиите биле корисни и фокусирани на изнаоѓање оптимална можност за придвижување на процесот на конструктивен начин.

„Ми беа дадени цврсти уверувања дека секоја Влада е искрена во нејзиниот интерес за изнаоѓање решение и дека тие целосно го почитуваат процесот во рамки на Обединети нации“, се наведува во писмената изјава на Нимиц.

Ова беа први средби на Нимиц со претставниците на двете земји по пресудата на Меѓународниот суд на правдата, кој утврди дека противејќи се на пристапувањето на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година, Грција ја прекршила Времената спогодба.
XS
SM
MD
LG