Достапни линкови

Четири минути и 33 секунди на Македонската филхармонија


Македонската филхармонија.
Македонската филхармонија.

Со премиерни изведби на дела на славниот американски авангарден композитор Џон Кејџ, нашиот Александар Пејовски и Бразилецот Неи Росарио, во вторник на 17 јануари, Македонската филхармонија ја започнува годинашната серија на перформанси од циклусот Кирилица.

Четири минути и 33 секунди, една од најконтроверзните и наедно најпопуларните композиции во современата класична музика, инаку дело на Џон Кејџ, американскиот авангарден автор познат по неговите трактати за музиката и тишината, за прв пат ќе прозвучи на македонската музичка сцена. Со изведбата на оваа култна композиција, Македонската филхармонија се вклучува во одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето и 20 години од смртта на овој творец, музиколог, писател и философ, кој велеше дека љуби повеќе да слуша отколку да пишува и дека ги слуша сите кои постојат во тишината.
Опа-иха преставува музичка парадигма на македонскиот крик, опа–иха. Формата се состои од низа од пастижи или повеќе би рекол омажи на големите мајстори под чие влијание сум јас и ги спојувам фриволно во една целина.
Александар Пејовски, композитор.

На овој концерт посветен на современите композитори, Оркестарот за прв пат ќе ја изведе и композицијата ОоПаа ИХА – временски калеидоскоп на Александар Пејовски.

„Опа-иха преставува музичка парадигма на македонскиот крик, опа–иха. Формата се состои од низа од пастижи или повеќе би рекол омажи на големите мајстори под чие влијание сум јас и ги спојувам фриволно во една целина“, истакнува Александар Пејовски.
Перкусионистот Атанас Алексов.
Перкусионистот Атанас Алексов.

Од друга страна, македонска праизведба ќе доживее и Концертот за вибрафон и оркестар од бразилскиот композитор и познат перкусионист Неи Росауро. Солист ќе биде Атанас Алексов, еден од најафирмираните млади перкусионисти во Македонија и инструменталист кој често настапува со ансамблот ПЕРЕКС и со други камерни состави во земјава и во странство.
публиката ќе може да види дека ударен инструмент и тек како нуди можности за мелодиско фразирање и за музичко изразување.
Атанас Алексов, перкусионист.

„Концертот за вибрафон и оркестар на Неи Росауро е еден невообичаен концерт, каде што ударниот инструмент е напред пред оркестарот што е малку невообичаено и тоа за мене како музичар преставува еден голем предизвик да го изведувам, поготово што е ова прв концерт на македонската филхармонија во новата година. Преку ова дело јас мислам дека целосно ќе се промени преставата на публиката кон ударните инструменти, бидејќи во ова дело преовладува музиката, публиката ќе може да види дека ударен инструмент и тек како нуди можности за мелодиско фразирање и за музичко изразување“, вели перкусионистот Атанас Алексов.

Инаку, програмата ќе биде комплетирана со изведбата на популарната кај публиката Џез свита број 2 на еден од најпопуларните не само руски туку и светски композитори на 20-от век - Дмитри Шостакович.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG