Достапни линкови

Патот за Европа води преку Лојане


Жителите на Лојане раскажуваат дека веќе две години нивното село е полно со имигранти од Азија и Африка, кои се обидуваат нелегално да стигнат во Западна Европа.
Жителите на Лојане раскажуваат дека веќе две години нивното село е полно со имигранти од Азија и Африка, кои се обидуваат нелегално да стигнат во Западна Европа.

Имигрантите од Азија и Африка кои на македонска територија влегуваат преку Грција, во кумановското село Лојане ја чекаат својата шанса илегално да ја преминат границата кон Србија, па од таму да стигнат до некоја од западноевропските земји. Локалните власти апелираат да се најде решение за овој проблем. Полицијата, пак, вели дека ги презема сите мерки кои се во нивна моќ, но оти немаат соодветна помош од грчките колеги.

Кумановското село Лојане кое се наоѓа на границата меѓу Македонија и Србија десет години по конфликтот е безбедно за живеење, но мирот на жителите денес им го нарушуваат имигрантите, на кои токму ова место им е станица на патот кон Европа. Веќе неколку месеци, селото со околу 3.000 илјади жители од албанска националност им е привремен дом на имигрантите од азиските и африканските земји. Тие го напуштиле родното место за да ја пронајдат својата среќа во Франција, Италија или, пак, Австрија. Во тоа се уверивме и кога пристигнавме во Лојане.
Сакам да одам во Србија, а потоа до некоја друга земја, немам документи со мене. Ќе останам тука уште некој ден и нема да се вратам повеќе. Дојдов преку Турција, па во Грција.
Мигрант од Сомалија.

Одејќи низ калливите улици со нашиот млад водач Енис и околните жители сретнавме некои од имигрантите. Не беше лесно со нив да разговараме на англиски јазик, бидејќи повеќето го владеат само мајчиниот јазик и најчесто со мештаните се разбираат со помош на гестикулации. Она што успеавме да го дознаеме е дека тие преку Грција и Турција завршиле во Лојане, каде со денови и месеци чекаат шанса илегално да ја преминат границата и преку Србија да стигнат до посакуваната земја. Еден Сомалиец вели дека дваесет дена престојува во селото и не планира да се врати во неговата земја.
Мигрант од Сомалија, кој моментално престојува во македонското село Лојане, кај Куманово.
Мигрант од Сомалија, кој моментално престојува во македонското село Лојане, кај Куманово.

„Сакам да одам во Србија, а потоа до некоја друга земја, немам документи со мене. Ќе останам тука уште некој ден и нема да се вратам повеќе. Дојдов преку Турција, па во Грција.“
Дваесет дена сум тука, патувам 150 дена од Авганистан до Турција преку Грција во Македонија, па кон Србија. За да дојдам до Лојане ми требаа 300 евра.
Мигрант од Авганистан.


Неговата судбина ја делат и авганистанските имигранти кои со неколку стотина евра в џеб и со еден ранец на нивниот грб успеале да стигнат до Лојане.

„Дваесет дена сум тука, патувам 150 дена од Авганистан до Турција преку Грција во Македонија, па кон Србија. За да дојдам до Лојане ми требаа 300 евра.“

Еден млад Тунижанец веќе се обидел да ја премине границата, но српската полиција го фатила и повторно го вратила на нашата територија.

„Јас сум од Тунис, сакам да одам или во Франција или во Италија. Веќе три недели сум тука. Патот досега ме чинеше 500 евра. Два дена ми беа потребни да дојдам од Србија до Македонија. Ме чинеше 10 евра да дојдам пешки до Србија. Кога стигнав таму полицијата ме фати и ме врати во Македонија.“

Друг обесхрабрен ни кажа дека размислува да се врати во Грција и од таму да бара друго решение.

„Сакам да се вратам во Грција, бидејќи имам проблеми со полицијата на границата со Србија.“

Кој профитира од мигрантите?
Лојане - илегална станица кон Запад
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:19 0:00
Енис и околните жители ни ја покажаа лединката која летово на имигрантите им била дом и која на шега ја нарекуваат џунгла. Таму сега има само остатоци од храна, пијалоци и облека. До пред два месеци нивната бројка изнесувала околу 500, а сега ги има неколку десетини.
Има некаков профит овде, тоа се знае, профит имаат 10 посто од луѓето, а каде се другите 90 проценти? Доста е, веќе ни јас не би трпел, живеам тука подоле, не би трпел ви гарантирам. Сега се селат во село Ваксинце, сега има конкуренција, ви реков има некој профит тука.
Жител на Лојане.
Зимава, поради ниските температури се засолнуваат во напуштените куќи и во домовите на иселениците. Тие слободно се движат низ селото. Купуваат храна во локалните продавници. Често се гости и во интернет кафето, каде разговараат со роднините во родниот крај. Повеќето од мештаните велат дека имигрантите не им прават проблеми.
Имигранти во селото Лојане кај Куманово.
Имигранти во селото Лојане кај Куманово.

„Има низ селово ама нема многу, ама не прават проблеми. Некои спијат по улици, некои по полето, бог знае каде.“

„Овие луѓе што доаѓаат од Мароко, Авганистан не прават проблеми. Не прават тепачки, инциденти. Сите се добри. Доаѓаат во интернет кафе и си плаќаат без проблем“, велат мештаните.

Ваксинце станува конкуренција
Пред околу една недела се тепаа и еден беше прободен со нож. Не знам дали е мртов или жив, лежеше тука, никој од селото не презеде ништо додека не дојдоа полицијата и Брза помош да го земат. Сега ти и да го видиш негде не може да го земеш, а доаѓаат секој ден.
Жител на Лојане.

Низ селото се зборуваше дека има и жители кои ги прифатиле имигрантите во нивните домови за одредена сума на пари. Во тие куќи не можевме да влеземе и да позборуваме со домаќините. Оние со кои зборувавме ни потврдија дека мал дел од жителите имаат профит од имигрантите.

„Има некаков профит овде, тоа се знае, профит имаат 10 посто од луѓето, а каде се другите 90 проценти? Доста е, веќе ни јас не би трпел, живеам тука подоле, не би трпел ви гарантирам. Сега се селат во село Ваксинце, сега има конкуренција, ви реков има некој профит тука“, раскажува жител на селото.
Мигранти од Авганистан во Лојане.
Мигранти од Авганистан во Лојане.

Некои од жителите се уплашиле за безбедноста во селото, бидејќи биле сведоци на тепачка меѓу имигрантите при што еден од нив бил избоден со нож, а имало случај и кога настрадал еден жител на селото, бидејќи по грешка полицијата го уапсила мислејќи дека е имигрант.

„Пред околу една недела се тепаа и еден беше прободен со нож. Не знам дали е мртов или жив, лежеше тука, никој од селото не презеде ништо додека не дојдоа полицијата и Брза помош да го земат. Сега ти и да го видиш негде не може да го земеш, а доаѓаат секој ден.“
Жените не може да излезат од куќа, греота е тоа, ќерка ми не може да излезе од дома.
Жител на Лојане.
„Со фамилија, ги зема жената и децата поради дождот. Го земал, секој човек има душа. Ги земал да ги однесе до Куманово, а полицијата го зема во затвор.“

Мештаните се плашат и од пренос на разни болести, а жените и децата не сакаат да излегуваат на улиците поради присуството на имигрантите.

„Проблемот е што сега е зима и тие сега преноќуваат во домовите во нашето село и влегуваат во кафеаните каде што има луѓе, а тие може да донесат некој вирус, а ние може немаме имунитет и може да се заразиме, да имаме последици. Државата е алармирана да преземе нешто, зашто ова со емигрантите трае веќе две години. Жените не може да излезат од куќа, греота е тоа, ќерка ми не може да излезе од дома“, се жали еден селанец.

Полицијата недоволно активна

Претседателот на месната заедница Сељами Мехмети вели дека зачестена контрола од македонската и од српската погранична полиција и студеното време се причината за намалувањето на бројот на мигрантите.

„Сега е нормално, нема многу, околу 10 или 20 луѓе. Летоска имаше премногу. Сега е зима, отишле во Грција или во Скопје, не знаеме каде. Засега нема, немаме никакви проблеми, само треба полиција. Граничната полиција сега често доаѓа и земаа многумина.“
Доаѓаат ќе фатат неколку имигранти, па ќе ги пуштат во Куманово и тие ќе се вратат во Лојане. Полицијата прави рации, ќе фати тројца, четворица максимум и ќе ги пушти во Куманово.
Жител на Лојане.

Додека патувавме накај селото, пред неговиот влез имаше паркиран автомобил со двајца припадници на македoнската погранична полиција, а на излезот од селото се разминавме и со џип исто така на пограничната полиција. Но мештаните велат дека полицијата досега не им била од голема помош.

„Доаѓаат некој пат, ама што да прави полицијата, кај да ги носи. Полицијата кога ќе дојде треба да им најде место, каде да живеат, каде да јадат, да пијат. Ние толку азиланти имаме, ама не ги интересира да им дадат некаква помош. И тие се луѓе и тие треба од нешто да живеат. Сироти, од мака бегаат, како и ние порано што бегавме од војната.“

„Ги гледаат, понекогаш ќе земат два-тројца ќе ги однесат во Куманово, ама пак се враќаат во Лојане. Не знам во што е проблемот. Никој не презема ништо, никој не реагира, јас би молел некој да ги преземе овие луѓе, да ги стационира каде што им е местото, ама не во нашето село.“

„За полицијата не знам. Доаѓаат ќе фатат неколку имигранти, па ќе ги пуштат во Куманово и тие ќе се вратат во Лојане. Полицијата прави рации, ќе фати тројца, четворица максимум и ќе ги пушти во Куманово“, велат жителите.

Грција си го чисти дворот, ги испраќа имигрантите во
Македонија


Потпаролот на МВР, Иво Котевски вели дека тие преземаат мерки за превенција и откривање на криминалот со имигрантите и за таа цел соработуваат со меѓународните организации. Министерството во неколку акции во изминатиов период пронашло и открило голем број на лица кои илегално престојувале во Македонија и ја користеле како транзит кон европските земји. Но, според Котевски, се покажало дека тоа не е доволно.

„И покрај преземените мерки и активности, за жал појавата се уште е присутна бидејќи се покажа дека не е доволен единствено засилениот ангажман на македонската полиција бидејќи илузорно е да се очекува дека која било граница би можела херметички да биде затворена и да се спречи каков било обид за илегален влез на територијата на Република Македонија.“

Претседателот на месната заедница Сељами Мехмети вели дека е потребно да се најдат организаторите кои им помагаат на имигрантите од грчката граница да стигнат до Лојане. Тој во неколку наврати се обидел да им влезе во трага на организаторите со цел да и помогне на полицијата во решавањето на проблемот, но неуспешно.

„Се мачиме, долго трае, но тие ги менуваат телефоните, додека ги пронајдеме телефоните, тие ги смениле и така. Да го најдеме тој што е главниот, што ги организира, после ќе биде добро, затоа што Лојане има проблеми со нив(имигрантите), се плашат и децата и жени. Апелирам до оние на грчка граница, зашто има 200 километри од граница до Лојане, тие доаѓаат со такси или со воз. Значи треба да се организираме да ги најдеме криминалците што ги донесуваат тука, што им земаат пари.“

Професор Владимир Пивоваров вели дека се поставува прашањето во што е проблемот - дали во нефункционирањето на системот или во прашање е мито и корупција. Според него, организаторите ги користат сите можни средства, бидејќи добро заработуваат од имигрантите.
Од една страна не можат соодветно да ги заштитат своите граници за да забранат илегален влез, а од друга страна, прашање е како се постапува со тие луѓе откако ќе бидат откриени и дали воопшто се откриваат тие илегалци кои престојуваат на територијата на Република Грција.
Иво Котевски, потпарол на МВР.

„Тоа се добро разработени канали, многу луѓе учествуваат, ова спаѓа во делот на организиран криминал, транс-национален криминал, каде што соработката со нашите соседни држави, па и со подалечните, нормално и со нашите партнери е во прибирањето на информации за пресекување на ваквите канали. Не во делот да го пресечеме луѓето, да ги стопираме, тоа е еднократен позитивен ефект, но се работи за откривање на организаторите, овој бизнис носи многу пари.

Според Котевски, најголем дел од имигрантите на наша територија доаѓаат од Грција.

„Која што патем е членка на ЕУ и дел од шенген-зоната, но заради нивни причини веројатно, од една страна не можат соодветно да ги заштитат своите граници за да забранат илегален влез, а од друга страна, прашање е како се постапува со тие луѓе откако ќе бидат откриени и дали воопшто се откриваат тие илегалци кои престојуваат на територијата на Република Грција и како се постапува понатаму со нив за да се спречи нивното движење и излегување од Република Грција кон Република Македонија.“

Пивоваров вели дека во сите мапи на безбедносните служби, пристаништата во Грција се забележани како дестинации каде пристигнуваат имигрантите, а нивните служби за да не останат имигрантите во земјата, намерно ги пуштаат да влезат во Македонија.

„Крајно некоректна работа, крајно нефер работа. Дури се случува и документите да им ги одземат и со тест-документи вие не може да констатирате од која земја се влезени. Според миграционото право, тие лица треба да бидат вратени во земјата од која се влезени. Досега знам дека нашето МВР имаше сериозни проблеми со колегите од Грција, затоа што не сакаа да ги прифатат таквите лица. Тие лица создаваат и економски и безбедносен проблем кога ќе влезат во нашата држава“, вели Пивоваров.

Котевски вели дека имигрантите кои ќе бидат откриени на територијата на Македонија се згрижуваат во Транзитниот центар за странци и се отпочнува процедура за депортирање во земјата од која дошле, согласно договорот за реадмисија.

„Имигрантите што ќе бидат откриени дека илегалено престојуваат на територијата на Република Македонија, во најголем дел од случаите се згрижуваат во Транзитниот центар за странци и се отпочнува соодветна процедура за нивно депортирање во земјата од која дошле во Република Македонија, согласно договорот за реадмисија, а тоа како што веќе кажав, најчесто е соседна Република Грција. Доколку, пак, нема соодветни докази, а сме имале такви случаи, се отпочнува постапка и процедура за идентификување од каде доаѓаат и потоа нивно депортирање во матичната земја“, вели Котевски.

Жителите на Лојане стравуваат дека пролетва ќе им донесе нов бран на имигранти. Они што веќе се таму, не се откажуваат. Велат дека ќе се обидуваат да ја преминат границата онолку пати колку што е потребно за да стигнат до крајната дестинација.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG