Достапни линкови

logo-print

Сиромаштија - Спие и се моли да не замрзне


Расим Мустафоски пред својата трошна куќа во кичевското село Челопек.

Расим Мустафоски пред својата трошна куќа во кичевското село Челопек.

Без струја и огрев, гладниот 35-годишен Расим Мустафоски од кичевското село Челопек смрзнува во својата куќа без прозорци. Се жали дека му ја укинале и социјалната помош.

Расим Мустафоски од кичевското село Челопек ја живее својата премногу тажна приказна. Има 35 години, а уште како бебе, неговите биолошки родители го напуштиле. Бил посвоен во семејството Мустафоски и како-така до последниот ден живот на старателите кои ги сакал како свои родители, чувствувал дека има дом. Од тогаш судбината пак ги отворила црните порти, а за Расим животот станал кошмар. Нема веќе насмевка на лицето, нема среќа. Куќата е трошна, со урнати ѕидови наместо прозорци, со јагленосан таван, без струја, вода, со земја наместо под. Работа нема, пари ниту скршен денар, а социјалната помош му е скратена.
Немам никакво примање, ете гледате каде живеам, бидејќи никој не ми помага, ни социјално не примам, ништо. А, социјалното треба да ми помагне, зашто јас сум посинет кај овие луѓе, социјалното ме даде овде и сега не ми помага, од една недела сум посинет.

„Немам никакво примање, ете гледате каде живеам, бидејќи никој не ми помага, ни социјално не примам, ништо. А, социјалното треба да ми помагне, зашто јас сум посинет кај овие луѓе, социјалното ме даде овде и сега не ми помага, од една недела сум посинет.“

Социјалните работници, вели Расим, дошле во селото, но никогаш не ѕирнале во неговата куќа, да видат каде живее.

„Земав, ме одбија зашто не сум се пријавувал на време, а јас стално на време се пријавував. И затоа ми ја скинаа помошта. Бев, ми велат на први дојди, нови примања ќе има, и сега ќе видам што ќе биде.“

За да се појде од Челопек во Кичево, каде треба да се пријави во Центарот за социјална работа, Расим треба да плати 100 денари за автобус, за да побара лекарска помош исто толку, се плаќа за што било а, вели пари не гледа, зашто работи кај комшиите за храна, за парче леб, колку да го помине денот.

„В комшии ќе појдам, ќе сработам нешто за да јадам, да преживеам, за облека комшиите ако ми дадат, немам пари да купам.“

Без струја и огрев, тој смрзнува во куќата. И свеќата што ќе ја запали се гасне од ветерот што продира од сите страни. Веќе нема страв за иднината, зашто сегашноста му е премногу мрачна, кошмарна, без светла точка во тунелот наречен живот.

„Па имаше, оџакот се запали и сега морам да живеам во таа куќа, кога немам каде, државата не ми помага.

РСЕ: Без огрев како живееш, не ти студи ноќе?

„Ми студи, ама немам друго што. Кога ќе се разболам, никој не ми помага, не знам што да правам, треба државата да ми помогне. Немам ни за леб, ни за храна. На свеќа, нема струја, ја исклучија, смрзнувам, седам така.“

Најтешко, вели, му е за празниците, кога сите ги затвораат вратите од домот, тој останува сам. И оваа Нова година, како и многу досега, во моментот кога семејства во топол дом и крај богата трпеза си посакаа радост и среќа, се прегрнаа, полни со љубов, Расим вели останува свиткан во мракот, се моли да го преживее студот, што поскоро да осамне, за да го собере отпадокот кај соседите и да го заработи своето парче леб. И надежта и радоста и среќата, за Расим одамна ги затвориле вратите.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG