Достапни линкови

logo-print

Пораки пред новите преговори за името


Macedonia - Координативна средба за името кај претседателот Ѓорге Иванов. Груевски, Попоски, Муса Џафери, Трајко Вељаноски - 08Jan2012

Macedonia - Координативна средба за името кај претседателот Ѓорге Иванов. Груевски, Попоски, Муса Џафери, Трајко Вељаноски - 08Jan2012

Скопје стравува дека Атина не е сериозна. Грција пак порачува дека спорот за името е во рацете на македонскиот премиер.

Државниот врв изрази надеж дека почитувањето и ефективната примена на Времената спогодба ќе придонесе за создавање попозитивна клима за изнаоѓање на решение во процесот што се води под покровителство на ОН. Власта повика на конструктивност пред претстојната рунда разговори со медијаторот Метју Нимиц, но стравува од стагнирање на суштински разговори.

Претседателот Ѓорге Иванов, во пресрет на разговорите со Нимиц, денеска свика координација на државниот врв за текот на разговорите што се водат под покровителство на ОН. На координативниот состанок присуствуваа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот, Муса Џафери и министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Во соопштението од Кабинетот на претседателот објавено по средбата се наведува дека Македонија и натаму целосно и посветено ќе ја почитува рамката во која се водат разговорите со Грција за разликата околу името под покровителство на ОН.

„Наш интерес е што побрзо наоѓање на заемно прифатливо решение со кое би се деблокирале нашите евроатлантски интеграции. Република Македонија, како и досега, активно и конструктивно ќе учествува во процесот и како страна која со сериозен пристап учествува во разговорите очекува и се надева на иста активност, сериозност и конструктивност од другата страна“, се наведува во соопштението.

Државниот врв, се вели во соопштението, поаѓајќи од скорешните настани од грчка страна, стравува од стагнирање на суштински разговори. Сепак, уште еднаш изразува подготвеност и отвореност за сериозно динамизирање на разговорите со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение,

Од друга страна, некои медиуми во Македонија повикувајки се на владини извори најавуваат дека официјално Скопје ќе прокажело блискост во преговорите за некои од постојните предлози за решавање на спорот.

Грчкиот министер за надворешни работи Ставрос Димас во интервју за денешното издание на весникот „То Вима“ изјави дека Грција го поддржува активирањето на преговарачкиот процес и оти во рацете на премиерот Никола Груевски е брзо изнаоѓање на решение за спорот за името што се води меѓу двете земји.
Ставрос Димас

Ставрос Димас


„Грчката страна е подготвена и го поддржува активирањето на преговарачкиот процес. Не се плашиме од решение, туку го бараме. Сакаме да видиме дека соседната земја напредува во процесот на интеграциите кон ЕУ и НАТО. Во рацете на Груевски е брзо да најде решение. Наместо да бара или создава изговори за да ја обвини Грција, подобро е да се фокусира на преговорите за изнаоѓање решение за доброто на двете земји“, вели Димас запрашан дали грчката страна е подготвена да влезе во преговори со Македонија за името, односно дали стравува од притисок во пресрет на самитот на НАТО закажан за мај.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG