Достапни линкови

logo-print

Силен ветар и проблеми во сообраќајот во Македонија


Во текот на изминатата ноќ во Скопје и околината дуваше силен ветер кој на моменти достигнуваше брзина и до сто километри час, што предизвика уривање на дрва, неколку бандери и столбови, канделабри и новогодишни украси. Ветерот не предизвикал голема материјална штета и жртви, информираат од Центарот за управување со кризи, јави МИА.
Екипа на Градското собрание во соработка со полицијата во текот на ноќта интервенирала на повеќе локации. Бандери и столбови паднале кај малата Пошта на улицата „Партизански одреди“, кај споменикот на Скендербег, кај зградата на МТВ, во Козле, додека дрвја паднале во Волково и кај пругата во Рашче.
Силен ветер кој достигнувал јачина и до 70 километри час ноќта дувал и долж Повардарието, во штипскиот регион и во Пелагонија.
На првиот божикен ден во Скопје исто така ќе дува силен ветер, кој според Управата за хидрометеоролошки работи ќе достигне јачина и до 90 километри на час.
Времето денеска во земјата ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи, претежно од снег. Температурата ќе биде од минус четири до седум степени Целзиусови.

Имајќи ги предвид снежните врнежи сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци во земјава се одвива исклучително отежнато и забавено во зимски услови. Коловозите се лизгави и со големи остатоци од снег.
Поради интензивни врнежи од снег и големи остатоци од снег на коловозите, има воведено забрани за движење на тешките товарни возила на патните правци Гостивар-Кичево преку Стража, Маврово-Дебар; Струга-граничен премин Ќафасан, Крива Паланка-граничен премин Деве Баир и Тетово-Попова Шапка. За патничките возила на овие патни правци се препорачува употреба на зимската опрема.
Поради големи остатоци од снег на коловозите и отежнато движење, задолжителна е употреба на зимската опрема за сите видови на возила на патните правци: Градско-Прилеп преку Плетвар, Македонски Брод-Прилеп и Кратово-Пробиштип.
Исклучително отежнат сообраќај има на планинските превои Пресека, Буково, Ѓавато и Кула на делницата Велес-Катланово каде сепак нема забрани за движење на возилата, но се препорачува употреба на зимската опрема за сите видови на возила.
Автомотосојузот препорачува внимателно возење на делниците Струга-Дебар и Катланово-Велес каде се забележува почеста појава на одрони.
Препорака од АМСМ е да не се патува во текот на вечерните и ноќните часови.
XS
SM
MD
LG