Достапни линкови

logo-print

Сакаме младински парламент


Марјан Забрчанец

Марјан Забрчанец

Младите се спремни да креираат сопствен Парламент. Државата треба да ги подржи,пишува за Радио Слободна Европа Марјан Забрчанец, извршен директор на Младински образовен форум

Апатични, незаинтересирани, зависни, послушни, поткупливи, исплашени, партизирани. 20 години вакви етикети им се лепат на младите во Република Македонија и вешто се употребуваат за да се маргинализира или задуши секоја напредна младинска мисла или конструктивна непартиска политика. 20-годишната држава Македонија, со сите свои власти и влади, не се надмина себеси и не создаде услови младите подобро да се организираат, сами да ги препознаат горливите проблеми и сами да одлучат кои се нивните приоритети и со каков став ќе излезат пред институциите.

Наместо поттик за дебата, учество во носењето одлуки и поголеми одговорности во општеството, на младите им беа понудени традиционалните форми на средношколско и студентско организирање од социјалистичкиот систем. Сојузите на студенти и средношколските унии беа само мегдан за уште еден натпревар на политичките партии и маска за профилирање наводни младински лидери кои никогаш не ја добија поддршката од пошироката младинска заедница. Дури и денес, на изборите за лидери на студентските сојузи (кои себеси се нарекуваат парламенти) не излегуваат повеќе од 10% од вкупната студентска популација. Средношколските унии, пак, како да беа преголем товар за менаџирање од страна на партиите, па решија да се откажат од нив и да ги остават малолетните млади без сопствена платформа за вежбање демократија. Тоа резултираше со состојба во која 93% од средношколците никогаш не напишале писмо до институција, 83% никогаш не посетиле државна или локална институција. Во исто време, најголем дел од студентите се согласуваат дека токму оној кој треба да ги штити, Сојузот на студенти, е еден од најголемите причинители на корупција во студентските домови.

Еден од позначајните моменти за младинското организирање беше и усвојувањето на Националната стратегија за млади во 2005та година, документ кој никогаш не беше преточен во акција и остана во фиоките на Агенцијата за млади и спорт и другите одговорни институции.

Во 2011та година државата поведе уште еден процес, можеби до сега најважен за младите во Македонија. Проблемите на младите се искористија како аргумент за да се креира концепт за младинското организирање на локално и национално ниво, преточен во Предлог-закон за млади. Тоа требаше да биде закон со кој, замислете, ќе се утврделе и целите и правата и одговорностите на сите граѓани на возраст од 15 до 29 години, а такви во Македонија се половина милион граѓани. 50-тина младински и граѓански организации реагираа бидејќи предлог-законот беше подготвен тајно и без консултација со младите, а имаа и сериозна критика на целите на предлог-законот и на предложените законски решенија, со кои се ризикуваше на младите да им се случи уште една манипулција, уште една контрола и повеќе бирократија наместо слобода во начините со кои држвата им дозволува да се организираат. Предлог-законот не гарантираше дека државата ќе го помогне и поттикне кревкото младинско организирање во Македонија и нудеше Државен совет за млади, како единствено национално претставничко тело на младите, во кое членовите се избрани од Собранитето, односно пратениците, односно партиите. Згора на тоа, се предвидуваше половина од членовите на Државниот совет за млади да бидат претставници на Владата, наместо претставници на младите кои се избрани од младите.

На изненадување на граѓанскиот сектор и на сите млади кои се заинтересираа за овој процес, а после 3-месечно јавно застапување за темелна измена на предложениот концепт за законот, Владата одлучи да го повлече од собраниска процедура заради поширока консултација со младинските организации.

Процесот беше запрен, а организациите кои беа најгласни по ова прашање можеа да земат здив и да се посветат на своите редовни активности. Тишината траеше два месеци, се додека во јавност не се појави извесна коалиција која преку 10-тина набрзина организирани и полујавни дебати се обиде да ја искористи предновогодишната гужва и на маса повторно да го донесе стариот предлог-закон за млади и преку козметички и несуштински измени да бара негово враќање во собраниска процедура. Истиот оној предлог-закон за кој и подмладоците на политичките партии и пратеници од власта се согласија дека не го бива ќе му се нуди на Министерството за правда како повторен обид за дотепување на младинското организирање.

Но, наместо со поддршка, младите го дочекуваат повторниот обид за оживување на килавиот предлог-закон со уште позасилена критика. Наместо закон за кој или не знаат ништо или знаат дека не го бива, бараат јавна дискусија и бараат да бидат вклучени во неговата изработка. Младите бараат да бидат прашани и да прашуваат. Младите разбраа дека Законот за млади може да биде можност за зајакнување на нивната позиција во општеството, дека се важни и дека треба да си обезбедат сопствен терен каде ќе вежбаат демократија.

Како замена за стариот концепт во кој “старите” повторно би одлучувале за иднината на младите, јавно ја нудиме идејата за формирање Национален младински парламент.


Како замена за стариот концепт во кој “старите” повторно би одлучувале за иднината на младите, јавно ја нудиме идејата за формирање Национален младински парламент. Парламентот, како најдемократска форма на себеорганизирање, е чадор организација и највисоко претставничко тело на младите во државата кое ќе ги застапува нивните интереси во процесите на одлучување на национално и меѓународно ниво. Предвидената структура овозможува учество на сите млади без разлика на нивната возраст, политичка ориентација, формално или неформално здружување, етничка, верска или друга припадност. Предвидената структура овозможува младите да гласаат, да бидат гласани и директно и активно да учествуваат во процесите на донесување на одлука и со тоа да допринесат во општествениот развој.

Предлогот е прифатлив за најголем дел од младинските организации, за Европскиот младински форум како најголема европска младинска чадор организација, а она што е особено важно, прифатлив е и за подмладоците на најголемите политички партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА).

Останува концептот да се презентира на терен, да се доближи до оние половина милион граѓани на возраст од 15 до 29 години, до пошироката јавности да се мотивираат младите да учествуваат со сопствени идеи. Младите имаат и интерес и капацитет да учествуваат во одлуките за содржината на Законот за млади, а имаат и капацитет да креираат сопствен куќен ред во нивни сопствен Национален младински парламент. Државата треба го препознае овој момент и конечно да ги поддржи во нивните намери.

Затоа, иницијативата “Во одбрана на младинското учество”, поддржана од 47 младински и граѓански организации најави реализација на широка јавна консултација низ државата, со цел да се слушне гласот на средношколците, студентите, подмладоците, организациите и неформалните младински групи за потребата од закон за млади, за решенијата кои треба да ги понуди ова законско решение и за идејата за Национален младински парламент.

Од оваа младинска консултација ќе произлезе документ кој ќе биде јавен и претставен до сите релевантни институции, со што ќе се покаже концепт кој младите го креирале самостојно, преку демократски алатки и дека имаат капацитет да изградат свој демократски дом. Младите се на потег. Важно е да се вклучат сите кои во себе препознаваат капацитет за овој процес, но и сите кои сметаат дека не се информирани, а сакаат да знаат повеќе. Државата треба да го следи овој процес и да ги признае аргументите и идеите кои ќе произлезат од младинските дискусии.

Марјан Забрчанец,
извршен директор на Младински образовен форум
XS
SM
MD
LG