Достапни линкови

logo-print

Македонија - Ново европско жариште за имигрантите


Под овој наслов, магазинот Тајм објавува репортажа за македонското село Лојане кое граничи со Србија и кое во последниве две години, како што се наведува, станало попатна станица за илегалните имигранти главно од Авганистан и Пакистан до Западна Европа.

Неколкумина млади луѓе од Авганистан и Пакистан седат покрај бел ѕид на кој има графит во слава на УЧК, поранешната герила на косовските Албанци.

„Се почна кога групи од тројца или четворица од време на време ќе пристигнеа во селото. Во почетокот тоа не ни пречеше“, вели претседателот на селската заедница Сељами Мехмети, додавајќи: „Но, ова лето тоа се прошири. Само во ноември тука беа над 500 луѓе.“

Приказната што ја кажуваат е скоро секогаш иста. 22 годишниот Кан е од Кандахар и патувал преку Иран, Турција и Грција пред да стигне во Битола, а потоа и во Лојане за да влезе во Србија. Српската полиција веќе два пати го има вратено во Македонија.

Се почна кога групи од тројца или четворица од време на време ќе пристигнеа во селото. Во почетокот тоа не ни пречеше. Но, ова лето тоа се прошири. Само во ноември тука беа над 500.
Планот е да се стигне во Унгарија.

„Потоа, од Австрија, се ќе биде добро. Сакам да одам во Париз каде што имам пријатели. Најтешко е да се мине преку Србија“, вели Кан.

Имигрантите спијат во таканаречената „џунгла“, област која се протега меѓу Лојане и Миратовац, село одалечено околу три километри кое исто така е населено со Албанци.

„Границата е затворена од 1993“, вели Блерим од Лојане, наведувајќи дека традиционално односите меѓу двете села имале важна улога и оти границата воопшто не ни постоела.

Српската полиција и војска се во постојана контрола и запираат секој кој сака да ја мине било тоа да е некој од Миратовац или од Прешево.

Сите имигранти велат дека дознале за Лојане преку интеренет или преку пријатели. Но, Мехмети вели дека тоа не е точно. Според него, добро организирани мрежи ги чекаат имигрантите на јужната македонска граница и преку Гевгелија и Битола ги носат во селото.

„И тие што се фатени на граничниот премин Табановце, исто така доаѓаат тука“, вели Мехмети, наведувајќи дека немало видливо присуство на македонската полиција и оти границата била чувана само од српска страна.

Во Лојане нема ни хуманитарни организации.

„Сите се прават дека илегалците не постојат“, оценува Мехмети.

И покрај договорите направени со Европската унија, Србија и Македонија се неспособни да се справат со новиот бран тајни имигранти, кои се повеќе се определуваат да ја користат оваа рута, наместо строго контролираниот пат од Грција, преку Бугарија кон Западна Европа.

Во текстот се наведува и тоа дека Скопје има само еден центар за притвор на имигранти и оти тој не бил достапен за посета на новинари.

„Редица од 15 луѓе може да се види дека пешачат од Табановце во правец на Лојане. Мала македонска гранична патрола ги посматра од напуштената бензинска пумпа на половина пат меѓу Лојане и Ваксинце. Тие ниту коментираат ниту ги гонат луѓето, туку само продолжуваат да ги набљудуваат“, завршува репортажата објавена во магазинот Тајм.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG