Достапни линкови

Црвенковски - Македонија го изгуби основоположникот на независноста


Претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Македонија го изгуби својот прв претседател, основоположникот на нејзината независност, човекот кој ја водеше оваа земја во еден од најтешките периоди од нејзината понова историја. Киро Глигоров како никој друг ги поврзува двата столба на кои се потпира современата македонска државност - АСНОМ 1944 и 8 Септември 1991, изјави денеска претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Глигоров, како што рече тој, претставуваше глас на разумот на само во Македонија, туку и во целиот регион и тоа тогаш кога насекаде околу нас владееше националистичко лудило и се водеа крвави етнички војни.

„Благодарение на неговата политика Македонија стана независна и меѓународно призната држава по мирен пат, без жртви и крвопролевање. Прв ја промовираше и застапуваше идејата за интегрирање во ЕУ и НАТО. Овие заложби беа широко препознаени во земјата и во меѓународната заедница“, изјави Црвенковски.

Toj рече дека е стара изреката дека историјата ја пишуваат победниците, но дека нема такви победници кои можат да ја избришат грандиозната улога на Глигоров во историјата на македонскиот народ и македонската држава.

„Како партија изгубивме многу, а како народ и држава уште повеќе. Со неговото заминување завршува нашето дружење и соработка. Но, остануваат нашите заеднички желби, надежи и визии за иднината на нашиот народ и држава. Ќе направиме се тие идеи да ги исполниме. Нека почива во мир“, додаде Црвенковски.

СДСМ најави дека во седиштето на партијата во Скопје, како и во сите општински организации, ќе отворат Книга на жалост за во наредните три дена граѓаните да можат да се потпишат.

Во чест на претседателот Глигоров, СДСМ утре ќе одржи и Комеморативна седница, а знамињата пред сите седишта на партијата се спуштени на пола копје.
XS
SM
MD
LG