Достапни линкови

Претседателот на новогодишен ручек со војниците


Претседателот на Македонија и врховен командант на оружените сили Ѓорге Иванов, придружуван од министерот за одбрана Фатмир Бесими и началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески, денеска ги посети припадниците на воздухопловниот ВИНГ на АРМ во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец кои се на должност за новогодишните празници и со нив имаше заеднички ручек.

Иванов упати честитки до сите припадници на АРМ, особено до војниците во меѓународните мировни мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан.

Претседателот изрази оптимизам дека годинава може да се реши проблемот за името со Грција.

„Очекувам процесот за решавање на името да продолжи. Се што е од наша страна ние ќе направиме. Очекуваме тоа да го направи и другата страна, меѓутоа за жал со нивните досегашни постапки не гледаме дека се посветени со исто внимание како нас“, рече претседателот Иванов.

На прашањето дали може да се очекува Македонија годинава официјално да стане членка на НАТО, шефот на државава одговори дека останува на НАТО да одлучи.

„Очекуваме пресудата во Хаг да влијае на одлуката за членство во Алијансата на Самитот на НАТО што годинава ќе се одржи во Чикаго, САД, но останува на НАТО да одлучи. Имаме одлука на Самит на НАТО и таа одлука може само нов самит да ја промени“, изјави претседателот Иванов.
XS
SM
MD
LG