Достапни линкови

Данска, следен претседавач на ЕУ


Првата половина на 2012, Данска ќе биде претседавач на Советот на Европската унија. Тоа ќе биде седмо нејзино претседавање откако влезе во тогашната Европска заедница во 1973 година. Единствениот потенцијален успех за време на данското претседателство, може да дојде на Балканот, со оглед на тоа што Србија се надева во февруари да добие кандидатски статус во ЕУ.

Претседателството ротира меѓу сите земји членки на Европската унија и во првите шест месеци од 2012 Данска ќе ја организира и ќе ја води работата на Министерскиот совет.

Ова, претседателството, како што велат во Копенхаген, ќе претставува голема задача за данската влада. Од последниот пат кога таа го држеше претседателството, на сила стапи Лисабонскиот договор и се промени институционалната панорама на Унијата.


Најпрвин, со Договорот се етаблираа нови институционални актери, како постојаниот претседател на Европскиот совет, сега го има белгиецот Херман ван Ромпуј, и високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика, функција на која е Кетрин Ештон од Британија.

И додека ван Ромпуј ја предводи работата на Европскиот совет, а Ештон ја организира европската дипломатија, Данска ќе биде одговорна за сите други сфери.

Данска сега е дел од таканаречената претседателска тројка што освен неа ја сочинуваат Полска, како претходен и Кипар како иден претседавач на Унијата. Овие земји треба да постигнат согласност за заедничката програма на тројката.
Оваа програма не ги заменува националните програми. Секое претседателство си поставува свои приоритети за наредните шест месеци. Затоа на заедничката програма на тројката се гледа како на општа рамка за работата на трите претседателства.
Над 70 проценти од данците воопшто не ни размислуваат да се откажат од нивната валута, круната која е поврзана со еврото преку фиксиран курс.



Од друга страна, Лисабонскиот договор му дава на Европскиот парламент поголемо влијание во новата законодавна работа. Тоа значи дека кооперацијата со парламентот и со другите институции ќе биде важна задача за Данска во наредниов шест месечен период.

Најголемиот и потенцијално единствениот вистински успех во непосредна близина за време на данското претседателство, може да дојде на Балканот, со оглед на тоа што Србија може во февруари да добие кандидатски статус во ЕУ. Белград сакаше тоа да се случи на декемвримскиот самит на Унијата но поради патните блокади на северот на Косово и противењето на Германија, тоа беше одложено.

Инаку, Данска како и Шведска не е дел од еврозоната, бидејќи овие Скандинавски земји одбија да ја прифатат заедничката валута. Но, за разлика од Шведска, Данска претрпе негативни ефекти од должничката криза во изминативе неколку квартали и сега, како што наведуваат некои експерти, се наоѓа на работ на рецесија.

Хеле Торнинг Шмит

Хеле Торнинг Шмит


Над 70 проценти од данците воопшто не ни размислуваат да се откажат од нивната валута, круната која е поврзана со еврото преку фиксиран курс.

,,Овој систем функционира многу добро и во моментов ни дава предност тоа што не сме членка на еврозоната,, оценуваат во Данската централна банка. Данска веќе најави дека добро ќе размисли пред да го прифати новиот европски договор за поголема фискална дисциплина.

Премиерката Хеле Торнинг Шмит изјави дека мора да се води сметка за таканаречените европски ограничувања според кои четири надлежности се целосно исклучени од заедничката политика со Европската унија и во кои Данска целосно самостојно решава.

Покрај монетарната независност, Данска е самостојна и во областа на воената безбедност, во внатрешното правно уредување, а не ја применува ни клаузулата на Европската унија за државјанство.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG