Достапни линкови

Македонија во 2011 - Успешни избори и неуспешен попис


Лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски беше уапсен ден по изборите.

Лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски беше уапсен ден по изборите.

Парламентарните избори беа централниот настан во 2011 година. Пописот на населението, убиството на Мартин Нешкоски на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ, а и апсењето на Љубе Бошкоски беше на ден по изборите.

Прегледот го почнуваме со долгото натегање на владејачките и опозициските партии за тоа кој сака, а кој не, да има предвремени избори, кој чии услови ќе прифати, итн. Се` започна со бојкотот на парламентот од страна на СДСМ, за што повод беше блокирањето на сметките на А1 телевизија и неколку дневни весници.
Немаме повеќе намера да даваме легитимитет на оваа недемократска и ненародна власт. Од денеска Социјалдемократскиот сојуз нема да учествува во работата на Собранието на Република Македонија.

Сакам - не сакам избори

„Немаме повеќе намера да даваме легитимитет на оваа недемократска и ненародна власт. Од денеска Социјалдемократскиот сојуз нема да учествува во работата на Собранието на Република Македонија“, изјави кон крајот на јануари лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.

Од власта брзо стигна одговорот на овој потег:

„Ако Црвенковски решил да го напушти Собранието за да го заштити криминалот нека го направи тоа, нека му е со среќа“, рече министерката Гордана Јанкулоска.
Наоѓаат причини, наоѓаат начини да се повлечат од Парламентот и да испорачаат такви предуслови и услови коишто никој не може да ги исполни доколку не сака да го прекрши Законот и Уставот.

Опозицијата бараше одржување на фер и демократски избори, за тоа постави и неколку услови, меѓу кои и деблокирање на сметките на овие медиуми, а власта во првите два месеца од годината не беше расположена за тоа.

„Што е можно побрзо одржување на фер и демократски избори, што побргу тоа за земјата подобро“, рече Андреј Петров од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ ја прославува изборната победа.

ВМРО-ДПМНЕ ја прославува изборната победа.


„Не можеме ние во секој момент кога тие ќе посакаат да одиме на избори, ние да одиме на изботи“, рече Зоран Петрески од ВМРО-ДПМНЕ.

Следуваше мачен период во кој беа одржани и неколку неуспешни лидерски средби.
Донесете каков сакате изборен закон, направете каков сакате избирачки список, потрошете колку сакате буџетски пари за себерекламирање, кажете го денот на избори, ние сме тука.

„Токму затоа што тој ја донесе политичката одлука и се замеша во независноста на судството сега е одговорен да се надмине целата ситуација, тоа е предуслов воопшто да се разговара за другите прашања и евентулано за наше враќање во Собранието“, изјави тогаш лидерот на СДСМ Црвенковски.

„Наоѓаат причини, наоѓаат начини да се повлечат од Парламентот и да испорачаат такви предуслови и услови коишто никој не може да ги исполни доколку не сака да го прекрши Законот и Уставот“, беше тогашниот став на Никола Груевски.
Претседателот Ѓорге Иванов му го врачува мандатот за составување влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на 28 јуни 2011 година.

Претседателот Ѓорге Иванов му го врачува мандатот за составување влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на 28 јуни 2011 година.


И се така до крајот на март.

„Донесете каков сакате изборен закон, направете каков сакате избирачки список, потрошете колку сакате буџетски пари за себерекламирање, кажете го денот на избори, ние сме тука.“

На овој предизвик на Црвенковски, веднаш одговори Груевски:

„Откако сите услови и барања му ги прифативме и се во фаза на спроведување, денеска Бранко Црвенковски го слушаме како храбро вика дека се откажува од сите услови и барања, се прашувам зошто тогаш губевме олку време?

Изборите беа одржани на 5 јуни. Победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која освои 56 пратенички места, а СДСМ има 43 пратеници, а првите изјави на лидерите на двете партии беа:

„Ние ќе дадеме максимум од себе да ги исполните ветувањата дадени во програмата, но се разбира и ако можеме нешто повеќе од тоа“, изјави Груевски.

Битката допрва доаѓа. Ако не видовте што можеме да направиме со 18 пратеници во Собранието, можете да замислите што можеме со 43 пратеника.“

Оценката на странските посматрачи на изборите беше поповолна отколку на претходните неколку избори, меѓутоа сепак имаше доста забелешки.

„Додека повеќето наводи за застрашување на гласачите немаа доволна основа, кампањите за излегување на гласање, особено оние од страна на владеачката партија често пати неадекватно ја одделуваа партијата од државните активности, кршејќи ги со тоа заложбите од Копенхаген. Набљудувачите исто така проценија дека има и одредени наводи за вршење притисоци врз државните службеници за да ја подржат владеачката коалиција“, изјави специјалниот координатор на набљудувачката мисија на ОБСЕ Роберто Батели.

Убиен Мартин Нешкоски, полицијата молчи
А она што се случи на денот на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ ја потресе целата јавност и го засени славјето. Медиумите јавија дека припадник на специјалната единица „Тигри“ убил момче, а полицијата првиот ден по убиството се уште тврдеше дека според првичните информации не биле забележани видливи траги на насилство. Анонимен очевидец на настанот тогаш за Радио Слободна Европа ја даде следната изјава:

„Еден висок дечко, крупен, ќелав, му маваше бокс, со нога го удри во глава, му ја подига главата и како од клупата да го мавна, уште еден бокс и одеднаш детето се испружи, потоа го фати го стави на клупата, не даваше знаци на живот.“

Неколку недели по настанот група млади луѓе, организирани преку социјалните интернет мрежи, речиси секојдневно одржуваа протести барајќи стоп за полициската бруталност и правда и одговорност за убиството на Мартин Нешкоски.

На едно од судските рочишта против осомничениот за убиството Игор Спасов, точно пет месеци по настанот, братот на Мартин, Александар Нешкоски изрази сомневање за тоа како тече судењето.

Не бараат докази, јас им носам докази а тие не сакаат да ги уважат, не да ги уважат, не сакаат ни да ги погледна, се се прави за да се заташка случајот.“

Брат Љубе - Прво го направија сестра, па го осудија на 7 години затвор

А ден по парламентарните избори беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски.

„Врз основа на судска наредба изминатиот период неколку месеци се применети посебни истражни мерки токму поради сомнение дека ја злоупотребува службената положба и незаконски ја финансира кампањата“, беше образложението на портпаролот на МВР Иво Котевски.

Судењето за овој случај одеше побрзо и кон крајот на ноември веќе беше донесена пресудата: седум години затвор за Љубе. Сопругата на Бошкоски, Виолета по објавувањето на пресудата најави жалби.

„Очекуваме дека и Апелација е под притисок на власта и дека таму исто така ќе ја потврдат казната. Но очекуваме дека надвор од Македонија ќе ја добиеме правдата.“

Реагираа и роднини и приврзаници на Бошкоски

„Парите во шишиња ги напикаа, не ги осудија, него го осудија.“

„Груевски да видиме дали легално ја финансирал кампањата, милијарди евра даваше за билборди.“
А паралелно со судењето тече и расправата во собраниската комисија за надзор над работата на тајните служби во полицијата и армијата. Опозицијата обвинуваше дека Бошкоски пред апсењето бил прислушуван и бараше увид во документацијата на МВР, а неколку месеци работата на ова тело постојано се одвива со прекини, одложувања, кавги.

Не успеавме ни да се преброиме колку сме

Збор-два и за двата неуспешни обида за спроведување попис на населението. Најпрвин оваа операција, која во сите нормални држави е статистичка, требаше да биде одржана во април, но беше откажана откако парламентарните избори беа закажани за јуни. Но и без тоа организацијата на пописот беше отежната поради недоразбирањата околу застапеноста на попишувачите од заедниците во вкупниот број.

Вториот обид беше во октомври. На ден пред почнувањето претседателката на Комисијата Весна Јаневска поднесе оставка затоа што, како што изјави, се подготвувал пописен фалсификат. Оставка си поднесе и заменик претседателот Абдулменаф Беџети, кој рече дека неговата оставка не е политички мотивирана и оти причините за тоа се отворените прашања од технички, оперативен, просторен и временски карактер. Како и да е, пописот почна, траеше десет дена, имаше многу проблеми, недоразбирања кој треба а кој не треба да се попишува, па на 11-от ден целата пописна комисија си поднесе оставка, а пописот беше прекинат.

„Една од главните причина за да се запре пописот е различната примена на методологијата, пред се на оние членови кои дефинираат кои се лицата што треба да се попишувааат и кои се лицата кои не треба да се попишуваат“, изјави директорката на Државниот завод за статистика Благица Новковска, а членот на пописната комисија Артан Груби вака го толкуваше прекинот:

„Целиот процес е високо исполитизиран и целиот процес има огромно значење за немнозинските заедници поради тоа што нивните права се санкционираат со бројките во овој процес на попишување на населението.“

По ова, опозицијата бараше владата да понесе одговорност за неуспешниот попис и за потрошените 14 милиони евра народни пари.
Добивме препорака, ама прво името за датум

А што се однесува до евроинтеграциите на Македонија, како и спорот со Грција во врска со името, на крајот од годината нема некој видлив напредок, и покрај оптимистичките прогнози на портпаролот на МНР Борче Стамов од почетокот на годината:

„Ние полагаме искрени надежи дека во текот на унгарското претседателство и наредното полско претседателство Македонија ќе биде спомената и се надеваме дека би можело да добиеме датум за преговори.“

Во октомври беше презентиран извештајот на Европската комисија, во кој е повторена препораката за почеток на преговори за влез во ЕУ, но беа потенцирани и неколку проблематични области во кои нема напредок

„За поранешна југословенска република Македонија остануваме на препораката за почеток на преговорите за членство. Како и да е, имаше мал напредок минатава година. Главните предизвици остануваат во полето на независноста на судството, реформите во јавната администрација и борбата против корупцијата. Слободата на изразувањето предизвикува сериозна загриженост. Клучно е да се постигне прогрес за прашањето за името. Не смее да се изгуби уште една година“, рече еврокомесарот за проширување на Унијата Штефан Филе.

На премиерот Никола Груевски не му се допадна тоа, па примајќи го извештајот, директно му се обрати на Филе.

„Да му порачам дека нема да помогне во обезбедување на притисок за решение за името, стратегијата на пренагласување на определени забелешки во однос на судството и на јавната администрација, во склоп со наводниот проблем со слобода на изразување и тоа во услови кога три години спроведуваме суштински реформи во овие сфери кои не биле започнати 17 години и со пренагласување на забелешките за борбата со корупцијата.“

Подоцна овие забелешки, намерно или не, беа подзаборавени, а главниот акцент беше фрлен врз изоставувањето на придавката „македонски“ од извештајот на Комисијата. По реакциите од владата, се надоврзаа невладини организации, институции, спортски федерации, друштва,..., кои праќаа писма до Штефан Филе во кои изразуваа незадоволство поради тоа. Подоцна се потпишуваше и таканаречен Манифест за Македониумот, а и на „Денот на дрвото“, освен тоа што ја засадуваа иднината, луѓето се потпишуваа како поддршка на овој документ.

На 5 декември по неколку одложувања, Меѓународниот суд на правдата во Хаг ја објави пресудата по жалбата на Македонија дека Грција ја нарушила Привремената спогодба од 1995 година со тоа што го блокирала влезот на земјата во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година

„Судот со 15 гласови наспроти 1, утврди дека Хеленската Република, со противењето на прием на поранешната југословенска Република Македонија во НАТО, ги прекршила обврските согласно членот 11 став 1 од Времената спогодба.“

Во дел од македонската јавност оваа пресуда беше примена со воодушевување и со надеж дека таа позитивно ќе влијае врз нашите настојувања за зачленување во ЕУ и во НАТО. Сепак, дека нема да биде така, веднаш ни посочија врвни претставници на двете организации, кои повторија дека Македонија треба да го реши спорот со Грција околу името. И на самитот на ЕУ „македонското“ прашање беше оставено за другата година.

Кошаркарите ја израдуваа нацијата
На крајот од прегледот, да спомнеме дека на 8 септември македонските граѓани ја одбележаа 20-годишнината од независноста, а ако тогаш славеше, на 19 септември Македонија, а посебно Скопје, експлодираше. Имено, на тој ден беа пречекани македонските кошаркари, кои со освоеното 4 место на европското првенство во Литванија, а најмногу со односот спрема националниот дрес, ја одушевија јавноста.

На крај ни останува надеж дека 2012 година ќе биде побериќетна и посреќна и оти ќе имаме многу повеќе поводи за славење како она од 19 септември.
  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG