Достапни линкови

logo-print

Северна Кореја со лелек го испраќа лидерот


Во Северна Кореја е во тек дводневен државен погреб на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ил. Националната телевизија прикажува илјадници ожалостени во гласен плач и со наведнати глави додека мртвечкиот автомобил во кој се наоѓа телото на Ким Џонг Ил минува низ снежните улици во Пјонгјанг.

Северна Кореја која објави малку детали за погребот не покани ниту една странска државна делегација да присуствува на последното испраќање на Ким Џонг Ил. Меѓутоа, аналитичарите сметаат дека сценарио е исто како и за погребот на неговиот татко Ким Ил Сунг во 1994 година, главно со прикажување на воената моќ на земјата.

„Снегот бескрајно паѓа како солзи. Како може да не плаче небото, кога ние загубивме генерал кој беше голем човек од небото?“

Севернокрејците веќе 11 дена жалат по лидерот пред чиј застаклен ковчег се поклонуваа, а пред неговите огромни портрети и центри за оплакување положуваа цвеќиња.
Снегот бескрајно паѓа како солзи. Како може да не плаче небото, кога ние загубивме генерал кој беше голем човек од небото?

„Ќе дадам се од себе во изградбата на просперитетна земја под раководство на генерал Ким Џонг Ун.“

„Член сум на Работничката партија на Кореја. Му останувам верен на генерал Ким Џонг Ун, како што му бев на лидерот Ким Џонг Ил.“

Ким Џонг Ил почина од срцев удар на 17 декември на 69 годишна возраст по 17 години на власт.

Неговиот син Ким Џонг Ун за кого се верува дека се уште нема наполнето 30 години ќе биде третиот од семејството Ким кој ќе раководи со Северна Кореја.

Наследникот на првата, како што ја нарекуваат, комунистичка династија во светот, деновиве беше назначен за шеф на Централниот комитет на владејачката Работничка партија, позиција која му овозможува влијание врз сите институции и му го отвора патот да стане генерален секретар на партијата, највисоката функција во изолираната земја која има 24 милиони жители.

Тој деновиве ги покажа своите дипломатски вештини при пречекот на приватната јужнокорејска делегација предводена од поранешната прва дама 89 годишната Ли Хи Хо при искажувањето почит пред ковчегот на Ким Џонг Ил.

Државните медиуми пишуваат дека Северокорејците треба да станат, како што се наведува, вечни револуционерни другари со Ким Џонг Ун кого го нарекуваат „Сонце на 21 век.“

Истото поистоветување со сонцето го имаа и неговиот татко и неговиот дедо чиј роденден се слави како Ден на сонцето.

Се уште не е јасно кога би дошло до промена на Уставот за да ја рефлектира транзицијата на раководството во земјата која се соочува со голема сиромаштија.

Според податоците на ЦИА, Северна Кореја е на 194 место кога станува збор за примањата по жител. Во текот на деведесетите години од минатиот век земјата беше зафатена со големо гладување кое однесе милион човечки животи.

Амнести Интернешнал соопшти дека скоро 200 илјади Севернокорејци присилно работат во логори.

Но, Северна Кореа има амбиции да стане нуклеарна сила и веќе изведе две атомски проби, додека бројот на војниците е над милион и двесте.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG