Достапни линкови

Чил фолк на Кантон 6


Албумот Чил фолк на Кантон 6.
Албумот Чил фолк на Кантон 6.

Чил-фолк е насловен деби албумот на скопското дуо КАНТОН 6, музичкиот проект на режисерот Синиша Ефтимов и радиоводителот и диџеј Мирко Попов.

По Рок, Турбо-волк, СреЧно, В.Е.П 2015 и Пешкото, КАНТОН 6 го обелоденија и својот прв албум именуван во веќе препознатливиот стил Чил-фолк. Станува збор за звуковна понуда за која Синиша Ефтимов и Мирко Попов, како автори на проектот и првоборци во составот Пи-ем-џи колектив и издавачката етикета Пи-ем-џи рикордингс, ќе запишат дека е „психоделичен микс на звуци, состојби, времиња, ритмови и тела, без стрикна намера да се евоцира иднината, а песните носат силно патриотско чувство, за една поправедна и реална историја, која оваа земја и овој народ би можеле да ја имаат.
Чил-фолк е е еден правец којшто ние се обидуваме да го промовираме како сосема нов и досега непознат во историјата на музиката, меѓутоа може да се претпостави цинизмот и иронијата на целата приказна.
Синиша Ефтимов, член на Кантон 6.

„Чил-фолк е е еден правец којшто ние се обидуваме да го промовираме како сосема нов и досега непознат во историјата на музиката, меѓутоа може да се претпостави цинизмот и иронијата на целата приказна“, вели Синиша Ефтимов.
ПМГ колектив.
ПМГ колектив.

Приспомнувајќи си за почетоците на КАНТОН 6, Ефтимов забележува дека всушност тие започнале пред неколку години објавувајќи еден сингл во списанието Маргина, за да потем по извесен период испровоцирани од Александар Гавровски, кој во емисијата за македонска музика Зависна листа која се емитува на радио Канал 103 ги нарекол чудо од една песна, решиле наново да му се вратат на проектот.
Штом те видам е песна што ја вртиме на радио, ја сакаме, се потсеќаме понекогаш на неа и ни дојде идеја дека може не е лошо да ја реализираме во некоја наша верзија којашто денеска би можела да се пушта во диско на пример.
Синиша Ефтимов, член на Кантон 6.

„Се работеше за еден сам за себе, ќе речам, успешен транзициски период помеѓу албумот „А векот така добро започна“ на ПМГ колектив и оној тампон период во кој не правевме ништо, се затворивме во студио, тргнавме од една песна, од едно ЕП, па второ, трето, почна да добива добар одек во јавноста сето тоа и на крај стигнавме да имаме некои 15 песни“, вели Ефтимов.

Интересно е и тоа што и нивниот матичен состав ПИ-ЕМ-ЏИ КОЛЕКТИВ, на крајот од годинава се појавува со макси сингл каде носечка тема е обработката на стариот шлагер на Александар Џамбазов – Штом те видам.

„Штом те видам е песна што ја вртиме на радио, ја сакаме, се потсеќаме понекогаш на неа и ни дојде идеја дека може не е лошо да ја реализираме во некоја наша верзија којашто денеска би можела да се пушта во диско на пример“, вели Ефтомов.

Инаку, за обвивката на Чил-фолк беше задолжена актерката Николина Кујача, албумот е објавен во ограничен тираж од 100 примероци со можност, како и другите изданија на Пи-ем-џи-рикордингс, бесплатно да се даунлодира од веб-страницата на дискографската куќа, а Синиша Ефтимов на големо работи на својата нова театарска претстава во МНТ.

„Во моментов работам на голем американски познат класик ’Кој се плаши од Вирџинија Вулф‘ на Едвард Олби со Весна Петрушевска, Сенко Велинов, Јелена Јованова и Игор Стојчевски“, вели Ефтомов.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG