Достапни линкови

Неделен печат - Грешеле сите, а само пилотите виновни


Фокус пишува за хелихоптерската несреќа кај Катлановско Блаце во која загинаа 11 мировници на АРМ. Пропусти правеле сите, но Шврговски одлучи да ги обвини мртвите, пишува Фокус. Универзитетскиот професор Мерсел Биљали, пак, во Глобус пишува за, како што вели, трите лаги на актуелната власт.

Неделникот Фокус се осврнува на една актуелна тема во изминатата недела: на одлуката на обвинителот Шврговски, што во еден дел од јавноста и во некои медиуми беше наречена скандалозна: па прашува зошто Шврговски ја игнорира истрагата на владината комисија во анализата под наслов: „Грешел кој стигнал, а сета вина падна врз пилотите!“.

Фокус - Хеликоптерската несреќа не смее да биде затворена на ваков начин
Првата лага е името, втората лага е Скопје 2014, а третата лага е лустрацијата.
Мерсел Биљали, за Глобус.

Авторот потсетува и на револтот на роднините насочен токму кон тоа, зошто никој да не одговара за серијата неправилности што се откриени, затоа што пилотите не биле обучени, за вградената нова опрема како и тоа кој дозволил да се лета по лоши временски услови и зошто, ако било лошо времето, хеликоптерот не слетал во Охрид, или во некоја од касарните, како што било планирано. Вакви пропусти констатира и владината комисија за несреќата, но Шврговски одлучи да ги обвини мртвите! - со резигнација извикува авторот на анализата. А кој е виновен што дозволил необучени да летаат?! Хеликоптерската несреќа во која загинаа 11 мировници не смее да биде затворена на ваков начин! - порачува Фокус.

Глобус - Трите лаги и виртуелната вистина што ни ја пласира власта

За трите лаги и за виртуелната вистина што ни ја пласира актуелната власт пишува во најновиот он-лајн Глобус, еден од неговите колумнисти Мерсел Биљали. Брзо сфативме дека сме биле хранети со празна лажичка, пишува авторот, и дека власта и при вакви пропасти имала медиумска логистика што можеле и пеколот да ни го прикажат како да е рај. Сервирајќи ни ги радосните лаги, а криејќи ги тажните вистини не' убедува дека најдобриот ангел е токму црниот ѓавол. Виртуелен свет создаден од уште повиртуелни водачи.

Првата лага е името со која се заведуваа масите и успешно се маскраа црните дамки. Деновиве власта е растрчана за да добие поддршка за евроинтегрирање со референцата ПЈРМ, а до пред некоја година жестоко се противеше на тоа. Таква можност Груевски имаше уште кога стана премиер, ама изгледа тој тогаш времето го трошеше со продавање ветер и магла, сееше евтин популизам и свиреше антички инструменти што сега многу скапо го жнееме. Втората лага беше Скопје 2014, продолжува авторот на колумната во Глобус. Тој проект требаше да не прави големи зашто сме биле мали, а што се' ќе добиеја граѓаните со 300 милиони евра колку што чини Лажниот проект!? Третата лага е лустрацијата која е посебна приказна. До кај ќе стасаат со вакво незаконие кога си дозволуваат дури и без документи да прогласуваат кодоши, никому не не е јасно. Со тоа не само што се гази врз достоинството на луѓето, туку и се урива правниот систем на државата, што ќе остави длабоки траги и во некое идно време, кога ќе видиме колку скапо не' чинело говорењето на неправдата и молчењето на правдината.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG