Достапни линкови

Изложба на накит и носии составени од пари


Изложба Магичниот звук на парите.
Изложба Магичниот звук на парите.

Со изложбата Магичниот звук на парите се претставува врската помеѓу османлиската парична продукција и примената на монетите како декоративен елемент во накитот и народните носии.

Идејата за изложбата Магичниот звук на парите, чии автори се Драгица Живкова, Татјана Ѓорѓиовска и Славица Христова, е да ја презентира корелацијата помеѓу османлиската парична продукција и примената на парите како декоративен елемент во накитот и народната носија во овој дел од Балканот. Најголемиот дел од изложениот накит и народните носии потекнуваат од скопската област со етничките предели Скопска Црна Гора и Скопска Блатија, како и накит кој се носел во градот Скопје од средината на 19 до половината на 20-от век.
Самиот накит со монети имал и магиско својство затоа што ги заштитувал особено оние кои најмногу биле подложни на лоши влијанија, дали тоа биле новороденчиња, дали биле младоженец и невеста, од злите духови.
Татјана Ѓорѓиовска, етнолог.

„Во суштина, овој накит датира од 19 и 20 век, меѓутоа застапените монети на накитот има примероци кои се од втората половина на 18-от век, значи од султанот Селим трети и навака и исто така специфично е, се сретнуваат одредени примероци на монети најчесто и два типа на монета-пара кована во монетоковницата во Каиро и во Константинопол, тие се со мали димензии и биле погодни и подложни на креативна употреба“, вели Драгица Живкова, виш кустос – историчар на уметноста.

Етнологот м-р Татјана Ѓорѓиовска​дополнува дека монетите најмногу се сретнувале на накитот и облеката на младите жени и невести и дека тој всушност ја отсликувал и општествената положба и економската моќ воопшто на семејството. Говорејќи за одбраниот наслов на оваа навистина интересна етнолошка постановка, таа вели дека тие како потписнички се решиле тој да биде малку и двосмислен.

„Од една страна нели желбата за поголемо богаство, но од друга страна самиот накит со монети имал и магиско својство затоа што ги заштитувал особено оние кои најмногу биле подложни на лоши влијанија, дали тоа биле новороденчиња, дали биле младоженец и невеста, ги заштитувал од злите духови со самиот тој звук кој ги неутрализирал и ги протерувал тие зли духови.“
Кон ова само уште информацијата дека љубителите на уметноста и оние љубопитници кои сакаат да дознаат малку повеќе за историјата на светското монетоковање во овој дел на Европа изложбата ќе можат да ја проследат до крајот на јануари наредната година, а нејзиното одржување и печатењето на богатиот каталот се реализирани со подршка на Министерството за култура, Турската агенција за соработка и координација и Град Скопје.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG